„Зборуе Радио Скопје“…

80 години – радио – 60 години телевизија… МРТВ – вечна

Во развојот на МРТВ, карактеристични се неколку фази. Најпрвин беше радиото. Потоа радиото и телевизијата беа едно. Како што растеше и се развиваше системот, се одвоија, радиото и телевизијата. Потоа соодветно на програмските потреби, кога радиото се етаблира, телевизијата продукциски се поткрена и зајакна, се создадоа услови за отворање на Втората програма, на радиото и телевизијата како комплементарна и алтернативна нужност. Имајќи ги предвид диверзитетот на интересот на аудиториумот и гледалиштето и растот на македонската држава, аудио и виртуелниот одраз како јавен интерес еве веќе полни 80 години, беше и е континуирано дејност во непрегледот содржини, сведоштва и збиднувања проследени и документирани низ програмите на Македонската радио и телевизија.
Со отворањето и доизградувањето на Третата програма на телевизијата, поизразено се одговори на мултиетничкиот карактер на самостојна Македонија. Во процесите на развиток се создадоа професионални кадри, кои успешно одговорија на претпоставените долгогодишни продукциски предизвици. Секојдневно следење на настаните и информирање од историски збиднувања, големи играни серии, подем на документарниот жанр, квалитетна образовна програма, со која пораснаа и другаруваат генерации, слушајќи го и учејќи го македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, се само дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
Радиото и телевизијата како регистратори, производители и умножувачи на световите се вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата, со перформанси содржини, скромна реалност, секојдневно низ години и децении ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај, иако сè уште е во фаза на програмско-технолошка транзиција и еманципација, доживеа бурен развиток со сите последици, кои настануваат притоа, и континуирано беше и е предмет на дебати, дискусии, недоразбирања. Дополнително беше често разбранувана со кампањи, перформанси, најави за окупација и закани од типот МРТВ да гори, да се укине… и уште куп небулози, предлози, сѐ под заеднички именител – дека е владина, провладина, опозициска и им служи на интересите на политиките и дека е производител на медиумски мрак и сл.

Програмите на МРТВ низ годините овозможија афирмација и широка дистрибуција на аудиовизуелни содржини, што беше задача и една од клучните функции, но во поглед на структурата, тие одамна ја надминуваат таа претпоставка и прераснуваат во производители на содржина и жанрови во кои ја компримираат реалноста, ја пресоздаваат и ја вградуваат во етерот како суверена зона на виртуелна репродукција на севкупното општествено-политичко, економско, културно и духовно битие. Голем број паушални оцени, мислења и анализи се стокмени и изречени во јавноста во врска со јавниот радиодифузен сервис на граѓаните, како што милуваат да ја нарекуваат МРТВ. Многу од сето тоа, како и сиот овој транзициски период, одвреме-навреме сѐ уште е во оптек. МРТВ често беше претворена во општо место што го туркаа и тркалаа во своите аматерски неодговорни дискусии и зафати до бескрај. Па дури имаше и отворени повици од позиција на високи функционери во собраниските комисии за медиуми, кои отворено повикуваа да се укине јавниот сервис, дека е бунар без дно и уште куп небулози во смисла – улогата и функцијата на МРТВ би можеле да ги преземат кои било од трговските друштва, национални концесионери, и на тој начин проблемот ќе биде решен. „Визија“ – апсурдно решение за местото и улогата и иднината на јавниот сервис и токму во ерата на апсолутната медијализација и дигитализација на стварноста. Врв на индолентен однос на (не)одговорните инстанци кон овој навидум лесен и едноставен проблем и токму во време кога главните битки се водат во етерот на интернет и кога секој се обидува да изгради „концесија на небото“, што е цел и елементарна стратегија на секоја сериозна држава. Она што не минало низ медиумскиот продукциски обзор – не постои, тврдат и упорно нѐ потсетуваат теоретичарите.
Без оглед на сите премрежиња и драматични превирања низ кои минуваше најголемиот и единствен вистински продуцент МРТВ, со инфраструктура чија вредност од меѓународниот мониторинг е проценета на една милијарда долари, нејзиниот продукциски капацитет и денес е голем и сериозен. Техниката веќе не е нерешлив проблем, таа секојдневно многукратно поевтинува. Може брзо да се фати чекор.
Проблем е дисконтинуитетот на искусни оперативни кадри /не новинари/, кои свесно и намерно се исфрлени од строј. Но со активирање два-три продукциски сериозни зафати /голема играна серија, активирање на неколку детски играно-образовно-воспитни жанрови за што постои одредено искуство, квалитетна забава/ можна е и брза и навремена кадровска консолидација. Со постари искусни кадри во содејство со млади образовани профили низ продукциските зафати ќе се активира и трансформира во од.

Денес сме сведоци на создавање нов медиумски поредок што го обележуваат нов вид услуги, нови системи на испорака и конвергенција на телекомуникациската индустрија. Неопходно е следење на трендовите, но тоа не подразбира медиумска корепетиција и слепо прифаќање готови модели и шеми на репродукција. Свесно и грижливо треба да се штитат и негуваат посебностите и изворните вредности и да се исползуваат новите технологии на најдобар можен начин за заштита, афирмација и развиток на сопственото медиумско битие.
Програмите што ги продуцираше МРТВ во минатото и треба да ги продуцира и во иднина се регистрирање збиднувања, содржини, сведоштва, пресек на севкупното битие, што на почеток, со востановена шема и стандардна динамика во првата фаза на емитување и експлоатација, се телевизиска и радиска програма. Премиерни емитувања, репризи и потоа се документираат, влегуваат и остануваат во депоата како програмско-содржинска ризница на која одвреме-навреме се навраќаме и потсетуваме. Во наредната фаза тие ја надраснуваат оваа улога и стануваат бесценета архивска граѓа – сведоштво за нашето постоење и историско паметење. Честити јубилеите 80 години радио – 60 години телевизија. МРТВ – вечна.

Аљоша Симјановски