Ако било повредено бугарското достоинство, како што вели Главчев, зошто речиси едногласно беше прифатен францускиот предлог во бугарското Народно собрание? Зошто немаше протести по софиските улици? Немаше затоа што во него беа содржани сите можни и неможни бугарски барања во однос на Македонија, така што не само што не стануваше збор за компромис туку тој беше добитен лоз со кој поранешната македонска влада ги исполни сите бугарски желби, од Сан Стефано до денес. Од друга страна, овој француски предлог не беше прифатен и натаму не е прифатлив во Македонија бидејќи станува збор за повреда исклучиво на македонската национална
самодоверба и достоинство
И додека соседна Бугарија останува заглавена во длабока политичка криза, без можност да формира влада и во очекување нови, осми парламентарни избори, Македонија продолжува да биде жртва на бугарските анахрони политики завиткани во европски целофан.
Се покажа дека Бугарија не е подготвена на никакви компромиси кога станува збор за процесот на проширување на Европската Унија, туку се води исклучиво од ретроградните националистички политики од 19 век и не е расположена да се помрдне ниту милиметар кога станува збор за прашањето за Македонија. Впрочем, тука воопшто и не станува збор за никаков компромис бидејќи Бугарија со ништо не е засегната за да треба од нешто да се откажува и да жртвува, туку, напротив, се работи да се земе туѓото и да се прикаже како свое.
Кога нема политичка влада, истата песна доаѓа и од бугарските технички министри и премиерот Главчев, дека прашањето за Македонија за нив е решена работа и дека „Бугарија направила доволно компромиси со својата национална самодоверба и достоинство“.
Очигледно со ваквите изјави Бугарија само потврдува дека не сака никаков разговор за наоѓање решение со кое ќе се врати довербата меѓу двата народа, на начин што нема да ги кочи македонските евроинтеграции. Пред извесно време одби и понудено посредништво од страна на претседавачот со ЕУ, Унгарија, за наоѓање излез од ќор-сокакот, со образложение дека немало потреба од посредници. Арно ама истата таа Бугарија пред некој ден прифати унгарско посредништво за да се тргне австриското вето на бугарската апликација за членство во шенген-зоната, по неколкугодишна блокада. Се разбира, Австрија демонстрираше европски светоглед, сфаќајќи колку е важно за самата ЕУ да се прошири шенгенот и Унијата да почне да ја добива вистинската форма на Европа без граници, без оглед што Бугарија реално не ги исполнува условите да биде дел од шенген-зоната. Но ниту тоа не ѝ е доволно на официјална Софија еднаш засекогаш да сфати дека постојат повисоки европски интереси од ниските бугарски каприци, да се присвојуваат туѓа историја, јазик и култура и за таа цел да се злоупотребуваат евроинтеграциите.
И сега кога ја набљудуваме работата од оваа перспектива, еве, најобјективно, несфатливо е какви и кои компромиси со Македонија ги направила Бугарија со кои биле погазени нејзината национална самодоверба и достоинство.
Едно е сигурно, Македонија е најмалку виновна за погазената национална самодоверба и достоинство. Техничкиот бугарски премиер вината за тоа треба да ја бара кај бугарските политичари, кои и по повеќе од 17 години членство на земјата во ЕУ, не успеаја од неа да направат успешна приказна. Брисел го вперува прстот кон Софија за невладеење на правото, за висока корупција, за лоша економија, за непочитување на човековите права и слободи.
И не само Брисел, самото бугарско општество им додели шут-карта на сопствените политичари затоа што не е задоволно од севкупните состојби во земјата. Тоа што на седум избори не може да се избере влада говори само едно, дека Бугарите не им веруваат на своите политичари и оние едвај 30 отсто што ќе излезат на избори се последните лојални партиски членови, чиј глас не е доволен за победа на некоја политичка опција и за формирање стабилна влада. Токму јаловите изборни процеси ги нарушуваат националната самодоверба и достоинство, а не Македонија со нејзините интеграции.
Ако било повредено бугарското достоинство, како што вели Главчев, зошто речиси едногласно беше прифатен францускиот предлог во бугарското Народно собрание? Зошто немаше протести по софиските улици? Немаше затоа што во него беа содржани сите можни и неможни бугарски барања во однос на Македонија, така што не само што не стануваше збор за компромис туку тој беше добитен лоз со кој поранешната македонска влада ги исполни сите бугарски желби, од Сан Стефано до денес. Од друга страна, овој француски предлог не беше прифатен и натаму не е прифатлив во Македонија бидејќи станува збор за повреда исклучиво на македонската национална самодоверба и достоинство.
Впрочем, бугарските политичари се експерти за извртување на тезите. Сѐ што ѝ се случува на Македонија, всушност им се случило нив. Бугарите биле жртви на фашистите, Бугарите ја ослободиле Македонија, Бугарите ги спасиле Евреите од депортација, Бугарите се бореле во Илинденското востание, како на овие простори никогаш да немало Македонци. Не ми е јасно, зарем оние патеписци пред сто и кусур години ги измислувале? Зарем и Турците во пописите ги измислувале? Што е со статиите на американски и италијански весници во кои пишува за борбата на Македонците во Илинденското востание? Или и тогаш се лиферувале лажни вести?
Нејсе, Македонија не е таа што со каков било потег ги нарушила бугарската национална самодоверба и достоинство, туку е земја што постојано подава рака на соработка и бара само да биде почитувана и да не биде спречувана во нејзините планови да му се приклучи на европското семејство. Националната самодоверба и достоинство се враќаат со позитивен пристап, како дома, така и во односот кон своите соседи. Бугарија досега не го демонстрираше тоа, но можеби и таму ќе дувнат некои нови свежи ветришта, кои ќе значат внатрешни реформи и подобар живот за бугарските граѓани, посилна бугарска економија, поголеми права на сите граѓани. Така се враќаат националната самодоверба и достоинство, а не со опструкции и блокирање на другите. Во оној момент кога Бугарија ќе го сфати тоа, тогаш повеќе нема да гледа на Македонија како неостварен сон, туку како на најдобар пријател.