Светската недела за издигање на свеста за антимикробната отпорност годинава се одбележува под слоганот „Биди и ти дел од промената!“. Генералното собрание на Обединетите нации усвои декларација што вклучува намалување на глобалните смртни случаи поврзани со антимикробна отпорност за 10 отсто до 2030 година.
Појавата и ширењето патогени отпорни на антимикробни лекови, кои вклучуваат антибиотици, антифунгални, антипаразитски и антивирусни лекови, се сериозна закана за спречувањето и третманот на вообичаени инфекции и извршување рутински медицински процедури, чии успешни исходи се овозможени токму со овој вид лекови. Само во Европа секоја петта бактериска инфекција е отпорна на антибиотици, додека во некои земји членки таа бројка е дури 40 отсто.
Така, антимикробната резистенција (АМР) сѐ повеќе се препознава како еден од најитните предизвици на јавното здравје и е одговорна за приближно 1,3 милион смртни случаи низ светот секоја година, вклучувајќи 35.000 во Европската економска област – речиси 100 луѓе дневно. Ако овој предизвик не се реши веднаш, оваа бројка може да достигне алармантни 390.000 смртни случаи годишно во европскиот регион до 2050 година. Економските последици се еднакво алармантни, бидејќи АМР ги чини ЕУ/ЕЕА над 11 милијарди евра годишно, а процените се дека здравствените системи на глобално ниво, до 2050 година, ќе ги чинат дополнителни милијарда американски долари годишно.
Поради таа причина, на крајот на септември годинава Европската комисија ја поздрави Политичката декларација на ОН за зајакнување на акцијата против антимикробната отпорност (АМР). Декларацијата беше поддржана од земјите членки на ОН, вклучувајќи ги и членките на ЕУ, и на тој начин се обврзаа на конкретни активности за справување со АМР преку пристапот „Едно здравје“, вклучувајќи и намалување на глобалните смртни случаи поврзани со АМР за 10 отсто до 2030 година, намалување на употребата на антибиотици во земјоделскиот и прехранбениот сектор, како и повик за итна акција и зголемени стимулации за истражување и развој.
Од друга страна, и покрај сериозноста на оваа закана, сè уште нема значителен напредок кога станува збор за иновациите во развојот на нови антимикробни лекови. Денес е познато дека значително малку нови антибиотици се во фаза на претклиничко и клиничко тестирање и дека е неопходно да се фокусираме на зачувување на постојните. Ова е причината зошто европската управа за подготвеност и одговор при здравствени кризи ХЕРА проактивно ги унапредува истражувањето и развојот и обезбедува достапност на витални медицински контрамерки.
Сериозноста на антимикробната отпорност за здравјето на населението ја препозна и самата Европска комисија, која ја вклучи борбата против оваа глобална закана во својата најголема реформа на законодавството на ЕУ за лекови во последните 20 години. Истовремено, Комисијата се залага за намалување на употребата на антибиотици и препорачува земјите членки да воспостават соодветни национални цели – намалување на потрошувачката на антибиотици во ЕУ за 20 проценти до 2030 година и дефинирање цели на национално ниво.
Данијела Давидов-Кесар