Во самиот рамковен договор и во уставните амандмани никаде не се сретнува формулацијата „двојазичност“, која во пракса де факто се официјализира преку обидите за наметнување: двојазични банкноти, печати, униформи, грбови, логоа и табли на државни институции, поштенски марки, кои се користат и во надворешен промет и другo
Законот за употреба на јазиците од 2019 година, кој е предмет на преиспитување од страна на Уставниот суд, содржински гледано, без да се навлегува во пропустите во постапката при неговото носење и објавување во „Службен весник“, може да се заклучи дека целосно ја надминува рамката предвидена со рамковниот договор, поточно со последователните уставни амандмани.
Значи, прашањето за службена употреба на јазици што ги говорат повеќе од 20 отсто од граѓаните на централно и локално ниво е уредено со рамковниот договор, како политички договор, кој понатаму е преточен во уставните амандмани од 2001 година, како и соодветните законски измени, заокружено со Законот за употреба на јазиците од 2008 година. Текстот на амандманот V на чл. 7 од Уставот на РМ целосно е преземен, т.е. преведен од англиски, од соодветната точка од Анексот А на рамковниот договор. Во самиот амандман, кој не случајно е еден подолгите во Уставот, конкретно се дефинира во кои случаи и обем може службено да се користи друг јазик покрај македонскиот.
Првите ставови од амандманот се однесуваат на личните документи и комуникацијата на граѓаните со подрачните единици и министерствата, со кој се утврдува принципот граѓаните да имаат право да се обратат до овие институции на централно ниво на јазик различен од македонскиот и да добијат одговор на двата јазика. Значи, употребата на друг службен јазик ја иницира граѓанинот, и тоа право не се однесува на службеници или функционери, принцип што е запазен со Законот за употреба на јазиците од 2008 година и донекаде проширен со право свечените изјави судиите и членовите на Судскиот совет да ги дадат на македонски, а да ги потпишат на македонски и на мајчиниот јазик, предвидено со чл. 15 и 17 на Законот. Затоа, познавањето на македонскиот јазик е задолжително за секој функционер и услов при вработување на секое лице во јавната администрација и не може друг јазик во службена употреба да биде замена за македонскиот.
Следен, седми, став од амандманот V гласи: „Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот, може да се користи во согласност со закон“. Овој став веројатно е и најзлоупотребуван во јавниот дискурс при обиди да се оправда наметнувањето паралелна употреба на друг јазик во државните институции, што претставува и обид за официјализирање модел на двојазичност, целосно непознат во унитарни држави, преку законски решенија, сега и предмет на преиспитување од страна на Уставниот суд. Точното спроведување на овој став од амандманот е детално објаснет во т.8 „Закони кои се однесуваат на употребата на јазиците” од Анекс Б „Законодавни измени” од рамковниот договор и со него се предвидени три случаи кога се користи друг службен јазик во органите на државната власт. Самиот став гласи: „Собранието ќе усвои до крај на мандатот на сегашниот состав нова законска регулатива со која се регулира употребата на јазици во органите на државната власт во Република Македонија“, а понатаму се наведени трите случаи:
Прво, право на пратеник да се обрати на пленарна седница или на комисија на јазик што го говорат повеќе од 20 отсто од населението. Ова право се основа на принципот пратениците да можат на телевизиски пренесувани седници да му се обратат на својот електорат на мајчин јазик, како народни претставници на граѓаните, и не се однесува на други избрани или именувани функционери. Исто така, оваа точка од рамковниот договор не предвидува собраниските материјали да се преведуваат на друг јазик. Со измената на Деловникот на Собранието, чл. 3, во јули 2002 година, правото на обраќање на пратениците предвидено со рамковниот договор е преточено во законската регулатива.
Втората законска измена се однесува на објавувањето на законските и подзаконските акти во „Службен весник“ на друг јазик што го говорат над 20 отсто од граѓаните, покрај македонскиот, што е реализирано со чл. 8 од Законот за „Службен весник“ во јуни 2002 година.
Третата точка го предвидува правото јавните функционери да си го пишуваат името на мајчиниот јазик и тоа веќе се применува во практика.
Осмиот став на амандманот V од Уставот се однесува на употребата на други службени јазици во локалната самоуправа и тој гласи: „Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што ги користат најмалку 20 отсто од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Оваа формулација не случајно се разликува од претходниот, седми, став на амандманот за употребата на друг службен јазик во органите на државната власт, значи на централно ниво, која е дополнета со појаснувањето „…може да се користи во согласност со закон“, како што е објаснето погоре. Ова е од причини што самиот рамковен договор, потпирајќи се на актите и практиката на Советот на Европа, предвидува повисок степен на употреба на малцински јазик на локално отколку на централно ниво. Имено, со чл. 7 од Уставот од 1991 година беше предвидена „службената употреба“ на јазици во локалната самоуправа што ги говори мнозинство од граѓаните или „значителен број“ од нив, кој во чл. 88 од Законот за локална самоуправа од 1995 година е дефиниран како над 20 отсто од населението. Уставот од 1991 година впрочем беше усогласен со меѓународните конвенции за заштита на малцинските права и затоа беше позитивно оценет од Бадентеровата комисија.
Самата формулација „службена употреба“ е попрецизна и остава помалку простор за слободно толкување во однос на формулацијата „службен јазик“, која се користи во рамковниот договор, како и уставните амандмани. Инаку, во самиот рамковен договор и во уставните амандмани никаде не се сретнува формулацијата „двојазичност“, која во практика де факто се официјализира преку обидите за наметнување: двојазични банкноти, печати, униформи, грбови, логоа и табли на државни институции, поштенски марки, кои се користат и во надворешен промет и другo.
Во овој контекст може да се издвои изјавата пренесена во домашен медиум во јуни 2017 година на актуелен уставен судија, а тогашен професор и правен експерт, кој во врска со тогашниот предлог-закон во подготовка потенцира дека „…нема да се промени содржината на службените печати, нема промени на таблата на парламентот, на претседателот, написот останува само на македонски јазик, што, според него, е доказ дека не станува збор за двојазичност. Истиот тој вели дека сугерирал измените да бидат во рамките на Уставот, оти ако не е така, законот може да падне на Уставен суд“. Став што, очигледно, сега не го дели.
Е. Петкоски
Повеќе од авторот
Комбиниран изборен модел како оптимално решение за Македонија