Сите искажувања дека „македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја“ онака како што ја разбираат бугарските историчари (и некои други, „загубени во преводот“ од Договорот за добрососедство), немаат историска и научна основа!
Од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија произлегоа неколку небулози, а особено може да се издвои терминот „заедничка историја“?! Конкретно во споменатиот договор се говори за заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи, но изразот „заедничка историја“ не само што е катастрофална јазична кованица, и како превод и како употребена стапица, непромислена или можеби длабоко промислена од потписниците, тој и натаму се злоупотребува од страна на бугарските членови во фамозната комисија за историски и образовни прашања, во смисла дека станува збор за заедничка бугарска историја!? Токму тоа е едно расипано кукавичино јајце, подметнато за да се испили тезата на Софија дека постои нова квазимодо-нација, која до скоро не постоела: ниту со битисување, ниту со јазик, ниту со култура итн. Тоа е расипаноста на подметнатата кованица „заедничка историја“.
Со други зборови, сакаат да кажат дека „не постои одделна македонска историја што се одликува со свои особености, туку една и единствена бугарска историја, па оттука тврдат дека македонската средновековна држава на Самоил е бугарска држава или дека Илинденското востание е на бугарскиот народ против Османлиската Империја“.
Доколку внимателно се проследат изјавите и анализите на бугарските историчари и експерти, надвор од споменатата историска комисија, за повеќето (не сите, туку за голем број) за оваа проблематика постои едно гледиште: историјата ја ретушираат и ја претвораат во алатка за хегемонија. Но, бидејќи овие бугарски ставови предизвикуваат вознемиреност кај припадниците на македонскиот народ, одредени бугарски историчари или експерти понекогаш се обидуваат да ги релативизираат нештата преку изразите „општа историја“ или „споделена историја“ или „заедничка историја само во одредени периоди“. (!?) Исто така беше наметната и тезата дека македонската историја се разделува од бугарската историја во 30-тите години на 20 век, односно дека заедничка историја може да се бара во втората половина на 19 век и почетокот на 20 век. И наместо историчарите да трагаат по историската вистина и фактите, тие дозволуваат политиките на шовинизам и иредентизам да преовладеат над историската наука.
Неизбежен е заклучокот дека нема промена во континуитетот на бугарските позиции. Нивната пропаганда во суштина ја ништи македонската преродба, борбата за обнова на Охридската архиепископија, стремежот за македонски литературен јазик, македонската револуционерна борба за одделна македонска држава итн. Со друго зборови, нема ништо ново кај нашиот источен сосед.
Од друга страна, термините за „заедничка историја“ веќе доволно ги разјаснивме и демаскиравме, па, оттука, сметаме дека во јавноста веќе нема да постои можност за манипулација.
Во светската историска наука се вели дека општата историја е изучување на клучните историски настани што го обликуваат светот. Оваа историја ја мапира смислата на големите настани и катастрофи што имале длабоко влијание во глобала, како што е Втората светска војна или колапсот на Советскиот Сојуз. Но честопати може да се сретнат и изразите како што се целосна или вкупна историја, историја во која настаните се надоврзуваат еден по друг, а историјата е претставена како низа важни настани. Во овој поглед на историјата нема простор за хаос или изненадување, бидејќи настаните и случувањата следуваат едноподруго на природен, логичен начин. Тука историјата како наука се соединува со филозофијата, а класични примери се историското толкување на Карл Маркс или концептот за крајот на историјата на Хегел.
Но изразот „заедничка историја“ е многу различен од изразот „општа историја“! Во светски рамки е прифатено дека заедничката историја е колективен наратив на заедницата (нацијата или државата), наратив што ги опфаќа нејзините минати настани, традиции и искуства. Оттука, овој колективен наратив е составен дел од културното наследство и колективната меморија на заедницата (нацијата или државата). Оттука, во англискиот корпус на Кембриџ можеме да ја прочитаме следната мисла: „По векови заедничка историја, овие правила оставија траги на подлабоките слоеви на националната свест“.
Затоа сите тези и обиди за релативизирање на нештата се проблематични. Постои општа тенденција кај нашиот источен сосед да се видоизмени македонскиот колективен наратив што е составен дел од македонското културно наследство и колективната меморија на македонскиот народ.
Доколку внимателно се проследи македонското историско минато, може да се заклучи дека македонската револуционерна борба од крајот на 19 век и почетокот на 20 век е само еден сегмент на една поголема и општа историска насока или тенденција – националното обликување на македонскиот народ врз основа на културните, јазичните, етничките и историските особености на Македонија, овој историски процес заврши со конституирањето на македонската држава и македонската нација на 2 август 1944 година.
Доколку внимателно се проследи македонското историско минато, може да се заклучи дека македонската револуционерна борба од крајот на 19 век и почетокот на 20 век е само еден сегмент на една поголема и општа историска насока или тенденција – националното обликување на македонскиот народ врз основа на културните, јазичните, етничките и историските особености на Македонија, овој историски процес заврши со конституирањето на македонската држава и македонската нација на 2 август 1944 година. Нациите се создаваат во еден сложен и долг историски процес, македонските етнички, културни и јазични особености се резултат на вековни историски движења што се обособија преку создавањето на македонската нација
Оваа општа историска тенденција започнува кон крајот на 18 век и почетокот на 19 век со преселбата на христијанското словенско население во градовите, тоа е нова влезна точка на еден сложен и бурен историски развиток, кој има свои особености и се разликува од претходните периоди. Во текот на овој историски процес се појавија дејства што беа манифестација на веќе оформените македонски етнички, културни и јазични особености, карактеристични својства изразени преку изградбата на црквите, првите книги на македонски народен говор, појава на црковно-училишните општини, дејствување против грчкото културно влијание – изразено во борбата против Цариградска патријаршија и барањето за самостојна црква, реакција против бугарското национално влијание преку Бугарската егзархија и бугарската држава – изразено преку борбата на македонските општини против Бугарската црква и појавата на одделни дејци и организирани друштва што ги искажуваа особеностите на Македонија и Македонците, револуционерното движење произнесено преку идејата за самостојна македонска држава.
Сите овие овоплотувања на македонското национално и политичко осамостојување се мост, а не ограда. Историската склоност што започна во почетокот на 19 век заврши со Првото заседанието на АСНОМ, сите сложености и особености што беа карактеристични за овој историски период завршија и беа надминати, беше надминато сѐ што претходеше на создавањето на македонската нација.
Нациите се создаваат во еден сложен и долг историски процес, македонските етнички, културни и јазични особености се резултат на вековни историски движења што се обособија преку создавањето на македонската нација. Сите искажувања дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја онака како што ја разбираат бугарските историчари немаат историска и научна основа.