И тука доаѓаме до поговорката од насловот, малку парафразирана, но секако со силна порака дека сега е време нашите државни институции (во конкретниов случај, правосудните органи) да покажат дека си ја знаат и си ја умеат својата
работа и дека нема да потклекнат под надворешни (политикантско-корупциски) притисоци и искушенија. Сега на испит се обвинителите, со педантна
постапка да обезбедат доволно цврсти докази за да можат судиите да постапуваат во соодветна процедура. Со тоа, на најдобар начин ќе се демонстрира дека започнува процесот на заздравување на правната држава, конституирањето на системот на кој сите се повикуваме. Тоа е шанса да се постапува секаде каде што ќе се најдат доволно елементи за санкционирање, се разбира ако се обезбедат соодветни докази
За правниците вообичаено се верува дека имаат солидно познавање на латинскиот јазик, бидејќи во текот на својата едукација се среќаваат со голем број латински изрази. Така барем било отсекогаш. Затоа и денеска како лајтмотив ни се наметна латинската фраза Hic Rhodus, hic salta или во превод – Овде е Родос, овде скокни. Преносното значење на оваа фраза е „овде/сега покажи што знаеш и можеш“.
Повод за навраќање на оваа често користена фраза ми се последните полициски акции во државата, кои го разбудија вниманието кај македонската јавност, која со право очекува надлежните институции да започнат сериозна пресметка со криминалот и корупцијата и на тој начин да создадат услови за напредок и просперитет на земјата, во насока на нејзина побрза интеграција во Европската Унија.
Впрочем, она што Унијата и стратегискиот партнер САД го очекуваат од македонските власти е да почне функционирањето на правната држава и преку неселективен пристап да се пресечат краците на криминалните и коруптивни елементи што со години го држат во заложништво целото македонско општество.
Во тој контекст можеме да ги протолкуваме полициските акции што деновиве се случуваа во Скопје, при што во координација меѓу обвинителството, полицијата и други институции беа приведени повеќе лица и беа поднесени кривични пријави по неколку основи. Пред сѐ, беше разбиена терористичка ќелија, со апсење на четири лица, потоа беше сузбиена 18-члена организирана криминална група, која извршувала убиства и изнуди, а е поврзана и со палењето на автомобилите на вработени во затворската полиција и, конечно, третата акција беше за разоткривање голема коруптивна афера во која директно се инволвирани високи функционери и вработени во државни институции.
Овие акции, заедно со оние што се одвиваат во миговите додека се пишуваат овие редови, како и оние што се најавени за наредниов период, недвосмислено покажуваат дека почнува да се отвора спиралата на борбата со сериозниот криминал. Навистина сме на првиот чекор, но според она што го гледаме сите овие денови, како и сериозноста на најавите дека нема да се застане тука, кај граѓаните се враќа вербата дека сепак нешто се движи и дека нема да се отстапи од најавеното.
Отворањето на неколку сериозни случаи, од кои дел своите корени ги влечат со години наназад, е сериозен показател дека институциите на системот се истрајни во најавите дека нема отстапки за никого и дека само на тој начин можат да си ја вратат изгубената доверба кај народот, пред сѐ во правосудните органи.
Во овие рамки не треба да испуштиме од вид и уште еден сегмент, кој сериозно придонесува за постоење на недовербата кај граѓаните во правосудниот систем. Тоа е фактот дека, според укажувањето на експертите, но и на обичните граѓани, во процедурата доаѓа до „исчезнување“ на некои предмети во граѓанските парници. Како што укажуваат нашите граѓани, едноставно предметите се „пикаат по фиоки“ и тука се забораваат со години, додека не застарат.
Ваквата појава дополнително ја билда недовербата кај граѓаните, кои од тие причини со голема надеж гледаат кон последните случаи во исчекување каква ќе биде нивната разврска, дали ќе бидат соодветно процесирани или, пак, и тие ќе бидат заборавени во некоја фиока.
И тука доаѓаме до поговорката од насловот, малку парафразирана, но секако со силна порака дека сега е време нашите државни институции (во конкретниов случај, правосудните органи) да покажат дека си ја знаат и си ја умеат својата работа и дека нема да потклекнат под надворешни (политикантско-корупциски) притисоци и искушенија. Сега на испит се обвинителите, со педантна постапка да обезбедат доволно цврсти докази за да можат судиите да постапуваат во соодветна процедура. Со тоа, на најдобар начин ќе се демонстрира дека започнува процесот на заздравување на правната држава, конституирањето на системот на кој сите се повикуваме. Тоа е шанса да се постапува секаде каде што ќе се најдат доволно елементи за санкционирање, се разбира ако се обезбедат соодветни докази.
Ако сето ова се испочитува, а нема причина да не се случи тоа, сигурно е дека ќе ги охрабри граѓаните да почнат да веруваат дека имаме функционално општество. Дека институциите лека-полека се надградуваат за да покажат дека можат да ја градат демократијата кон која сите се стремиме.