Задутре е 29 ноември, драг читателу, ден кога се буди југоносталгијата кај југоносталгичарите. Тоа е денот кога во Јајце во 1943 беше удрен во срцето на големата катастрофа и урнатините на цивилизацијата темелот на нова Југославија. Денот кога се сплотија и собраа под една стреа да живеат заедно јужнословенските народи, со исклучок на Бугарите, кои сè уште лутаат по идентитет меѓу Туркотатарите, Тракијците и Словените. Но она што е посебно важно за нас е тоа дека од катастрофата исплови на површина во својот чист како кристал генерички идентитет и Македонија со Македонците, кои се вклопија рамноправно со другите во југословенската заедница на братски народи. Да. И денес токму тоа, кога на тоа се гледа пејоративно, ја мотивира мојата југоносталгија, за разлика од некои помодарски и наши политинтелектуалци, кои по распадот на Југославија бргу/бргу се прогласија за либерали, и деца на капитализмот, вглобувајќи се како крлежи во запчениците на тркалото на новиот демек демократски систем. Притоа тие својата камелеонска психа ја маскираа со жесток, и до денес, напад на југословенскиот комунизам небаре како архетипска слика на тоталитаризмот. Тука тие не правеа, а ни сега не прават никаква разлика меѓу југословенскиот комунизам, кој бргу се трансформира во една варијанта на социјализам, и источниот советски комунистички тоталитаризам на Сталин, бидејќи немаат талент за распознавање, градации и нијанси. Од боите тие го знаат само сивото, но не во смисла на дифузниот стишан сјај на сфуматото на старите сликари, туку како психолошка и интелектуална конфузија. Во него најубаво се чувствуваат камелеоните. Тоа се луѓе што за својата благоутробна егзистенција не ризикуваат ништо и никогаш не се осмелиле да бидат индивидуа.
Долга е тука приказната. Но како илустрација и од компаративна гледна точка меѓу југословенскиот и денешниот наш тоталитаризам, драг читателу, ќе се послужам со мојот личен пример, кој е, се разбира, по дефиниција субјективен, но притоа базиран на објективни елементи и ситуации. Некои од нив не ми беа наклонети по мојата и егзистенцијата на моето семејство, но која сепак не беше доведена до точка на критична состојба како што ми се случи тоа не еднаш туку на двапати, драг читателу, во новото време на нашата (не)зависна и „демократска“ држава. За тоа не сакам многу да зборувам бидејќи тоа бил мој избор и избор на моето семејство за плаќање на цената на личната слобода, која, патем, колку што знам не е безбедна во ни еден систем и во ни едно општество.
Во Југославија, која сега ја восфалувам носталгично, пловев против струја, бев антикомунист и антититовист. За тоа знаеја тајните служби, кои во поема ги опеа дури и знаменитиот југословенски поет Оскар Давичо под слоганот „ОЗНА све дозна“. Па не можев ни јас да ѝ побегнам на нејзиното севидо око. Првиот сигнал што ми беше даден дека ме следат и дека треба да се поправам беше кога при моето пробно вработување во Радиото бев отпуштен како неписмен за таа работа од една раководна персона со високо педигре во Це-ка. Така, а потоа кога успеав конечно да се вработам, пак како потсетување на моето огрешување од системот, наместо една бев држен две години како приправник. Издржав и продолжив. Во меѓувреме излезе од печат мојата прва поетска книга, која го привлече и пошироко вниманието во Југославија што беше голем културен пазар. А веќе со втората ми излезе избор од поезијата во белградски „Нолит“. Следните години ми излезе уште еден избор во Белград, плус и во Нови Сад, Смедерево и Подгорица. Не сум фалбаџија, драг читателу, и овие факти ги давам колку за илустрација на набедениот од камелеонските политинтелектуалци југословенски комунистички „тоталитаризам“, безмалку изедначувајќи го со гулазите на Сталин. Така. Оти мене, иако бев силно идеолошки против системот комунизам и титовизам, не ми се забрануваа книгите, така како што, на пример, на Ана Ахматова во Советска Русија ѝ беше забрането цели петнаесет години да објавува.
Само еднаш ми беше одбиена книга во „Македонска книга“ од мои колеги поети со изразита самоцензура на свеста, кои притоа веројатно сметале и на некоја добивка од тоа. Но книгата излезе следната година во „Култура“. Го прашав директорот Црвенковски, еден добродушен, како излезен од расказите на Чехов, човек, дали имало некој проблем. Ми рече дека книгата била носена кај специјалната комисија во Це-ка, имало проблем само со тоа што во неа зачестено се јавувала именката Бог. Но поминала. Значи книгите не ми се забрануваа, а и наградите не ме одминуваа и покрај тоа што, од друга страна, внатрешните служби акрибично си ја вршеа работата и не ме испуштаа од око.
Да. Е, сега знам, ти веќе како некој вид Павлов рефлекс ме прашував, драг читателу, што тогаш ја подвлекувам дури и малку екстатично мојата југоносталгија. Веќе реков, најважно ми беше што можев да објавувам, а притоа и да ги претставувам мојата земја и народ на разни културни манифестации во Европа и светот. Така. Ама тоа не значи дека системот ти беше безрезервно наклонет. Тој имаше свој „суптилен“ механизам да те тргне настрана, а тоа беше држењето на некој возможен егзистенционален раб. Пак два лични примера за илустрација. Како поет, писател, преведувач, критичар и есеист (премногу и нескромно набројав, прости ми драг читателу), Божин Павловски, сега академик, тогаш ме повика да бидам уредник во неговата екстрапопуларна и најдобра издавачка куќа кај нас „Мисла“. И јас уште утредента по разговорот отидов кај него, сигурен дека ќе ја напуштам новинарската професија во „Млад борец“, која, рака на срце, лично никогаш не сум ја многу сакал иако со неа се занимавале и многу познати писатели. Не само Хемингвеј. Така. Но моето уредничко вработување беше неуспешно. Божин (тоа беше изговор) ми рече дека сепак не може да ме прими бидејќи не може куќата да ми обезбеди стан, иако јас не го барав тоа. Но јас знаев, до него стигнал сертификатот од тајните служби што се викаше „морално-политичка подобност“. А јас тука бев „неморален“, признавам. Но куриозитетот да биде уште поголем истото тоа ми се случи по две-три години и со „Македонска книга“, во која, пак, за уредник бев повикан од тогаш главниот уредник Ташко Георгиевски. Тоа и така, драг читателу, иако подоцна малку попушти ледот. А и да си поттурнат егзистенцијално, но без доведување во прашање на егзистенцијален опстанок, југословенскиот социјализам кого политкамелеонските „интелектуалци“ го дефинираат како суров тоталитаризам имаше социјална програма за сите: бесплатно, добро организирано здравство и образование. Ако не беше така, веројатно јас како дете на сиромашно селско семејство и не ќе можев да дојдам на студии во Скопје, ни да ја најдам Фимка во него како мој животен потпорник. Тоа сепак ми го овозможи толку многу проскрибираната комунистичка Југославија од политкамелонските „интелектуалци“, кои секогаш се, како што вели Филип, втопени во сивилото на „општото“ без некогаш малку да го запознале просторот на автентичната индивидуална слобода. На индивидуата.
Така, драг читателу. А каква е разликата меѓу југословенскиот тоталитаризам и тоталитаризмот на денешната наша (не)самостојна Македонија (се извинувам за она неопходно Не, кое сепак не е будистичко, во заградата)? Бидејќи без нарцистичка намера го приложив како компаративен модел моето лично искуство со него, само да покажам како југословенскиот еднопартиски го замени нашиот повеќепартиски тоталитаризам, сакаш, драг читателу, оној на партиите, сакаш оној на Али ДУИ. Ист ѓавол. Секој од нив и денес функционира исто. И сега, парадоксално, јас пак невклопен во запченикот на системот, настроен против сите нови партиски тоталитаризми далеку поизразити од озлогласениот „тоталитаризам“ на југокомунизмот на двапати од една голема македонска партија бев фрлен во егзистенцијална бездна, укинувајќи го моето скромно работно место, иако во едниот случај ми беше понудено и едно високо политичко место доколку прифатам партиска книшка. Јас реков дека го прифаќам местото, но без книшката (затоа што не сакам како во Откровението на Јован во Новиот завет кога Исус ги отвора печатите да ме види со печатот на Сатаната на челото.) Така, но издржавме и јас и моето семејство (Фимка и Филип) потпрени на Вистината и Слободата како врховен израз на битието. Е, таква е разликата од мое лично искуство меѓу југословенскиот и новиот наш капиталистички или либералкапиталистички (ист ѓавол е) тоталитаризам, драг читателу.
А сега, да го оставиме мојот воленс-ноленс „исповеден“ нарцизам, драг читателу, и малку да преминеме на општото, како што вели Филип. А општото е непроѕирна метафизика. Во Југославија постоеше „вербален деликт“ од кој се грозат денес антијугословените, политкамелеоните, а што е денес со „говорот на омраза“, кој иако завиткан во смрдлив божем демократски етички целофан како модерен пример на Кантовиот сам по себе „етички императив“ е многу поопасен во сите елементи од вербалниот комунистички деликт против кој кај нас прв ја поведе битката мојот драг постар пријател, Дон Кихот на македонската демократија, која никогаш не заживеа, професорот Ѓорѓи Марјановиќ. Така. А да не зборуваме за тоа, во компаративна линија за Југославија божем самостојната по западен либералкапиталистички терк Македонија. Тука ситуацијата е апсолутно катастрофална. Факти. Во Југославија, Македонија и Македонците, без разлика на реалниот анимозитет на тајните служби кон македонизмот, беа целосно интегрирани во своето генеричко битие. Славните македонски икони, неповторливи во светот на уметноста како македонска духовна шифра, на пример, во југословенскиот комунистички „тоталитаризам“ без проблем го обиколуваа светот на големи изложби од Париз и Брисел на Запад до Токио на Исток со идентитетскиот печат на духовниот културно-цивилизациски продукт на македонската душа како МАКЕДОНСКИ. А дали сега, драг читателу, можеме ние нив да ги изложиме каде било како македонски? Не!!! Ние по смртоносната „северна“ ништо немаме како македонско, како чиста идентитетска јатка на постоењето. Ние идиоти, каков и да е притисокот, веднаш го прифативме она погубно БЈРМ, кое за миг македонската милениумска идентитетска пирамида ја урна како кула од песок со која си играат децата на брегот од морето. Тоа. Во имагинацијата на бајката се невини децата во чија космогонија уривањето е само новата слика на создавањето. Но нашите уривачи беа расипани возрасни политички деца и во облик на монструми подготвени да го изедат сопствениот народ во име на новиот светски систем и поредок на моќните. Библискиот македонски ѕвер од Откровението на Новиот завет дојден кај нас од Муртино е врховен, но не и осамен демон на ништење на македонскиот идентитет. Тој Менгелеов план на Европа за не само идентитетско туку и секакво друго ништење на Македонците покрај него има уште многу (од почетокот на нашето (не)осамостојување до денес) приврзаници, речиси без исклучок од политиката и интелектуалната подопашна камелеонска елита.
Значи, уште сме на компаративна линија на прокудената Југославија и (не)самостојна Македонија во канџите на новото тоталитарно искуство со западниот либералкапитализам. Тука првин го видовме на првата македонска влада варварскиот систем на таканаречената првобитна акумулација на капиталот во која се растури како кула од карти целокупниот импресивен економски систем изграден акрибично и со љубов во проскрибираната од камелеоните Југославија. Сè стана урнатина, погодна клима за таканаречената потоа „докапитализација“ на сè што е создавано со пот, добра волја и социјалистички труд. Притоа фабриките ги купија некои како чоколада. За таква цена. Така се роди елитата тајкуни кај нас, која ја презеде во свои раце и економијата и политиката, иако многумина од нив во животот немаат прочитано ни една книга, макар и со кич содржина. Тоа е вистината, која е горчлива и со фактот дека тие персони немаат никакво чувство за идентитетот како генеричка основа на индивидуалното и колективното битие. Така тие се бугаризираат или грцизираат по потреба на личниот материјален, а не „духовен“ капитал. Такви ги гледаме од почетокот до денес на највисоките државни позиции. Такви, тие се „европејци“ без да ја познаваат духовна Европа, прилепени на нејзиниот политички колонијалистички нагон за грабеж и владеење со туѓи територии и народи. Така тие со нивните камелеонски интелектуалци и не ја препознаа „Лисабонската декларација“ на бриселската ороспија како нацифашистички акт за идентитетски геноцид над Македонците и целосно бришење на нивната историска милениумска меморија за која сведочи и најважниот религиски и антрополошки документ на западната цивилизација Библијата.
Ете, тоа е вистината! Јасно ли ти е, драг читателу! Долга и предолга е приказната. И, да појаснам. И покрај мојата југоносталгија, најмногу и поради фактот на негибнатиот македонски идентитет во неа, јас не ја бранам Југославија како идеална. Но таа, како што гледаш од она што го изнесов понапред, е стопати поидеална од нашата денешна ситуација во која сме обезглавени на сите нивоа во однос на неа: социјалното, идентитетското и суверенитетското. Nocturno, de profundis, memento mori.