Возбудата во говорот на нашата Лабина Митевска при врачувањето на наградата за меѓународни копродукции на „Еуроимаж“ во Луцерн, Швајцарија, ја почувствуваа и присутните во салата, меѓу кои беа и Вим Вендерс, еден од најголемите режисери на денешницата, актерката Жилиет Бинош, извонредната Изабела Роселини, Ралф Фајнс и многу други ѕвезди од европската и светската филмска индустрија…
„Многу ретко можам да зборувам на македонски јазик, ви благодарам поради ова. Вистинска чест е што ја добивам оваа награда. Благодарност до Европската филмска академија, до ’Еуроимаж’, до Советот на Европа. Знаете дека без вас европскиот филм денес ќе беше многу поинаков. Пред 25 години, кога ја формиравме нашата компанија, долго време бев единствената жена продуцент, а сестра ми беше единствената жена режисер во нашата мала но убава земја Македонија. Ни требаа години и години да се докажеме во балканското мачо-општество. Бевме жени и сакавме промена. Сакавме да докажеме дека филмот не е единствено и ексклузивно за машки филмски професионалци. Сакавме да правиме европски копродукции со вклучување повеќе жени и, најважно, сакавме да правиме бескомпромисни филмови. Не беше лесно и сè уште не е лесно. Но ние, сестра ми, брат ми и јас, верувавме дека уметноста, дека филмот ќе го промени светот. И денес веруваме дека филмот ќе го промени светот, ќе ни даде друга перспектива на светот. За жал, светот во кој живееме денес е сѐ потажен и потажен…“, рече во своето емотивно обраќање нашата Лабина Митевска при врачувањето на наградата за меѓународни копродукции на „Еуроимаж“ во Луцерн, Швајцарија, пред преполната сала со некои од најзначајните имиња во светот на филмот. Нејзината возбуда очигледно ја почувствуваа и присутните во салата, меѓу кои беше и славниот Вим Вендерс, еден од најголемите режисери на денешницата, актерката Жилиет Бинош, извонредната Изабела Роселини, Ралф Фајнс и многу други ѕвезди од европската и светската филмска индустрија…
Возбудата ја почувствувавме и ние што не бевме таму да ѝ аплаудираме, затоа што ова беше редок момент за македонскиот филм и за нашата земја во смисла на национална гордост, но уште повеќе за оние што сѐ уште безрезервно се залагаме за поголема видливост на жените, за оние што не можеме да ја прифатиме тезата дека феминизмот повеќе не ни е потребен, дека е мртов, за оние што знаеме дека борбата за еманципација на жените создава подобар свет – егалитарен, праведен и слободен.
Затоа, ако сме објективни и реални, денес, во ерата на суров капитализам, покрај видливата класна нееднаквост, многу присутни стануваат и оние невидливите, „неекономските“ неправди, како што се семејното насилство, сексуалните напади, репродуктивното угнетување, фемицидите, објективизирањето на сликата на жената во медиумите и во јавната сфера… И ако ова се случува во т.н. развиени општества, што останува за другиот дел од светот? Затоа што ние не сме репер за глобалната ситуација на жените низ светот, во некои општества жените се соочуваат со многу сериозни проблеми и неправди. Во Авганистан, на пример, жена не смее да излезе надвор од својот дом без машка придружба! Вознемирувачки се намерните и систематски напори на талибанската влада да ги истисне жените и девојките од јавната сфера…
Деновиве присуствував на уште еден настан на „женска“ тема, одбележување на 80-годишнината од формирањето на масовната женска организација АФЖ во Македонија во Кинотеката на Македонија, од каде што беа упатени пораки за недовршената револуција, за женските права што сѐ уште се загрозени, за губењето на придобивките од борбата на АФЖ во светот што е исправен пред нов вид на „мутиран фашизам“ во сите општествени сегменти. Борбата не смее да престане поради галопирачкото назадување на напредокот на женската општествена положба.
Со години феминизмот беше закопан во мејнстримот, заедно со социјализмот и марксизмот, како некаков реликт од минатото, што е сосема погрешно затоа што феминистичките идеи се клучни не само за жените туку и за целото општество, особено во денешниот неолиберален капиталистички систем.
Возбудата ја почувствувавме и ние што не бевме таму да ѝ аплаудираме, затоа што ова беше редок момент за македонскиот филм и за нашата земја во смисла на национална гордост, но уште повеќе за оние што сѐ уште безрезервно се залагаме за поголема видливост на жените, што не можеме да ја прифатиме тезата дека феминизмот повеќе не ни е потребен, дека е мртов, што знаеме дека борбата за еманципација на жените создава подобар свет – егалитарен, праведен и слободен
На едно од таквите мислења дека феминизмот е мртов и дека повеќе нема суштина и функција, се спротивставуваат и Лабина, со својот говор испратен од блескавата сцена во Луцерн, и активистките од бината во Кинотеката, а треба да се спротивставуваме и сите ние, и не само женскиот дел од популацијата туку генерално како општество, затоа што феминизмот е континуиран процес и борба за еманципација, тој не ги засега и не се однесува само на жените зашто неправдата се рефлектира на сите слоеви во општеството. Тој значи градење заедница на рамноправни единки во кое нема привилегирани и маргинализирани и каде што грижата за секој поединец е важна.
Да се биде феминист значи да се биде еманципиран човек, секој што не го разбира или погрешно го разбира вистинското значење на зборот (како некаква одбивна женска супериорност), а таквите, и жени и мажи, ги има во изобилство, прво треба да се запраша дали верува во човекови права, затоа што феминизмот подразбира еднаквост за сите врз основа на идејата дека на секој поединец, без разлика на полот и родот, треба да му бидат загарантирани достоинството, автономијата и правото на избор. Тука станува збор само за еднакви услови за живот и еднакви права за сите, социјална правда, безбедност и еднаквост.