Пред некој ден заврши самитот на Европската Унија во Брисел, на кој Македонија ги доби истите забелешки што ги добива со години, односно направете уште една отстапка и повеќе нема да има пречки.
Сега во заклучоците беше наведено дека спроведувањето на уставните измени е последниот услов земјава да почне да ги отвора преговарачките поглавја, односно уште еднаш, којзнае по кој пат, да го отвори Уставот и да прави измени.
А се покажа досега дека со секое ново отворање на Уставот се прават такви скаламуции што подоцна никој не може да ги исправи. Имено, иако текстот на Уставот во својата изворна верзија беше пофален со највисока оценка од релевантни европски експерти, сепак се најдоа таленти што сметаат дека највисокиот правен акт мора да се менува, и тоа исклучиво поради партиско-политички потреби, а не за да се подобрат одредени состојби што покажале слабости. Поради интервенции во Уставот се промени знамето, се откажавме од грижата за малцинствата, се видоизмени карактерот на Македонија како држава на македонскиот народ, се унакази вековното име на државата, се направи етничка кармакаша со проценти, балансери, Бадентери и слично. Тоа се само некои од крупните промени поради кои се менуваше Уставот само заради мир во нечија коалиција и останување на власт, но истовремено се протнуваа и навидум бенигни амандмански интервенции со кои перфидно се инсталираше системска дисфункционалност, која подоцна ги покажа сите свои недостатоци врз кои се воспостави „малициозен вирус“.
Таков „вирус“ беше инсталиран во правосудниот систем така што во декември 2005 година беше изгласан уставен амандман со кој судиите беа ослободени од каква било одговорност за судските одлуки, дури и кога во нив има елементи на прекршено право. Со други зборови, судиите добија заштита како бели мечки во ситуација кога владеењето на правото е највисокиот критериум што треба да го исполни една земја доколку сака да биде дел од Европската Унија.
Попусти се сите гаранции што земјава би ги добила од кого било околу спречувањето евентуални нови бугарски блокади за да се направат уставните измени, бидејќи без владеење на правото, блокада на евроинтеграциите може да стави кој сака и да се повика дека тоа е неисполнување на Копенхашките критериуми. И потоа џабе ќе бидат сите претходни отстапки, ем обезличени и понижени ем дополнително заглавени.
Причините за лошите состојби во правосудството, во еден исклучително голем дел, се кријат исклучиво кај судските органи. Имено, веќе повеќе од очигледно е дека некои од судиите и обвинителите постапувале онака како што тоа го диктира политичко-партиската конјунктура или, популарно кажано, според дневната политика, во согласност со инструкциите што ги добивале од партиските седишта, без чувство за одговорност во исполнување на фундаменталните принципи на правото и правораздавањето. Тоа им го обезбедил токму спорниот уставен амандман, со кој во зависност од дневнополитичките потреби можеле да носат пресуди кој како ќе посака, а притоа влакно да не им фали од главата.
Потврда дека „уставната заштита“ добро функционирала низ годините е разбивањето на системот во кој биле вклучени и одредени судии и обвинители, кои за да држат некој предмет во фиока или, пак, за да донесат некоја пресуда, наплаќале доста дебело. Последното ставање судија на американската црна листа само потврди дека тие се олабавиле до таа мера, што едноставно само чекале ишарет од некое партиско седиште за да отворат, односно да не отворат истрага против некого. Ако лидерот мисли дека е некој виновен, суди го, закачи му и тероризам, опни му 10 години за ќебапчиња, па после продавај „право“ по телевизии и разни поткасти.
Затоа е повеќе од важно да се најде лек за таа системска аномалија, да се тргне од Уставот и да се отвори вратата за одговорност за сите, па и за судиите и обвинителите. Кога тие веќе нема да бидат недопирливи, односно кога ќе бидат под будното око на оние што треба да ја оценуваат нивната работа, тогаш малку потешко ќе оди инволвирањето на политиката во судството. Впрочем, зошто некој судија би заглавил во затвор за да исполнува партиски нарачки? Лично не сум длабоко упатен во правните работи, но, од друга страна, некоја моја проста логика вели дека тешко ќе се добие независен судија кога за нивниот избор се гласа во Собранието. Значи, некој ним им учинил кога биле избрани, па порано или подоцна тие во одреден момент ќе треба да ја вратат услугата. Затоа немаме судство, затоа довербата во судството е на најниско можно ниво, затоа владеењето на правото е само наша пуста желба.
Како и да е, последната американска црна листа, како и случаите со приведување судии и други функционери во судството во врска со разни коруптивни дејства, говори дека работите се размрдуваат и дека повеќе никој не сака да го гледа македонското судство паднато на вакво дереџе.
Затоа е потребно да им се даде простор на судиите што имаат габарит да им одолеат на политичките притисоци, да судат според словото на законот, а не според она што ќе им биде нарачувано од партиските штабови или од „горе“. Понатаму, целиот тој правосуден систем мора да се ослободи од непотизмот, почнувајќи од Академијата за судии и обвинители. Па, не може само синови и ќерки на функционери толку да се способни за судско-обвинителска функција, а обичните смртници да не можат да припарат таму. И како утре тие ќе судат и ќе поднесуваат обвиненија ако на обвинителна клупа се најдат нивни блиски? Сѐ додека така се оставени работите, повторно ќе има нарачани пресуди, само затоа што Уставот ги штити судиите. На крајот, кога веќе постојано се отворал Уставот за да се внесат аномалии во системот, крајно време е да почне чистката на ваквите фалични амандмански црви, кои го нагризуваат системот одвнатре. Време е за судство во кое судиите повторно ќе станат највисокиот симбол на правото и правдата, а не дел од третата власт на која никој не ѝ верува. Довербата од два отсто, ако е и толкава, говори доволно.