Паланката и Болоњскиот универзитет

Политики на паланката (6)

Кога Радомир Константиновиќ вели дека секоја паланка се изразува низ две спротивставени „филозофии“, од кои едната е тврдокорно држење до традиционалните, „конзервирани вредности“ на паланката, а другата е некритичко одушевување од „светот“ зад паланката (и негова помодна имитација во самата паланка), тој и едните и другите ги става во ист фах, што се однесува до сфаќањето на знаењето, односно на вистината, која е цел на секое знаење. И за едните и за другите знаењето е нешто однапред дадено и е догма што не треба да се преиспитува, без разлика дали тоа знаење доаѓа од предците или од „светски еманципирани средини“. Вистината е „забетонирана“: „За паланката вистината не е вистина во настанување (незавршена), туку е дадена вистина. Како таква, таа е пред-субјективна, над-субјективна и спротивставена на субјективноста. Таа не се открива, туку нејзе ѝ се служи. Субјектот не е откривање на вистината низ него, па затоа тој не е субјект на вистината, туку нејзин службеник и извршител. Ако тој ја ’има‘ вистината, и тој е ’иман‘ од неа…“ А да се биде „иман“ од нешто, тоа значи да не се биде субјект (персоналност).
Не треба многу примери за тоа: доволно е да се погледне како нашите европски ориентирани паланчани и во политиката (но, за жал, и во уметноста) се борат против родови стереотипи со нови стереотипи. Разгорениот феминизам и борците за женски права се борат против машките стереотипи за жените, токму разгорувајќи стереотипи за мажите како насилни, „алфа мажјаци“, брутални, омразени (иако и мажите, како и жените се субјекти што се разликуваат еден од друг). Генерализациите, се разбира, се и признаен научен метод што подразбира минимална и нужна грешка „во име на вистината“ („Сите лебеди се бели“). Но масовната, ИДЕОЛОШКИ ОРГАНИЗИРАНА склоност кон генерализации (идеолошка индоктринација, најчесто преку невладини организации) е прв знак на ПАЛАНЕЧКИ менталитет: штом некоја жена ви тврди дека сите мажи се битанги, таа со стереотип се бори против стереотипот дека „добра жена е послушна робинка“. Тоа е толку безумно, како со бензин да гасите оган или да верувате дека студена вода подобро гасне оган од топлата.
Според тоа, бидејќи е заинтересирана за стереотипите што за неа се вистина, паланката во принцип не е заинтересирана за живата вистина: таа бдее над онаа, стереотипната, која ѝ е дадена на свето чување.

Без сомнение, еден од најголемите паланечки удари што ѝ е зададен на вистината во XX век (и тоа преку знаењето – образованието) е фамозната „Болоњска декларација“. Со неа, бар кај нас, се демонтираше претходниот, југо-советски ефикасен систем на високо образование. Познат сум како апсолутен противник на овој целосно малоумен проект, кој сите паланки што некритички примаат сè што доаѓа од запад го примија без резерва и без никакво приспособување кон сопствените потреби. Така беше и со паланката Македонија, за разлика од Словенија, која не се согласи со сите поставки на овој „реформски потег на столетието“, туку некои прифати, а некои не: Словенците прво ги проценија своите потреби и својата полза. Видни класични германски универзитети, на кои како претходници работеле некои од класичните германски филозофи, воопшто и не сакаа да разговараат за „промена на системот“, па ја отфрлија, без многу размислување, Болоња како „утка на векот“. Решија да бидат „конзервативни“ и да се држат до старото добро германско образование (јас ги поддржувам), зашто стариот универзитет не беше ПАЛАНЕЧКИ: тој подразбираше аналитичен дух што ТРАГА по вистината, тој не подразбираше ГОТОВА вистина пред да почне филозофско-научното промислување на проблемот! Пред некој ден имав можност да видам еден таков формулар за магистериум: покрај почетни хипотези, покрај методи што ќе бидат користени, покрај користена литература, на кандидатот УШТЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕ СО ТРУДОТ, му се бараат ОЧЕКУВАНИ резултати. Поголема глупост и поголем интелектуален гаф не е можен во светот на науката: воопшто и не би почнале еден научен експеримент ако однапред го знаеме резултатот! Несфатливо е како треба да им веруваме на вакви интелектуални шарлатани само затоа што „тоа доаѓа од Запад“. Ако однапред се знае сè, тогаш тоа не е универзитет, туку паланка: паланката однапред знае за секого каков е – неморален, блудник, пијаница, расипник…
Второ, во сите документи на Болоњската декларација со кои се евидентираат студентите и нивното знаење, се вградени две основни паланечки претпоставки: едната е начелото на јавност (ѕиркање под „туѓи гаќи“), а втората е начелото на „табеларно мислење“. За студентот се претпоставува дека може да биде ЦЕЛОСНО ОПСЕРВИРАН од професорот, набљудуван и со тоа, контролиран. Затоа, професорот за студентите пополнува и празни графи каде што се изјаснува дури и за тоа дали студентот е комуникативен, дали изгледа како да има проблем со социјализација. Тоа се паланечки интересирања. Второ, професорите, од академски граѓани, со усвојувањето на Болоњската декларација, се претворија во обични бирократи што пополнуваат табели, графи, графикони, наместо да читаат книги од својата научна дисциплина. Моделот на „табеларно“ мислење ги преплави сите универзитети што ја прифатија Болоња, а идејата е дека сè може да се КЛАСИРА во однапред подготвени фиоки (графи). Тоа значи – нема ПОСЕБНОСТИ, нема ИСКЛУЧИТЕЛНОСТ, нема ЛИЧНОСТИ, сите сме МЕРЛИВИ. Тоа, пак, е поврзано со онаа желба на паланката да има „стабилна“ вистина, како и со нејзиниот страв од промени и од тоа дека работите можат да „излезат од контрола“ поради НЕПРЕДВИДЛИВИ ИНДИВИДУАЛЦИ.

Затоа, воведено е бодување на студентите: знаењето е мерливо и преведливо во број, квантум. Толку бодови на прв колоквиум, толку бодови за втор колоквиум, толку за завршниот испит и (внимавајте!) толку за АКТИВНОСТ на часот, а толку за ИНИЦИЈАТИВНОСТ (кооперативност)! Како да мора секој да биде екстровертен тип! Таквиот квантитативен пристап кон знаењето, кој не води сметка за квалитетот, се сведува на тоа студентот да собере ОДРЕДЕНА СУМА БОДОВИ („кредити“), а воопшто да не се смета квалитетот на кандидатот. Може да се случи гениј како Ајнштајн да не добие доволно бодови (не бил редовен на часови или не бил „активен“, затоа што дома ја пишувал „Теоријата на релативитетот“), па да падне година! Едноставно, не бил просечен и не се вклопувал во „графите“ и „табелите“. Тоа е истото она што го прави паланката со натпросечните – ги брка.
И за крај, едно искуство: имав студентка што цела година уста не отвори. Молчеше, додека другите се натпреваруваа во брзи одговори, во желбата да ми се допаднат како студенти. Кога дојде усниот испит, инсистираше да полага последна. А кога почна да одговара, видов дека пред себе имам – гениј. Девојката ги беше прочитала сите книги, одлично владееше со теоријата на книжевноста, говореше два светски јазика. Кога ја прашав зошто никогаш не кренала рака, таа ме порази со својот одговор: „Не се чувствувам пријатно кога треба да се ЛАКТАМ за да покажам дека знам, професоре“. Што има во тоа лошо? Ако ја оценував според она „активност на часот“ и „иницијативност“ девојката ќе требаше да добие – седум. А доби 10. Јас одбивам да ги баждарам студентите според паланечкиот метар на просечноста и паланечката претстава дека генијалното е всушност – потпросечно, зашто не се вклопува во табелата. Нека ми се јави Болоња, да протестира.