Не дефанзивно, туку силна офанзива за македонските позиции

Во координирани дипломатски активности претседателката Гордана Силјановска-Давкова оствари повеќе средби со странски лидери, ставајќи фокус на културната дипломатија, а премиерот Христијан Мицкоски беше посветен на градење меѓународни сојузништва. Се влечат и заткулисни потези, односно преку тајната дипломатија исто така се отворени канали за пласирање на македонските ставови. Нашата повеќемесечна дипломатска офанзива затоа дејствува како опсада врз Брисел. И се стекнува впечаток дека напорите веќе носат резултати

Нашите позиции се јасни и усогласени и ги користиме сите пригоди за да ги истакнеме и претставиме. Македонските црвени линии се цврсто дефинирани и тие недвосмислено покажуваат каде нема да отстапиме во намерата да дојдеме до остварување на зацртаните национални цели. Ваквата определба на македонските носители на највисоки државни функции се забележува во рамките на силната дипломатска офанзива, која веќе со месеци е во тек, при активностите за што подобро позиционирање на Македонија на меѓународен план, во засилената кампања за надминување на бугарската блокада.
„Нова Македонија“ во повеќе наврати нагласи дека секоја меѓународна средба, редовна или проактивно иницирана од наша страна, секој билатерален или мултилатерален состанок, мора да се искористат за да се претстават вистината и аргументите во однос на позициите и потезите на официјална Софија со кои се прекршуваат меѓународните договори потпишани со Македонија, со што се погазуваат и принципите на меѓународното право, како и оние на самата Европска Унија. Улогата на челните луѓе на државата е секогаш и секаде да ги бранат националните и граѓанските интереси по секоја цена, дури и тогаш кога работите на прв поглед изгледаат невозможно и неостварливо, при соочувањето со големи предизвици и наметнати уценувања однадвор, што задираат токму во националните интереси. Тоа значи дека постојано мора да се бараат решенија и начини како државата да биде добитник во секоја ситуација, наместо да се форсира дефетистичкиот пристап дека работите се такви какви што се и оти никој не може да ги промени. А ваквата определба се чини дека е прифатена и меѓу оние што ги бранат националните интереси на првите линии од дипломатскиот фронт.

Македонските политичари уште во септември во Брисел ја претставија идејата против билатерализација на преговарачкиот процес, со определба тој да се води според постигнувањата, без наметнатите услови од Бугарија. Во координирани активности, оттогаш, претседателката Гордана Силјановска-Давкова оствари повеќе средби со странски лидери, ставајќи фокус на културната дипломатија, а премиерот Мицкоски беше посветен на градење меѓународни сојузништва. Се влечат и заткулисни потези, односно преку тајната дипломатија исто така се отворени канали за пласирање на македонските ставови. Нашата дипломатска офанзива затоа дејствува како опсада врз Брисел. Премиерот Мицкоски по последната посета на Брисел остварена неделава, истакна дека постојат јасен план и стратегија составена од три дела, која се спроведува веќе шест месеци, а во рамките на која, првиот дел претставува претставување на нашите позиции и аргументи при дипломатските средби.
И се стекнува впечаток дека напорите веќе носат резултати. Имаме отворена поддршка од земјите од Вишеградската група, како и од Белгија. Добивме позитивни пораки и во Тиват на самитот Брдо-Бриони. „Полека почнува да се појавува светлината“, како што неодамна истакна премиерот Мицкоски, кој нагласи и дека сега е поголем оптимист во однос на дијалогот со Бугарија и евроинтеграциите отколку што бил пред пет-шест месеци, токму поради дипломатската офанзива што се спроведува.
Но мора да се биде мудар и трпелив во време на забрзани геополитички поместувања по изборите во САД, при воени судири во Европа и на Блискиот Исток, големи превирања во водечките европски сили Франција и Германија, како резултат на тамошните сериозни политички кризи и економски тешкотии, а кога Бугарија со години е зафатена во тешка институционална криза од која не се гледа излез, без можност за составување влада и на пат кон нови осми парламентарни избори.

Затоа нема потреба да се прават избрзани потези, особено не по прашањето на уставните измени. Всушност, сите залагања и заземени позиции на Македонија во дипломатската битка можат да се сведат на една силна и решителна порака – уставните измени со одложено дејство ќе бидат спроведени, но само откако Македонија биде примена во Европската Унија. Тоа треба да им биде јасно на сите.
Земјава направи доволно отстапки и компромиси, често и на своја штета, додека официјална Софија лажно и неубедливо претставува дека таа сторила компромиси?! Од македонскиот државен врв веќе е јасно нагласено дека нема прифаќање ултиматуми, како и оти никој не треба да нѐ уценува за да правиме национални отстапки. Сега на потег е ЕУ, како што може да се слушне и од пренесените пораки од тамошните функционери до македонските политички претставници. Сигурно е дека ќе има уште заложби од европските лидери при средбите со македонските политичари. Тоа го слушаме со години, а редно е да видиме и конкретни резултати по кои Македонија ќе излезе од ќор-сокакот во кој неправедно е заглавена.