За оние личности што немаат познавање од историјата или археологијата изразот архајски нема никакво значење. Употребата на изразот архајски период не е соодветен за пошироката македонска јавност, затоа што архајски период или архаика е именување што се користи за периодот од грчката историја од 750 година пред нашата ера до 480 година пред нашата ера. Нештата треба да ги именуваме онакви какви што се, а не како што милува некој. Во конкретниот пример со наодите од Корошишта треба да кажеме дека им припаѓаат на Енгеланите, античко македонско племе што културно и материјално се разликува од Стара Грција, без разлика дали тоа некому ќе му се допадне или не
Во некои општества е достатна употребата само на едно име за да се утврди за што конкретно станува збор, но честопати е потребна описност или дополнителен назив за да се долови суштината на некоја материја. Не треба да се нагласува важноста дека нештата треба да се именуваат онакви какви што се, зашто само на тој начин ги запознаваме во вистинското светло. Колку и да звучи чудно, по откривањето на повеќе од сто артефакти на новиот археолошкиот локалитет во струшкото село Корошишта можевме да прочитаме дека станува збор за богати гробни наоди од архајскиот период што ѝ припаѓале на одредена елита што живеела во Охридско-Струшкиот Регион пред повеќе од 2.000 години.
За оние личности што немаат познавање од историјата или археологијата изразот архајски нема никакво значење. Од друга страна, доколку внимателно се анализира, употребата изразот архајски период не е соодветна за пошироката македонска јавност, затоа што архајски период или архаика е именување што се користи за периодот од грчката историја од 750 година пред нашата ера до 480 година пред нашата ера. Изразот започнаа да го користат историчарите во 18 век за да го опишат преминот од т.н. мрачна доба на Стара Грција до класичниот грчки антички период. Денес во историјата и археологијата изразот архајски период се користи за точно датирање на периодот или артефактите, но кај пошироката јавност може да внесе забуна дека станува збор за период или артефакти што се поврзани со минатото на Грција, а не со нашето македонско минато.
Покрај несоодветното именување на локалитетот кај селото Корошишта, медиумите избегнаа да пренесат дека на откриените наоди може да се забележи сончева розета, која е речиси идентична со онаа што е пронајдена во гробницата на кралот Филип Втори. Како општество, нација и држава не треба да се срамиме од нашето минато, минато што ја има придавката македонско.
Не треба многу да се продлабочуваме во мислите за да сфатиме дека станува збор за епохално откритие, тоа сите го знаат. За оние што добро ја познаваат историјата, особено античкиот период, како што беше професорката Наде Проева, сосема е јасно дека локалитет кај селото Корошишта и гробните наоди им припаѓаа на Енгеланите, античко македонско племе што живеело во Охридско-Струшкиот Регион. Затоа, најточното именување за локалитетот е дека станува збор за антички македонски период, како и за наоди со особено значење за македонското културно наследство.
Доколку внимателно анализираме, проблематичното именување, како и неспомнувањето на сончевата розета од Корошишта, се должи на Преспанскиот договор од 2018 година. Конкретно во членот 7 се наведува дека за првата страна, односно за Република Грција, термините „Македонија“ и „македонски“ ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на Грција туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
Со други зборови, ако се користи терминот античко македонско племе или антички македонски артефакти, по автоматизам се грчка историја, култура и наследство. Споменатата формулација во Преспанскиот договор произлегува од политиката, а не од научните истражувања и ставови. Оттука, последиците од Преспанскиот договор ги чувствуваме и ден-денес, нешто што е особено видливо од именувањето или неименувањето на локалитетот кај селото Корошишта.
Но ниеден политички договор не може да ни ја скрати можноста на нашето да гледаме со наши очи. Оттука, гробните наоди од Корошишта се македонско културно наследство, наоди што се неразделен дел од македонското минато. Затоа нештата треба да ги именуваме онакви какви што се, а не како што милува некој. Во конкретниот пример со наодите од Корошишта треба да кажеме дека им припаѓаат на Енгеланите, античко македонско племе што културно и материјално се разликува од Стара Грција, без разлика дали тоа некому ќе му се допадне или не.