На разминување

Во движење, на разминување, крадам муабет од тројца мажи. „Вози, Мицко!“, со кикот вели првиот, малтретирајќи ја култната реплика од уште покултниот филм на црниот југословенски бран, „Кој тоа таму пее?“ На „Дон Кикот“, се надоврзува вториот со цинична смеа, „Мој Мицко може и со врзани очи“, продолжувајќи да го изветоперува филмскиот дијалог. „А бе, смејте се вие“, реагира третиот без да се смее, „ама како беше досега, а веќе не е, и со врзани очи да работи Мицкоски, ќе сработи стопати повеќе и подобро од претходните“.
Интересно е деновиве човек да краде туѓи муабети на разминување, реплики од маалски гачки или, демек, сериозни политички анализи. „Работи Тошковски, а“, го закача постариот господин својот помлад комшија на излегување од супермаркет, патем, двајцата познати како политички спротивставени. „Да бе, работи…“, му се врекнува вториот, „не гледаш дека сите му избегаа?“ Постариот очигледно тоа и го чека, па смеејќи се враќа, „Е да, во ваше време никој апаш никаде не бегаше, сите си ги имавте во влада“ и јас тука им го одминувам муабетот итајќи по своја работа.
Изминативе недела-две навистина е непријатно да се слуша благо шлогираната нарација на партиските фаци од минатата владејачка коалиција, за сето она што власта го работи за да ги санира катастрофичните последици од колапсот што претходните го оставија, иако, искрено, веќе и не станува збор само за санирање, туку и очигледно унапредување во сите сегменти, а уште не почнале ни сопствениот проектиран буџет за следната година да го спроведуваат. А бе, знам јас дека ова звучи мегафонски и не ми пречи да мрчите, само ако може да не доаѓа од оние на кои изминативе седум години мегафоничењето им беше вработување.
Битно, СДСМ се ребрендира, се реформира и тргна во поход да нè реанимира од заблудите дека во државата конечно почна нешто конкретно и корисно да се случува. Внесоа свежина во секојдневието окупирано од лошите вмроовци. Не само што ја исфрлија сопствената ароганција како што сами кажаа, туку донесоа и нови термини на кои никој друг досега не се сетил, па така, ни кажаа дека во државата владее режим, третиот столб расцветан како пупка станува „сваровски“ судство, власта е комплетно изолирана од меѓународниот фактор и токму затоа, со помош на ДУИ го загрозуваат меѓуетничкиот соживот бидејќи немаат што да понудат, оти за разлика од нив, не се предодредени да владеат. Генијално, нели? Останува уште да се сетат на ептен оригинална идеја… шарена револуција.
Како што деновиве се разминувам со интересни маалски муабети, така се разминувам и со наслови од светски медиуми и со задоволство не се задржувам на нивната севкупна содржина. Стварно не ми се навлегува во детали, оти во деталите, нели, се крие ѓаволот, а мене ми е познато дека е глупо со него човек да си има работа. Но и од тие разминувања некако успевам да ја потфатам суштината, иако денес, суштината е релативна работа. Битно е како се пакува формата за полесно да се проголта плиткоста на празнотијата.
НАТО и Русија ме враќаат во детството. Им благодарам. Ги слушам што си дофрлаат и тоа ме потсетува на оние безгрижни денови кога среде пеколно лето, седнати под некоја сенка, која и не помага којзнае колку, омлитавени од жештината, разменувавме чудни реченици од типот, „мојот постар брат е посилен од сите ваши браќа… и сестри“, „да, ама тато е посилен од твојот брат“, „може твојот татко е посилен од неговиот брат, ама мојот вујко има нааа толкав камион и со него може сите да ги згази“ и така натаму, додека мајките не се развикаат од дворовите да се прибираме за да не нè фати сончаница. Е па, слично е сега со НАТО и Русија. „Тоа ракетата ’орешник’ ви е баш без врска“, им дофрлаат западните воени стратези на Русите преку оградата, „секој наш систем за ПВО веднаш ќе ја собори“. На тоа им враќаат Русите, „ај, ставете ПВО-систем на кој сакате објект во Киев, па да видиме дали ќе ја пресретне“, а јас треперам од детска возбуда и се нервирам што немам пари да платам кирија за станче во некоја киевска населба (немам баш пари и тукашнава кирија да си ја плаќам навреме), за да им речам, еве сум, вие ставете го тоа системот кај мене на тераса, вие гаѓајте со тоа ракетата, па да немам време да сфатам кој е посилен и да заминам онаму од каде што нема враќање.
И со информациите за Сирија се разминав, ама и нешто фатив, колку да имам што да напишам. Пристигна демократија низ Сирија. И тоа во многу понапредна фаза, оти ние другите најчесто имаме да избираме две опции. Од позиција на обичен сириски граѓанин кај нив демократијата добива фасцинантен напредок. Прво ги убиваше режимот на Асад и тоа беше диктатура. Потоа се појави вооружената сириска опозиција (еден од поглупите термини што го смислија медиумите на меѓународната заедница, иако конкуренцијата за глупи термини е огромна), па сирискиот граѓанин се соочи со демократски избор, дали ќе го убие режимот или вооружените опозиционери. Се појави и ИСИС, па они додадоа во изборот на тоа кој сакаш да те убие. Тој ИСИС сега го ребрендираа во ослободител, па изборот, од која страна ќе дојде насилна смрт, станува толку разнолик, како да си влегол во маркет за време на блек фрајдеј.
Светските медиуми пишуваат за страшна економска криза што полека ја зафаќа Германија. Би ги замолил Германците да не паничат. Државата им е полна со Балканци. Секој Балканец е роден, растен и избеган од таква криза. Со еден збор, имате едно чудо експерти за тоа како со години се живее и функционира во криза, а насмевката не исчезнува. Нека отворат Балканциве курсеви за справување со разни видови кризи, тоа секако може да биде од корист за расположението на нацијата.
Туку скопјани не се знае колку дена ќе немаат вода. Не знам дали поправањево на дефектот е комплицирана работа како вадење лични документи од пред избори или постои знаење како брзо и ефикасно се прави тоа, ама знаењето го украдоа Кинези и Јапонци и не го даваат, но скопјани изненадија. Они секогаш се чекор напред… да ти извадат очи ако се фатиш за шише вода, кое некој се намерачил да го испие тука во маркетот за да има резерва течност во себе, оти нема место во количката што веќе до врв ја наполнил со шестлитарска пластика. Како утре да ќе снема вода во продажба. Ма, остајте ме, само да се мрчело, урбаните скопјани се чекор напред зашто превенираат, ем решаваат проблем со вода, ем тренираат ако утре има нуклеарна војна. И додека чекам со леб и пиво во ред на каса, на тој пред мене, со шеесет и осум шишиња во количката, му велам, „знаеш дека освен проблем со водава, имаме и сериозна криза со наталитет?“ Ме гледа со нервозна зачуденост и, „па што да правам јас?“, ме прашува. „Е*и се!“