Најлудата година во животот

Наближува крајот на уште една година (со уште потенка надеж дека нема да биде чекор кон крајот на светот). Овој пат, сепак, ќе си го дозволувам луксузот на саморефлексија. Толку нешта ми се случија во изминатите 12 месеци, што уште докрај не сум го ставила на кантарот (добро или лошо, дали вредеше). За новогодишните празници се употребува онаа фраза за „најлудата ноќ“ (Балашевиќ тоа убаво го опеа како парада на пијанство и кичерај, иако во друг контекст). Јас единствено знам дека 2024 година ќе ја запомнам како „најлудата година во мојот живот“.
Во ноември-декември минатата година размислував за намалување на темпото и селектирање на ангажманите. Побелените коси ми даваа(т) право да оценам помудро и позрело што е она што е највредно во животот; но, тоа не значи и дека така постапувам. Битката меѓу срцето и умот е (претпоставувам) вечна и не избира доба. И токму кога разумот ќе те подучи на нешто мудро и со помалку адреналин и ризици, на сцената стапува срцето. Ќе направи дармар од сите убаво смислени планови. Како многупати претходно, и тогаш си ветував мирен живот и пишување роман или барем приказна за Македонија за моите внучиња (Лилит не беше уште родена, но знаевме дека се смее и во утробата на мајка ѝ, преку оние фантастични фотографии што успеваат да ја нарушат приватноста и на неродените бебиња).
Ненадејно дојде поканата да се вклучам во донкихотската политичка битка, за која не требаше да се биде многу умен за да се предвиди исходот: левичарите оцениле дека сум најсоодветна за да ги претставувам на претседателските избори. Разумот веднаш рече решително „НЕ“, но срцето (а уште повеќе оној што ми е близок до срцето) се спротивстави со резолутно „ДА“. Умот не може да ја разбере аргументацијата на срцето, а и обратното е невозможно – тие зборуваат со два различни јазика. Иако емоционалната порака беше онаа борбената „гледај го поразот со очи ширум отворени, ама не предавај се и покажи дека идејата се брани и со саможртва“, разумот ми шепотеше: знаеш дека нема да биде лесно и дека ова не е чекор што ќе го заборавиш или ќе ти го заборават. Разумот и срцето чукаа на левата страна, и веројатно тоа ги доведе до примирје за неколку месеци. Мојата политичка 2024 година започна јавно дури во почетокот на февруари, но претходниот период беше интензивен со подготовки на изборна програма, слогани, спотови, планови итн. И, секако, прераспоредување на агендата за да не страдаат ниту професионалните ниту другите обврски поради мојот излет во политиката, во која имав улога на жртвено јаре. И од тогашна, ама уште повеќе од сегашна гледна точка, чувствувам доза на вина што веста не беше соопштена веднаш туку дури во февруари на прес-конференција. Внатрешните партиски тела си ја изведоа постапката во согласност со поставените принципи и чекори, но јас не бев таа што можеше да ѝ го соопшти тоа на пошироката јавност. Тогаш сфатив дека во вакви ситуации не одлучуваш сам, туку си дел на тим што има и свои резони и причини, со кои јас и не морав да се согласам сосема.
Новинарите веднаш ме дочекаа со недоверба, со теза дека ќе трчам за некој друг, дека ќе земам и давам гласови. Останав доследна на кажаното уште во првиот миг: ќе се борам најдобро што можам и знам, пазарење нема, ниту глумење. Свесна бев дека кај партијата што ме поддржа водеше разумот (кој знае и да згреши, нели, бидејќи есапот дома и оној на пазар не се исти): ним им требаше поттик, продолжување на времето за промоција/кампањата, докажување и мобилизирање на членството во фазата на (неверојатно тешката постапка) собирање потписи и потоа парламентарните избори. Кога првиот предизвик се надмина, не се ни постави прашањето за одење во втор круг. Знаевме дека тоа е невозможно. Јас, единствена со радикална левичарска агенда, мировничка и анти-НАТО, како и за мултиполарната алтернатива за светот наспроти преостанатите шестмина со машинерии, амбасади, финансии и согласност околу неолибералното и империјалното статус кво – сето тоа беше дефиниција на испаѓање во првиот круг. Прагматичната математика (која излезе погрешна иако јас не бев „математичарот“) покажа дека очекуваниот наплив на левоориентирани гласачи што ќе значат ветер в грб за поважниот втор дел од битката на парламентарните избори, остана понизок од неретко „напумпаните“ бројки од 60, 80, па и 100 илјади гласа (кои како летки се фрлаа на митинзите).

Не беше лесно да се изоди тој пат, болно беше на моменти да се види испустена и празна Македонија, но за првпат во животот имав апсолутна можност да ги „легализирам“ политичките наративи, кои инаку би биле осудени како бласфемија, па и како непријателски. Подбивањата, клеветите, озборувањата и навредите не ме допираа, бидејќи сепак околу себе го носев штитот на Јованка Орлеанка, исткаен од довербата и благодарноста на многу обични луѓе, кои беа благодарни што го зборувам токму она што тие го мислат. Најтешкиот миг беше вечерта по завршувањето на гласањето; не поради некое мое разочарување, туку поради она што го видов во очите на моите тогашни соборци. Знаев дека сум потфрлила, односно дека ќе бидам обвинета за неуспехот. Впрочем, затоа бев и избрана – ако и бидам лузер, барем не сум дел од нив. Како јас го доживеав (дури би рекла и мајчинското) чувство дека сум ги изневерила оние што ми биле драги и не сум им го дала она што го очекувале, само јас си знам. Но и моите најблиски, кои се обидуваа да ме дигнат од темната бездна на депресијата. Ми олесна дури кога (на ФБ) ја видов сликата од забавата и среќните ликови на шестемина борбени пратеници; тоа значеше дека не сум придонела за некакво фијаско. Не е лесно да играш однапред зададена улога на губитник (особено за човек како мене научен да биде на научниот врв, ако не на друг); но очекуваш барем човечки подадена рака, јавување, „како си? се држиш ли?“ или еден кафе-муабет. Но животот тече понатаму и не ти дава време за премногу размислување над истурено млеко. Среде хаосот се роди Лилит, жива, здрава и гласна (како мајка ѝ и баба ѝ, хаха). Тоа беше ноќ на ѕвездено небо и огномет и две шишиња шампањско што пукнаа во нејзина чест. Но, баба имаше трка да ја истрча докрај, па дури потоа да скокне за да ја види и бакне.
Велат работата е најдобар лек за сè. Едвај и да имав време да закрепнам, а веќе почна да притиска стресот од втората огромна задача што си ја имавме преземено како Центар за глобални промени: организирање научна конференција на врвно ниво. Факултетот, според некои чудни правила, има средства за џингерлаки и сплавови и музики кога се институти во прашање, но центрите биле смислени како самоодржливи (главно виртуелни) ентитети. За кои дури и ми беше кажано дека требало да му носат пари на факултетот. Нема да ве заморувам со таа сага, бидејќи и врапчињата знаат колку беше тешко да се моли и буквално проси за секој денар, но имаше од мајка родени што се појавија кога беше најтешко. УКИМ ни додели почетен грант, кој не само што не беше доволен туку и тешко можеше да се покријат со него оние потреби што ги имавме. Со донации, со grass-root кампања (одоздола, од обичните луѓе), успеавме. Откривме дека „обичните“ се многу необични, херојски и умни суштества – поумни од учените. Матицата на иселениците работеше повеќе од факултетот, кој изгледа само чекаше да му капне нешто во ќесето како арач. Јас и колегите што ја остваривме оваа извонредна конференција (достапна на Јутјуб со сите панели и сите брилијантни презентации) не зедовме ни скршен денар хонорар. Сè беше на волонтерска основа.

И бевме среќни, пресреќни што нашите странски колеги уживаа во ретко стимулативна академска дебата. Сагата со моето разрешување поради успешна конференција заврши пред некој ден: без образложение, освен што деканот (мој бивш студент) се повика на членовите што му даваат дискреционо право: да постави и разреши. Како ќе му текне, бидејќи му се може. Што можев освен да се изнасмеам што Бакрески ме лишил од едно неплатено, а многу напорно место на раководител? За таа каста позициите значат многу, дури и по цена на резилење на цел универзитет (сите странски членови на Меѓународниот борд на центарот дадоа оставки). За мене резултатите (академските, отаде Табановце) секогаш биле она што вреди најмногу. Финалето на Центарот ми ја прави 2024 година не само луда туку и трагикомична епизода. Не отидов на годишен одмор, во конференцијата донираа и моето семејство од Канада и од Дубаи, па дури и јас самата (од страв се бега, ама од срам не). И за кого? За што? Ај, ќе ми дојде умот/разумот.
Најубавиот период од 2024 година дојде во втората половина. Ми се отвори (незападниот дел од) светот. И вијугите и чакрите. Особено со двете конференции во Кина и една (на највисоко ниво) во Русија. Беше фантастично да излезеш од кафезот на лажниот, па дури и неморален наратив (кој легитимира растурање држави и поддржува геноцид). Беше интелектуално провокативно да се зборува од говорница за деликатни теми и да се каже што се мисли, па макар и небото се урнало. И потоа да дојдат признанија: „Секоја чест за храброста и за свежиот поглед на глобалните случувања“. Сфаќаш дека сме дел од светот, сфаќаш дека му припаѓаме и имаме што да кажеме, не сме (сите) кафеави сахиби со заробен ум. Сега се радувам на безброј можности за соработка на проекти, предавања како визитинг-професор, објавување статии на сите меридијани. Велам сега, а мислам и на идната 2025 година, на која многу ѝ се радувам. Тоа е времето кога решив предвреме да заминам во пензија. Се надевам дека студентите ќе ме разберат – тие беа најсветлата точка на мојот академски живот. Како што велеше Чомски: во академскиот свет нема многу добри луѓе. И во право е. Од дете не сум чувствувала таква радост во пресрет на една календарска пресвртница.