Поранешното лево ракометно крило на македонските шампиони Металург и Вардар, косовска Приштина и на хрватски Умаг, како и на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија, беше едногласно избрано од присутните 37 спортски федерации и општински спортски сојузи членки на собранието на ССФМ
Во Скопје се одржа редовното собрание на Сојузот на спортските федерации на Македонија (ССФМ), на кое на дневен ред беше избор на работни тела, усвојување на записникот од претходното собрание, извештај за работата на Сојузот и реализација на програмата, како и финансискиот извештај за 2023 година, а годинава собранието го имаше предзнакот изборно, со оглед на фактот што досегашната претседателка Наташа Илиевска-Јордановска го заврши својот втор четиригодишен мандат на чело на Сојузот. По предлог на кандидациската комисија, како единствен кандидат за нов претседател беше предложен Мартин Клинчаров. Поранешното лево ракометно крило на македонските шампиони Металург и Вардар, косовска Приштина и на хрватски Умаг, како и на кадетската и на младинската репрезентација на Македонија, беше едногласно избрано од присутните 37 спортски федерации и општински спортски сојузи членки на Собранието на ССФМ.
Во својот говор Клинчаров прво ги поздрави присутните и им се заблагодари на честа и довербата да ја води оваа институција во наредниот четиригодишен период, бидејќи станува збор за организација со голема традиција, формирана во 1945 година како Иницијативен фискултурен одбор на Македонија (ИФОМ), со прв претседател Густав Влахов, менувајќи ги својот облик и име, за во 2002 година да прерасне во Сојуз на спортските федерации на Македонија со 45 национални спортски федерации и шест општински спортски сојузи како членки.
Во поглед на програмата за 2025 година, Клинчаров истакна дека сигурно ќе претрпи одредени измени од она што е претходно поднесено, со оглед на фактот дека во соработка со Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски се планира акцентот да се стави на неколку големи традиционални настани, како, на пример, охридскиот пливачки маратон, струшкиот ракометен турнир, боксерскиот „Златен гонг“, меѓународниот турнир во борење „Македонски бисер“, традиционалниот меѓународен Илинденски кајак-слалом (ИКАС) итн. Во фокусот остануваат едукациите и семинарите, како и допинг-контролата, која е исклучително значајна во градењето здрави спортисти. Исто така, работата со лицата со попреченост и со Даунов синдром ќе биде на врвот од приоритетите во програмата за следната година.
На крајот, новоизбраниот претседател Клинчаров ѝ се заблагодари на досегашната претседателка Наташа Илиевска-Јордановска за успешната работа во изминатите осум години, со надеж дека ќе остане активна и понатаму и со своето искуство ќе придонесува за развој на спортот во Македонија, информираат од Сојузот на спортските федерации на Македонија. Г.И.