При пазарење во еден од големите синџири маркети пред некој ден се соочив со недостиг од макарони. Не ни помислив дека станува збор за нешто невообичаено, сѐ додека еден од продавачите не ми кажа дека снемало тестенини зашто луѓето почнале да купуваат цели пакети во страв од можна војна. Не ми се веруваше дека и кај нас почнало да се создава паника поради ескалацијата на руско-украинскиот конфликт.
Денес веројатно и врапчињата знаат одредени спецификации на ракетите АТАКМС или, пак, слушнале за рускиот хиперсоничен „кинжал“, кои се особено актуелни неделава. Но кој би рекол дека со нивните детонации меѓу првите „жртви“ ќе бидат збришаните макарони од полиците во еден скопски супермаркет. Баш се замислив дали и Швеѓаните и Финците сега се соочуваат со недостиг од тестенини, конзервирана харинга и ќофтиња по добиените упатства од нивните власти да се подготвуваат за можна војна. Или, пак, тие не подлегнале на притисокот и ги игнорирале памфлетите со совети за правење резерви.
Ваквата состојба со трупање намирници последен пат кај нас се случи за време на ковид-пандемијата пред некоја година, а ја паметам и од времето на НАТО-бомбардирањето врз соседна Србија во 1999 година, кога барем јас првпат забележав како од маркетите забрзано и во големи количества се изнесуваат пакувања тестенини, пакети масло за јадење и вреќи брашно. За среќа, двата претходни случаја на панично купување се покажаа како неоправдани и без реална потреба, па очекуваме и се надеваме дека така да биде и со сегашниот.
Но тоа не е единствениот проблем што го тишти народот деновиве. Загрижени сме и поради загадениот воздух, гледајќи како Скопје се натпреварува со индиски Мумбај и пакистански Лахор на листите за најзагадени светски градови. Дури излитени се и шегите „барем во нешто сме најдобри“. Слушаме како инфлацијата ги качува цените сериозно нагризувајќи ги семејните буџети, гледаме и како земјата е заглавена на патот кон ЕУ додека трпи силни надворешни притисоци, а на тие проблеми се надоврза и целосниот колапс на градскиот јавен превоз, што создаде дополнителен стрес меѓу жителите на главниот град во претходните денови. Навистина многу се насобра, па не е ни чудно натрупаниот стрес и незадоволството да избијат во изливи на гнев.
Можеби таквата состојба придонесе за жестока вербална расправија во Собранието, каде што завчера можеа да се слушнат тешки навреди, а малку недостигаше да дојде и до физичка пресметка меѓу пратениците. Јазикот на раскараните пратеници им беше побрз од умот, па не ни стигнаа да помислат на последиците од нивното несовесно однесување. Не треба да се биде експерт за политичка комуникација за да се забележи дека на овој начин се срозува нивото на политичката култура, а кавгаџиите со таквото однесување го нарушуваат не само личниот и угледот на партијата туку и угледот на граѓаните чија волја треба да ја застапуваат, како и на институцијата што ја претставуваат. Веќе неброено пати сме пишувале за отсуството на култура на дијалогот во македонската политика, без разлика дали политичките претставници во тој момент се во државните институции или на телевизиско гостување. Особено е симптоматично што во моментот кога ќе им падне „мрак пред очи“ тие не се свесни како нивните постапки влијаат врз јавноста, додека и комуникациските експерти посочуваат оти сосема е очекувано луѓето што ги слушаат и ги гледаат нашите политички лидери да ги користат истиот начин и речник за пресметување со оние што имаат поинакви ставови.
Па што можеме да очекуваме од секојдневните расправии на пазар, на клупа во Градскиот парк или во кафеана, кога највисоките политички чинители, директно вклучени во одлуки што влијаат врз функционирањето на државата и секојдневниот живот на народот, јавно расфрлаат пцости и навреди во кои спомнуваат родители и други членови на блиското семејство на неистомислениците…
Ваквите инциденти што предизвикуваат поделби воопшто не се потребни, особено во време кога се повикува на национално единство за одбрана од надворешните напади, како и за спроведување внатрешни реформи за економски и општествен напредок, што би помогнале и за евроинтеграциите.
Да се разбереме, навредливата политичка комуникација не е ексклузивно македонска појава, туку претставува глобален спорт како што можевме да забележиме и при кампањата за неодамнешните претседателски избори во САД, во рамките на која имаше жестока размена на навреди што е нашироко документирана. А физички пресметки се забележани и низ голем број парламенти низ светот – во Украина, Ерменија, Грузија, Јапонија, Јужна Кореја, Боливија, Аргентина, Јужна Африка, Нигерија…
Од друга страна Германците имаат досетлив начин за вербална пресметка помеѓу политичките противници, во рамките на т.н. политичка среда пепелница, што претставува тамошна традиција. Станува збор за ден кога политичарите од спротивставени табори отворено се напаѓаат меѓу себе со најостри зборови. А ваквата пресметка „без ракавици“ и со удари под појасот, со години е еден од најголемите медиумски настани во Германија, откако стана популарна во 50-тите години на минатиот век. Настанот што потекнува од традицијата на големите сточни пазари во Баварија е воспоставен на 5 март 1919 година, кога баварскиот сојуз на селани упатил покани за првото „Големо народно собрание“. Во кафеаните тогаш се дискутирало возбудено, а кој најостро ќе го нападнел неистомисленикот добивал најсилен аплауз. Можеби и на нашите политичари би им дошол добро еден ваков настан, како платформа на која би можеле да се „истресат“ едни врз други во поопуштена средина, заедно со медиумското внимание што го посакуваат.
Но, еве, во меѓувреме е најдено решение за враќање на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие на скопските улици со реакцијата на Владата за снабдување на ЈСП со нафта, дувна и ветер што барем привремено колку-толку го расчисти смогот во Скопје, а дел од светските медиуми пренесуваат и дека постои можност во следните шест месеци да дојде до мировни преговори помеѓу Русија и Украина со цел ставање крај на војната, земајќи ги предвид изнесените заложби на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Да се надеваме дека сето ова ќе ги спушти тензиите и ќе внесе малку мир во нашето секојдневие. А можеби ќе ги спаси и тестенините од станување „загрозен вид“ во македонските маркети.