Македонскиот јазик е светост

„Нашиот правопис и правецот на нашиот литературен јазик ќе треба да биде во полна зависност од таа тенденција што ќе не раководи нас при нашата национална преродба. Каква може да биде таа тенденција се гледа од оваа книга. Но јас ќе си дозволам да повторам. Таа е: прво, Македонија да се неутрализира за Бугарија и Србија и да се оддалечи еднакво од двете држави, и второ, таа треба да се обедини врз јазична основа. Овие принципи ќе го раководат и правописот“, Крсте Петков Мисирков

Буквата е знак во еден азбучен систем што се користи за негово пишување, притоа буквите сочинуваат фонеми, односно секоја буква е еден глас од говорниот јазик. Вакво писмо има и македонската азбука, која се состои од вкупно 31 кирилична буква, од кои три се својствени само за неа, а тоа се буквите ѓ, ќ и ѕ. Македонскиот јазик како особеност на Македонија и македонскиот народ има повеќевековна традиција и развој. Појавата и развојот на современата македонска азбука може да се датираат со појавата на глаголицата, како и со замената на глаголицата со кирилицата и усовршувањето на гласовно-графичкиот систем. До 10 век, македонскиот народен говор користел различни писма, а од 10 до 19 век македонскиот јазик и македонската редакција на старословенскиот јазик користел неколку азбуки, вклучувајќи и црковно македонско писмо (македонска варијанта на црковнословенскиот јазик). Македонската азбука ја доживува својата ренесанса во текот на 19 век кога многубројни македонски просветители ги промовираат особеностите на македонскиот говор и стандардизацијата на македонскиот правопис. Меѓу големиот број личности што се занимавале со правилата и стандардизацијата на македонскиот графички систем и на македонскиот правопис може да се одвојат Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Константин Петковиќ, Партенија Зографски, Димитар Македонски, Спиро Гулапчев и многу други.
Меѓутоа современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков. Тој ја реформирал азбуката врз фонетски принцип, а новина во оваа азбука е тоа што се воведуваат нови графеми за македонските гласови. Оваа азбука ги содржи истите гласови како и денешната македонска азбука, со мали разлики во графемите, притоа треба да се нагласи дека Мисирков ја приспособил азбуката според македонскиот фонетски систем.

Оваа реформа на азбуката е направена во 1902-1903 година и типичен пример за употреба на оваа азбука е книгата „За македонцките работи“, во која Мисирков вели: „Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник. Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли, чувства и желби на еден човек, затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња, значи да му остане тој верен на духот на своите предедовци и да почитува сe што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух. Со тоа само се објаснуваат и желбите и усилбите на покорителите да ги направат покорените да се откажат од својот јазик и на негово место да го научат нивниот; исто така со тоа се објаснува упорството на покорените народи да си го зачуваат сето свое духовно народно наследство, а особено јазикот“.
Исто така не смееме да заборавиме дека македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Македонија, од 5 мај 1945 година со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија.
До овој пасус нештата се јасни, но останува нејасно зошто голем број големи македонски компании и мали фирми не ја користат македонската азбука, па тука треба да се споменат и стотиците имиња на кафулиња и ресторани, но и многубројните натписи и реклами што не се напишани со македонска азбука. Неупотребата на македонската азбука може да се забележи и во други сегменти од секојдневниот живот, како што е кореспонденцијата на социјалните мрежи или мејловите кога се користи латиницата. Доколку повнимателно се посветиме на овој проблем, неизбежен е заклучокот дека Македонија како нација, држава и општество ги заборава зборовите на Мисирков дека народниот јазик е светиња.

Некој може да нѐ запраша зошто македонскиот јазик и македонската азбука се светиња. Наједноставниот одговор гласи дека македонскиот јазик и македонската азбука, слично како и другите јазици и нивните азбуки, во својата најосновна форма ни помагаат да ги одржуваме семејните врски и пријателства, да споделуваме вести, како и да ги изразиме нашите чувства на вознемиреност, благодарност, надеж итн. Но употребата на македонскиот јазик и македонската азбука ни помагаат да го сплотиме македонскиот народ и сето македонско општество. Македонската азбука и јазик на најдиректен начин ги продлабочуваат врските помеѓу сите македонски граѓани без разлика на нивната етничка или религиозна припадност.
Затоа Крсте Петков Мисирков вели: „Создавањето литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мисли да им се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси и со која треба да се создаде свој литературен и научен центар за да се нема нужда од Белград и Софија. А таа тешка задача ќе се постигне само ако Македонецот од Северна Македонија му подаде рака на својот брат од Јужна Македонија и оној од Западна. Подадените раце ќе се прекрстат околу Прилеп-Битола“.