САД ѕиркаат преку плотот

Политики на паланката (3)

Минатиот пат покажав, врз основа на ставовите на Радомир Константиновиќ изнесени во неговата „Филозофија на паланката“, дека постојат два модела на паланечко однесување: едниот е „конзервативен“ и смета дека паланката е „вистински свет“, па тој треба по секоја цена да се сочува („конзервира“); другиот е „авангарден“ и претставува бунт против сè што е паланечко, а подразбира глорификација на светот што е „зад паланката“. И двата става, како што тврди Константиновиќ, се израз на паланечкиот менталитет, и тие две нешта се лесно видливи во нашето политичко милје, само ако наместо „паланка“ се напише Македонија, а ако наместо „свет“ се напише – ЕУ или САД.
За една од последиците на првиот тип на паланечкото мислење, оној што верува дека само паланката е вистински свет, Константиновиќ пишува: „Нема свет надвор од духот на паланката… ако е светот паланечки, тогаш, зар не е и паланката – светска?“ Притоа, како основна особина на паланечкиот самовљубен конзервативизам, тој го истакнува начелото на „јавност“: за паланката нема приватност, паланчаните гледаат преку својот плот во туѓиот двор за да дознаат сè. Тоа е „тиранија на увид во сè, тиранија на апсолутна јавност на сè“, вели Константиновиќ. За начелото на „љубопитност“ и начелото на „јавност“ како основни состојки на паланечкиот дух, тој вели: „тоа е љубопитност со која паланката ја изразува својата желба за еднообразност, за пенетрација насекаде, за апсорбирање на сè, и тоа со уништување на сето она што нејзе би ѝ останало непознато, што би останало ’тајна’ за неа, што би останало надвор од досегот на нејзиното око, слух… Паланката не го сака непознатото, во принцип…“
Со овој навод го допираме прашањето за светската политика. Не е веќе Македонија паланка, туку паланка стануваат најголемите светски сили. Колку се тие во духот на паланечкиот конзервативизам? Да ги земеме за пример САД или ЕУ. Колку е за нив точно дека „Нема свет надвор од духот на паланката (т.е. од нив)“? Од геополитичките односи на САД и ЕУ кон другите земји, сосема јасно ни е ставено до знаење (нам, на остатокот од светот) дека нема свет надвор од ЕУ и САД. Децениите чекање на големи светски сили (како што е Турција) пред портите на ЕУ се сосема јасен доказ дека ние, „остатокот од светот“, сме еден вид „полусвет“, што значи – не сме дел од „нивниот свет“, за кој тие немаат свест дека е обична паланка (а се обична паланка штом сметаат дека нема ништо вредно надвор од нив). За приемот на Македонија во ЕУ не сакам воопшто ниту да трошам зборови: една дузина европски емисари редовно доаѓаа(т) да ни држат лекции како нема живот надвор од ЕУ, односно нема свет надвор од нивната европска паланка. Тој став Константиновиќ го именува како памфлетизам, а го дефинира како трансфер на самоомразата кон „Другиот“, со што се бара виновник „надвор“: „Можеби и силната љубопитност за туѓиот живот, онаа што би можела да се нарече прекуплотовски поглед, доаѓа делумно и од ова избегнување судир со самиот себеси… (Паланчанецот) бара начин од можниот судир со самиот себе да излезе во ’историјата’ како судир со другиот“, вели тој.

И навистина, треба само да се сетиме на еден Ноам Чомски кога жестоко ја критикува оваа паланечка црта на американската највисока политика: наместо соочување со себе, се случува проекција на омразата врз друг. Светската интелигенција е поделена: онаа што е дресирана како „глобално паланечка“, верува дека САД и НАТО служат да обезбедат мир и правда во светот. Но, добар дел од ВИСТИНСКАТА светска интелигенција многу јасно ја воочува потребата на САД и НАТО – незадоволството од самите себеси да се претвори во судир со другиот, па таа интелигенција мисли дека и САД и НАТО се извор на дестабилизации во светот и дека се поттикнувачи на конфликти. А откако ќе ги поттикнат, одбираат страна зад која застануваат со таква „решеност“, со која и „храбар“ паланчанец што започнал тепачка во кафана „учествува“ во неа – други се тепаат наместо него, а тој зад шанкот, со столче в рака, чека да собори некој дрон од шише ако полета кон него.
Но, да се вратиме на прекуплотовскиот поглед на паланчанецот, кој ќе изгори од мака ако не дознае што е тоа покриено со мушама во дворот на соседот. И на она, многу важно место кај Константиновиќ, кога говори за „желба за еднообразност, со уништување на сето она што на паланката би ѝ останало непознато“. Паланечката желба за „еднообразност“, во светската политика денес најсилно се гледа во барањето сите да ја осудат страната што САД и ЕУ ја осудиле во некој конфликт, а да застанат на страната што САД и ЕУ ја одбрале како „историски праведна“. За таквиот паланечки однос кон „вистината“ во наредните колумни, а сега – неколку збора за тоа дека паланката не го сака „непознатото, во принцип“. Кога неодамна се смени власта, цела „глутница“ ЕУ и САД емисари доаѓаа во Скопје да го запознаат „непознатото“ – новата власт. Навистина, до доаѓањето на новата власт беше речиси непознато некој да им каже – море марш одовде, ѕиркачи паланечки, прекуплотовски! Беше непознато некој, макар и најблаго, да каже дека амбасадорите и белосветски емисари премногу се мешаат во внатрешните работи на земјава. На пример, госпоѓата американска амбасадорка, со изразит паланечки прекуплотовски поглед, таков што „апсорбира сè и пенетрира во сè“, како не би останало нешто „надвор од досегот на нејзиното око и слух“, беше извонредно заинтересирана за прашањето за судскиот совет во Македонија и за други внатрешни прашања на една самостојна држава. Но не се ни огласи кога Албанците од Македонија посакаа своја академија на науки и уметности. Тој паланечки нагон да се уредува туѓиот двор кога се има интерес, а да се заборави на него кога се нема интерес, без разлика што за тој паланечки нагон се користат цивилизирани термини („медијација“, „мониторинг“), сепак е во основа паланечка непристојност, ама е дел и од „новата нормалност“ на светот, која за сите умни, нормални и воспитани луѓе е – нова ненормалност.

Во таа смисла, и сите шпионски (разузнавачки и контраразузнавачки) активности (низ целиот свет, не само кај нас), станаа нормални, па за нив и се пишува како да е шпионирањето стандардна, вообичаена и секојдневна дипломатска активност меѓу државите. Живееме во шпионско-паланечки свет: нема приватност по дворовите (државите). Па, и во секој маркет има инсталирано камери на кои можат да ве видат како пазарите и што пазарите. Порано се бараше дозвола од вас – дали дозволувате да ве фотографираат или снимаат. Сега не постои тоа, со што се крши основното право на човекот – правото на приватност. Кој му дозволил на маркетчијата да ме снима, со моите две деца (кои, не дај боже, може да станат мета на манијаци), да знае што јадам, што најчесто купувам и каде живеам, и колку пари имам во паричникот? Тоа е Орвел на дело!
Оправдувањето дека тоа се прави од „безбедносни причини“ е уште понавредливо. И НАТО, и Европа, и сите земји шпионираат од „безбедносни причини“. Тоа значи дека првата претпоставка на шпионите за шпионираните е дека се со криминогена природа (тоа води кон „расни“ теории, особено раширени за Балканците!). Како што првата претпоставка на оној маркетчија е дека секој купувач е и потенцијален крадец. Така мислат и Европејците за Македонците кога треба да ги примат во ЕУ: зошто инаку толку надзор, толку „камери“ од Амери и амбасадори?!
Тоа е крајно навредливо и длабоко паланечко размислување на најголемите светски сили. И за тој „страв од измама“ на паланката (била таа локална или светска) има пишувано Константиновиќ, но за тоа во едно од следните продолженија.