Театарот како најголем храм на уметноста отсекогаш бил олицетворение на слободата и слободната мисла, авангарда што преку претставите во прв план ги истакнувала слабостите на едно општество и еден систем, а можноста слободно да се артикулираат таквите уметнички изблици го покажувала вистинскиот одраз на демократскиот капацитет на секое општество.
Многу контроверзни претстави се случувале на штиците што живот значат тука во регионот, но и низ Европа, како и секаде низ светот, преку кои се испраќале многу пораки до обичните луѓе дека некои работи не чинат и дека треба да се променат.
Тоа е така се разбира секаде бидејќи таква е улогата на театарот уште од антиката, но очигледно и ден-денес има поединци што и натаму живеат заробени во националистичкиот ореол на безгрешна нација, која секогаш била на вистинската страна и никогаш не направила ниту една грешка. Тие се најдобри, тие се над сите други, тие се избраните… Страшно е што исто вака пред осумдесетина години размислуваа некои други темни сили, па сите паметат каде отиде светот потоа.
За жал, неодамна во истата таа „демократическа“ Бугарија, како што милуваат да ја ословуваат, една разгоропадена толпа носена на крилјата на национализмот од 19 век, а предводена од некои бугарски политичари и европратеници, ја нападна уметничката и слободна мисла. Всушност, се случи класичен напад врз слободата. Во една земја членка на ЕУ, толпа националисти упаднаа во најголемиот театар и не дозволија над 700 луѓе да ја видат претставата на Бернард Шо бидејќи ги навредувала како Бугари. Забавната воена сатира „Луѓето и оружјето“, во режија на светски познатиот актер Џон Малкович, се одигра во полупразна сала, додека надвор летаа камења и други предмети кон зградата на театарот, а полицијата се обидуваше со сите сили да ги држи на безбедно растојание оние што го нападнаа театарот и сакаа да воспостават цензура во 21 век.
Од друга страна, сите оние што беа во толпата што била навредена од уметничката експресија на Шо, која можело да се постави секаде во светот и да се однесува на кој било друг народ, открија всушност каква бурна реакција се случува кога некој си ја има мувата на капата.
Впрочем, историјата се повторува и говори дека „нешто е гнило во државата бугарска“, да се изразам шекспировски. Имено, точно пред 124 години иста разгоропадена толпа, поддржана од реакционерната бугарска власт, се обиде да ја спречи премиерата на претставата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински.
Тогаш пред зградата на „Славјанската беседа“ во Софија, на самиот ден на премиерата, стигнале група вооружени коњички стражари со цел да ја разбркаат публиката. Пред нив, меѓутоа, застанале повеќемина четници и со парабелуми во рацете го обезбедиле текот на премиерната изведба. Премиерата се одржала на 7 ноември 1900 година. Сега Бугарија повторно се обидува дури и онаа претстава што своевремено сакала да ја забрани како антибугарска, да си ја присвои и да ја прикаже како бугарско дело.
Но едно е претстава, друго се историски факти и документи. А фактите говорат дека во двете светски војни Бугарија била на погрешната страна и наместо да го признае тоа и да живее со таквото петно ширејќи наратив тоа никогаш да не се повтори, таа се обидува да ја прекрои историјата и себеси да се прикаже во некое поинакво светло. Затоа е оваа борба за историјата со Македонија, бидејќи присвојувајќи ја македонската историја всушност сака да покаже дека таа се борела против фашистите во Втората светска војна, дека Бугарите биле принудувани да војуваат за туѓи војски за време на Првата светска војна, дека во Бугарија на секое ќоше се ископуваат неексплодирани гранати и бомби од таа војна, а не дека фронтот бил на некое друго место.
Тоа е причината зошто Бугарија не признава македонски народ, јазик, историја и култура, туку се обидува сѐ што може да присвои и да каже дека тие се бореле со турскиот аскер, се бореле со Германците и дека тие му кажале „не“ на Сталин своевремено. Тие луѓе со ваквиот ментален склоп се дрзнаа да го нападнат театарот, а не сиот бугарски народ, бидејќи и таму има луѓе што точно знаат што значи театарот и која е неговата улога, но уште повеќе се свесни на чија страна беше Бугарија во двете светски војни и затоа не се тревожат кога некој ќе им го посочи тоа во претстава.
Жално е што Европа замижува пред сето тоа и дозволи една голема „театарска претстава“ во режија на официјална Софија да се случува на европска сцена, со барањето Македонија да ги исполни сите бугарски условувања на патот кон Европската Унија.
Како и да е, уметноста не смее да има граници и мора да е слободна и без никаква цензура. Тоа го покажаа уметниците и од македонска и од бугарска страна, кои разменија настапи пред извесно време, бугарските во Скопје, македонските во Софија. Да не беше ситното подметнување од страна на бугарскиот претседател со знамето, ќе можеше слободно да се каже дека уметноста ги урива сите стереотипи. И ги урива, но само кај оние што се слободоумни и космополити во својата мисла, кои разбираат што е слобода на идентификација, на идентитет, на јазик, на слободно поимање на историјата, на свет како поле на културен натпревар меѓу народите.
Сите други остануваат заробени во рамка, не гледајќи подалеку од она што го зацртала ретроградната бугарска политика во изминатите сто и кусур години.
Македонија покажа и докажа дека со ништо не придонела да биде спречувана во нејзините евроинтеграции, па така, крајно време е Бугарија да се ослободи од стегите на минатото и да почне да размислува прогресивно како театарот, наместо условувања и уцени, таа да биде земјата што несебично ќе ѝ помага на Македонија на патот кон ЕУ, за да може и таа што поскоро да стане дел од европското семејство. Тоа ќе се случи во оној момент кога сите оние ретроградни сили што неодамна се обидуваа среде Софија да наметнат цензура, ќе бидат маргинализирани, а сцената ќе им се препушти на луѓето во Бугарија што знаат што значат искрено пријателство и соработка, но и кои знаат да ја прифатат сопствената историја како поука за градење подобра иднина. Своја, а никако туѓа историја!