Поуки за јазикот

Амбасадорката рече – Македонија, без онаа додавка што некои наши политичари ја повторуваа и по десет пати во своите говори, дури и во најтесен круг на слушатели, кога немаше странец ни на километар од нив. И токму тој факт дека не ја спомна страната на светот со која се накитивме пред некоја година, кога беше додадена на името на нашата држава, изненадувачки помина незабележливо кај пошироката јавност, па дури и кај некои од најголемите поддржувачи на таа додавка, кои тогаш нѐ убедуваа дека не е ништо страшно, туку само граматичка додавка

Конечно можеме да здивнеме. Заврши и тоа. Минаа и американските избори. Се возбуди и целата македонска јавност, особено нашите електронски медиуми, кои се наттркуваа кој ќе покаже поголемо знаење за Америка и Американците, со посебна специјалност за гласањето таму. За среќа, заврши и оваа приказна, која како и хеловинот и валентинот си ги прифативме како наши, безмалку во надеж дека, кај и да е, ќе станеме 52. ѕвездичка на сино-бело-црвеното знаме. Навистина е нестварно како со невидена леснотија се обидуваме да прекроиме некои работи и да ги прикажеме како да се дел од ова поднебје. Ама, тоа сме си ние, не попусто сите ни се чудат на тоа какво чудо сме.
Гледавме, слушавме, на моменти дури и се исчудувавме кои сѐ ликови пропарадираа во телевизиските студија, но очигледно и тоа е цената на овој предизборен панаѓур. Тоа беше неповторлива можност да се истакнат познавањата на геополитиката, на американскиот изборен систем, на психологијата на Американците, па сѐ до влијанието на средбите на Трамп со некои дами со интересно минато, односно со неискуството на Харис за политичка борба. Кој имаше нерви да слуша можеше да слушне сѐ и сешто. Од навистина добро подготвени соговорници до тотално промашени гости. За домаќините ќе си кажат нешто повеќе матичните редакции. Овој пат не би зборувал повеќе за нив.
Мора да признаам, многу работи ќе останат запаметени, но за мене една работа останува голема енигма. Имено, на дента на изборите, во вторникот, американската амбасадорка во оставка, Анџела Агелер, давајќи изјава пред новинарите откако го дала својот глас за идниот претседател, сосема смирено, од ништо непредизвикана, меѓу другото, рече: „Мојата порака како амбасадор на Соединетите Американски Држави овде во Македонија е доста конзистентна, исто како што беше тоа и со вашите избори…“.
И така амбасадорката рече – Македонија, без онаа додавка што некои наши политичари ја повторуваа и по десет пати во своите говори, дури и во најтесен круг на слушатели, кога немаше странец ни на километар од нив. И токму фактот дека не ја спомна страната на светот со која се накитивме пред некоја година, додавајќи ја на името на нашата држава, изненадувачки помина незабележливо кај пошироката јавност, па дури и кај некои од најголемите поддржувачи на таа додавка, кои тогаш нѐ убедуваа дека не е ништо страшно, туку само граматичка додавка.
Но тоа сме ние и тука нема дискусија.

Но затоа, пак, по малку ми падна жал за колегите од соседството, поточно за дописниците на медиумите од нашите соседи, кои мораа со ознака „итно“ да испраќаат пораки до своите редакции, па и до надлежните министерства дома, дека амбасадорката на САД рекла тоа што рекла. Каква ли само збуњола станала кај примателите на пораките не би сакал ни да помислам, но доволно ми беше кога видов дека никој од нив не ни гугна. Сите оние што беа гласни дури и кога секретарот на месната заедница во Свирипичино ќе кажеше Македонија, па испраќаа протестни ноти, се закануваа со блокада, екскомуникација и што ти не, овој пат очигледно „беа на кафе“, што веќе стана омилена европска референца за вакви ситуации кога е подобро да се сврти главата настрана и да не се бранува многу.

Па, ако може да извлечеме некаква поука од целиот случај, можеме да заклучиме дека воопшто не било страшно ако во некоја пригода испуштиме да ја потенцираме придавката, која не ни легнува на сите во увото како што е замислено тоа. Независно колку на тоа ќе инсистираат нашите домашни „Европејци“.
Конечно, нема потреба да се фокусираме на тоа кој и колку се привикнал на наметнатиот „новоговор“, туку многу поважно е кога и колку ќе се втурнеме во сериозно расчистување на состојбите, кои почнаа да излегуваат од под тепихот и чија смрдеа се шири сѐ поопасно од сите страни. Веќе првото поткревање на тепихот покажува дека под него биле туркани работи што требало одамна да бидат спастрени. Но некој заклучил дека е подобро да се затурат некаде, па биле тргани настрана, веројатно со идеја дека никој нема да ги забележи, дека ќе бидат заборавени…
Да се надеваме дека ќе ѝ покажеме на Европа, која упорно инсистира на тоа, дека и ние знаеме што значи поимот „владеење на правото“.