Не треба да си некој голем или мал вмровец за да го поддржиш ставот на Владата, потврден и од претседателката на државата, дека едно од најприфатливите решенија за Владата е да се донесат уставните измени, но со одложено дејство. Несомнено тоа е решение што може да го активира, да го обедини и да го обезбеди македонското единство, толку нужно за државата Македонија, и што искрено нуди подадена рака за разбирање на државата Бугарија. Зошто? Затоа што сите други досегашни обиди не дадоа, најверојатно нема ни да дадат, ефективен резултат.
Не мора човек да ги сака, да ги цени и да ги признава способностите на Силјановска-Давкова и Мицкоски, но не може да има против овој предлог ако ја сака својата држава. Со нужна ограда дека тие не се Македонија, но се клучни персонални симболи на сегашната власт. Владата треба да изнајде начин да ги охрабрува граѓаните да застанат зад неа по ова базично национално прашање, да претстави пред нив еден заштитнички „идентитетски пакет“, она што не сакаше да го направи коалицијата на СДС и ДУИ. Реафирмирањето на ставот за одложеност, всушност, може да биде повик за поддршка од сите домашни чинители без разлика на политичко–партиска, етничка, национална, јазична и верска припадност или ориентација.
Доколку своите ставови не ги објасни доволно или ако во меѓувреме се премисли и го измени принципот за одложено дејство, тогаш оваа владејачка гарнитура предводена од ВМРО–ДПМНЕ ќе се најде пред заканата да го заврши мандатот пред неговиот официјален истек. Не мора да падне пред време, но ќе го загуби својот авторитет, политичка слабост што носи многу предизвици и неизвесности. Таква хаварија ѝ се случи на претходната влада.
Излишно е да се докажува дека граѓаните на Македонија во мнозинство се изјаснуваат за членство во Европската Унија. Тоа сознание е антиципирано од сите влади, се разбира со различен интензитет и со нужни нијанси. На сегашната власт ѝ се оставени за вадење жешки костени од претходната, не по прашањето за или против ЕУ, туку по македонското национално прашање. А македонското прашање е клучот на бугарската политичка агресија и на македонската мирновременска одбрана. Гори огнот само на тие дрва, другото е чад што брзо развејува. Сите други наводи за европските сопки се само вешти измислици, политички трикови за да се прикрие основниот проблем.
Позициите на СДСМ и на ДУИ за запишување на Бугарите во Уставот „сега и веднаш“ зрачеа со ирационалност и недоволна промисленост. Тврдењата дека постапката би била само проста техничка операција без бол, без крв и без солзи, и тогаш, кога гореше под нозе, и сега, од дистанца, може да се оценат за глупи, дури и подли. Како што минува времето, се потврдуваат изречените груби, но вистинити констатации.
Не треба човек да се плаши да проговори отворено, без да му бидат лепени етикети за национализам и слично, дека измените во Преамбулата на Уставот со кои Бугарите би биле запишани како конститутивен народ допираат, ги засегаат исклучиво позициите на македонскиот, мнозински народ во сопствената држава. Другите делови од народи што живеат во Македонија немаат никаква допирна точка во односите со Бугарија, најмалку национална, историска, религиска или културолошка врска. Албанците, на пример, од таквата промена може да имаат идна историска корист, никако штета. Оштетени може да бидат само Македонците.
Колку што Бугарите ќе влезат побрзо во Уставот, властите на Република Северна Македонија многу брзо, утре, другиден, ќе се најдат во мат-позиција пред ризичните одлуки како државата да се развива (или опстане) во иднина и каква ќе биде во неа позицијата на македонскиот народ.
Со уставните измени и со примена на одредбите од потпишаните протоколи, особено со вториот протокол, на Македонците не им се доведуваат во прашање само историскиот идентитет, јазикот, писмото и културното наследство. Дополнително, со текот на времето, ќе им се стеснуваат националниот, политичкиот, социјалниот и кадровскиот простор во строго партизираната и национално поделената држава, а ќе подлежат и на други национални негативни последици.
Бугарија е искусна дипломатска држава, од времето кога била царство, преку комунизам, преобразбата во капитализам, до сегашната недовршена демократија. Обилно ги користи своите искуства, постепено но итро го спроведува она што го сака. Така ја извојува и победата постигната со францускиот предлог.
Нема да спијат бугарските дипломати, политичари, претседатели на влади, колку и да се тие непостојани и менливи. Македонскиот кошмар го сонува и претседателот на државата, ќе си ја тераат тие својата зацртана политика до максимум. Македонците и натаму ќе го чувствуваат притисокот, редовно поддржуван од лицемерната ЕУ.
Ескалацијата на нивните агресивни барања ќе се зголемува и шири на поголем простор отколку денес. Со сигурност може да се претпостави дека ќе дојде до усвитеност тогаш кога на ред ќе доаѓаат новите поглавја за прием, особено поглавјето 26, кое опфаќа образование и култура, каде што во фокусот ќе бидат историските и јазичните прашања. Тука може да се очекува нивниот експанзионизам да добива нови крилја.
Речиси е јасно дека постигнатите договори не може да се менуваат, но сменети се многу околности поврзани со ЕУ. Промените може не се корисни за нас, но не се и против нас. По руската инвазија на Украина и вклучувањето на земјите на Унијата во украинската одбрана, при низа одлуки е нарушен принципот на едногласност. Засилената е потребата Западен Балкан, а особено Северна Македонија да биде членка, за да се спречи руското или кинеското влијание. Колку што на Македонија ѝ е потребна Европа, толку на Европа ѝ е потребна Македонија.