Првите ковани пари или првите пари се пронајдени во Лидија, Јонија и во некои делови од Мизија и Карија. Значи, на просторот на Мала Азија. Биле изработувани од електрум, уметнички добиен метал настанат од додавање злато врз сребро. Има полемики за периодот кога се исковани. Едни научници сметаат дека тоа се случило во последната третина на седмиот век, околу 630 години пред Христос, други тврдат дека станува збор за средината на 6 век, 550 години пред Христос. Творец, човекот, роб на парите, повторно неговото разумно височество.
Бидејќи кованиците од електрум биле исклучително скапи, не се користеле за обични трговски трансакции во секојдневието. Таа непрактичност на скапите кованици ја сменила севкупната состојба. Денес, пак, како да се движиме во спротивна насока (платежни и секаков друг вид банкарски картички, крипто и електронски валути, безготовинско плаќање), со цел да се намали количеството свежо печатени банкноти заради опасност од фалсификати и инфлаторни процеси. Дали? Се чини како некој да посакува и инсистира на таа практика. Инфлацијата ем збогатува ем осиромашува.
Што се однесува до хартиените банкноти, тие за првпат се отпечатени во 7 век во Кина. По 400 години, еве ги во Шведска. Во Стокхолм за првпат во Европа е издадена првата хартиена банкнота. Трговците веднаш реагирале. Тие сметале дека тоа ќе предизвика паѓање на монетарниот систем. Шведските власти отпечатиле банкноти со најмалку 16 сертификати потврдени од релевантни лица, кои ги ставиле своите потписи како гаранција за вредноста. Како шлаг на торта, се раѓа специфична институција. Дефинирана е како организиран простор во физички и деловен облик на кој по строго утврдени правила се тргува со хартии од вредност и пари. Во средниот век биле познати слични места во Тулуз, Венеција, Болоња, Марсеј или Џенова. Берзите дејствувале сигурно за можни трансакции. Таму се среќавале купувачи и продавачи што по строго определени правила тргувале помеѓу себе. Денес тие се посветени на финансиски трансфери (Чикаго е најголемата берза за жито, на пример) и наедно се барометри за стресови. Па така, учесниците во „игрите “ се изложени на стресови и потреси, на неизвесност и очекувања.
Берзата го добила името во Бриж, на дворот на едно банкарско семејство Ван дер Бурсе, на чиј семеен грб хералдички биле поставени две кожени ќесиња (латински бурса) со пари. Берзите имаат свои индекси. Водечки се Дау Џонс, ФА-3, Фајненшл тајмс, Цац, Никеј и тие ги диктираат вредностите на понудата и сите придружни активности.
Чуму сево ова? Едноставно, економијата подразбира плодење на пари. Ги плоди парите, го полни ќесето и го контролира. Развива претприемачки дух, а со тоа и доминација во сите сфери од животот. Обезбедува респектабилна статусна позиција, гарантира конкурентност, која би требало да ја подобри понудата и да ја приближи што е можно повеќе до џебот на корисникот. Ако е така, тогаш зошто економски војни и отстапување од правилата со нивно приспособување кон моментот? Се разбира, како и во повеќето области во доменот на ќесето, кај луѓето постојат и генетски застранувања што се одраз на поставениот код, кој тешко ги менува навиките и често ги протежира пороците на сметка на правилата и разумот. Посебно треба да се истакнат потребите од шпекулативни дејства за остварување на целите, кои на среќните им носеле купишта стресни пари. Во сиот тој галиматијас, високо место на пиедесталот на финансиите заземаат и даночните раеви – пералниците на валкани пари. Зошто служат тие?
Кон крајот на 1590 година, холандската берза ја зафаќа тулипоманија (лалиња). Лалињата потекнуваат од Турска, но сега се појавиле и во Холандија. Најбарано лале било „семпет аугур“. Во 1624 година имало само 12 луковици од таа сорта. Цена по парче била 1.200 флорини. Тоа ги примамило инвеститорите. Наскоро почнале да се негуваат во сите градини низ земјата. Во тоа време на берзите биле доминантни акциите на Источноиндиската компанија, кои носеле огромна заработка. Но бизнисот со луковиците далеку ги надминал вредностите на тие акции. Лицитациите за луковици се одвивале на сите места, па дури и во кафеаните. Со таа трговија започнале да се занимаваат сите друштвени слоеви од општеството. Од работници на пристаните, па до аристократијата. И бидејќи лалињата се продавале преку целата година, а купената стока се испорачувала во лето, дошло до состојба на временски расчекор, кој им овозможувал на трговците да шпекулираат. Трансакциите се одвивале со секавична брзина, така што само една луковица во текот на денот менувала дури и по тројца сопственици. Во таа 1637 година дошло до првото „паѓање “ на берзата бидејќи инвестицискиот меур бил толку напрегнат што морал да се распрсне. Едноставно, не бил во состојба да издржи толкав расчекор помеѓу понуденото и побарувачката. Доаѓа до драстичен пад на цените и илјадници луѓе банкротираат. Тоа е првата шпекулација на берзата, а како причина се наведува алчноста на инвеститорите. Дали оттогаш нешто се променило? Очигледно, живееме ново време со нови потреби, понуди и побарувачка.
По големата депресија од триесеттите години на минатиот век, хипотекарната криза што ги зафати САД и банкарскиот систем (Леман брадерс), во кој беше интервенирано со над 800 милијарди долари со тогашна вредност, се смета за една од најстрашните. Потоа, сето тоа се прелеало и во Европа. Законот за реформа на Волстрит на Дод-Франк за заштита на потрошувачите во 2010 година, бил прифатен од голем број земји во светот.
Ќесето е потреба, ќесето е егзистенција, ќесето е авторитет зад кој се кријат многу фалинки. Но во него се крие влечуга што во секој момент може да го исплази јазикот и да загризе. Со еден единствен потег може да ја поништи нивната примена и практичност. Тој е творба на таламусот и на генетската структура и е во тесна симбиоза со финансискиот свет. Без него, можеби сѐ би било поинаку, но и тоа „поинаку“ сигурно би влечело енергија од шпекулативното влијание на алчноста на единките.
Форбсовата листа ја дефинира величината на „мајсторите“ на берзанските игри. Таа се менува во зависност од постигнатите резултати на милијардерите. Нејзин реципроцитет е екумената на бедните, но таа има само статистика, а не и листа. Да се разбереме, овде станува збор за легално богатење со помош на умеење и изграден инстинкт во берзански трансакции. За големо чудо, сѐ помалку има губитници од редовите на перманентните добитници што би си кренале рака за погрешните берзански политики, кои се реткост.
За само една ноќ, богатството на филан и фалан човек од листата се триплира. Берзанските движења се дел од економијата, економијата е политика и обратно. Знаете за јајцето и кокошката. Кој од нив е постар? Сето тоа како симбиоза го води овој свет, ја води оваа наша цивилизација. Веројатно дека кршот на берзите кулминира со постапките на инвеститорите и нивната алчност. За жал, паѓањето на берзите за последица ги има воените конфликти и јавачите на апокалипсата. Правило, претпоставена можност или едноставно – навика што се повторува периодично. Ова останува на умовите од економијата што можат да го дадат одговорот, мораат да го направат тоа или одбегнуваат да одговорат штитејќи го сопствениот интегритет.
Веројатно ќесето, портмонето, пурсето, кошелекот или буѓеларот, сеедно, кожено или како метално ковчеже – трезор, чекмеџе или каса, постојано е под будна и редовна опсервација на сопственикот, бидејќи исклучително му се мили звукот на кованиците и шушкањето на банкнотите. Веројатно и конфликтот во Украина, како и крвавиот блискоисточен џумбуш, се поврзани со ќесето…