Кина: Патот на свилата на светската цивилизација

Неодамна (1 октомври) Кина славеше 75-годишен јубилеј на својата република, кој наназад може да се помести и за неколку милениуми траење на кинеската империја, а како што стојат работите и понатаму ќе трае така, иако светот стои на работ од бездната, а чудесната Кина го држи него да не се урне во неа. А сигурно, драг читателу, и ќе се урнеше и досега ако таа не го држеше и држи него во каква-таква рамнотежа со својата наследена конфуцијанска мудрост и етика. Така. Па сè си мислам што ќе се случеше со тој сега очаен шопенхауеровски свет ако бескрајната Кина ја имаше агресивната психа на Америка. Досега тој десет пати ќе беше Хирошима и Нагасаки.
Ете. А мојот пријател од политиката ми вели кој сум јас како поет и фантазер да говорам за неа и од таков аспект. А јас го упатувам на Елиот, кој, пак, вели дека поетите би биле идеални државници, за разлика од Платон, кој нив ги брка од идеалната држава. И уште тој вели и дека наследство на поетот не е само националната традиција туку целокупната светска култура. Па така, и не случајно на чело на мојата библиотека стојат антологиите на кинеската класична поезија од Радомир Андриќ („Свет у капи росе“) и од Игор Радев во прекрасен македонски превод, како и неговите преводи уште и на поезијата на Су Ши и на Лао Це.
Кинезите се голем и мистичен народ во битието. Тие се од древноста наваму во рамнотежа со својата психа, јинг и јанг, а како што гледаме сега се обидуваат, мудри, да бидат тоа и со психата на светот. Нивната примарна религија, дојдена од Индија кај нив, е будизмот. Тој е сличен на христијанството што проповеда универзална љубов, истрајност во верата, проштевање и непротивење на злото. И Кина тие вредности на своето колективно битие ги сочувала, за разлика од западното христијанство во кое Фауст му ја продаде душата на Мефистофел (ѓаволот) за наука и сензуална наслада. А финално до што доведе таа западна наука е атомската бомба и Хирошима.
А Кина. Таа неколку милениуми опстојувала, а денес опстојува врз темелите на двајца свои мудреци-мислители: Конфуциј (551-479 пр. н.е.) и Лао Це (шести век пр. н.е). Конфуциј го изградува кинескиот етички систем за семејството и државата во кој централен поим е хуманоста како основа на меѓучовечките односи и моралните постапки. Во Европа до него е близок Сократ, а подоцна, дури во деветнаесеттиот век, Кант со својот „категорички императив“, според него априорно вграден во психата на човекот за моралниот закон како господово наследство. А тука до Конфуциј е веднаш и Лао Це, кој исто така учествува со своето учење на формирање на кинеската колективна душа. Тој, за разлика од практицизмот на Конфуциј и неговата применета филозофија, е херметичар, кој се изразува во шифри и парадокси.

Станува збор за неговата култна кинеска книга „Тао-те-кинг“, која во средиштето го има поимот „Тао“. Некои го преведуваат со поимот битие, а некои битието со поимот Пат, што значи битие на пат. А поимот Пат, драг читателу, е впрочем суштина на кинеската душа и мисла, кои како такви се суштина и на кинеската катадневна егзистенција. Да. А потоа, како што гледаме, тој е втемелен и во новата современа политичка мисла на Кина, која сега и на унивeрзaлен план се обидува, и покрај сите западни пречки и стапици, да го упати светот, посебно колонијалистичкиот Запад, на тој широк пат трасиран од Конфуциј и Лао Це. А пример за тој и таквиот прекрасен пат, драг читателу, почнат уште пред два милениума, е „патот на свилата“, сега промовиран на цивилизациско ниво и во патот-близнак „Појас и пат“. На него сега сиромашните и обесправени од западните колонијалистички сили гледаат со наклоност и вера во спасение.
Патот на свилата е пример на кинеската космополитска идеја за заеднички светски простор, она, всушност, на кое работеа визионерски и Античките Македонци многу блиски до универзализмот на кинеската душа. Тој прекрасен „свилен“ пат од далечната Кина како Виа Игнација стапува и на европско тло и оди кон жестоката Римска Империја. И минува, магнетизиран од Европа, се разбира, и низ неодминливата Македонија папокот на светот. Од Кина тука доаѓа за понатаму и скапоцената свила, кинеската метафизика на убавината и нежноста. Да, но со товарите свила тука, драг читателу, доаѓаат и товари на културно кинеско благо. По тој свилен пат на трговијата и културата стасува во Македонија, тука се задржува, есенцијализира, а потоа заминува во нарцистичка Европа (која без срам сè прогласува за свое) и кинеското алхемиско благо. Алхемијата собрана во нејзината култна херметичка книга „Златниот цвет“, која Јунг, како што гледаме, во неговата „Психологија и алхемија“ ја проучува со микроскоп во зениците. А дека, пак, по патот на свилата Македонците први ја дочекале, проучиле и ја поздравиле алхемијата пред Европа сведочи и историски потврдениот факт дека во неа, имено, од италијанскиот монах Леонардо ди Пистоја, а по налог на Козмо ди Медичи од Фиренца, Италија, се пронајдени херметичните книги на Хермес Трисмегист. Него Западот го лоцира во Египет, само и само за да не е Македонец. И, мала дигресија, еве од кога уште се готви Преспа 2018.
Чудни се страдалничките изохипси на Македонија и Македонците, драг читателу, кои коинцидираат на тој план и со изохипсите на Кина особено во нејзината понова историја. Оти, парадоксално, во неа страдала природно, според својата големина, Македонија, ама, несфатливо, и огромната Кина. Мирољубива, таа никогаш како Западот на Европа не демонстрирала колонијалистички нагон и не посегала по туѓи територии и народи. Никогаш не произвела темплари, крстоносци и конквистадори. Никогаш не го поминала океанот за колонии. Напротив, иако огромна, таа страдала од европските колонизатори, особено од агресивните Англосаксонци во деветнаесеттиот век во кој во Европа цвета науката, ама и пљачкаштвото низ светот. Тогаш се случуваат и поткусувањето и колонијалното тормозење на Кина од нив. Станува збор за таканаречените Опиумски војни (1839–1842) на Кина и Англија кога Англија го освојува островот Хонгконг. А во англиската агресија на Кина за свој профит, со Америка во заднина, се вклучени и „демократските“ Французи.

По нив доаѓаат и Јапонците. Но Кина е голема душа, не заборава ама проштева. Им прости на западните колонијалисти, ама им порача дека мора да ги вратат со сила запленетите Хонгконг и Тајван. Таа ни прости, толку е духовно возвишена, и на нас Македонците што сме колку едно мало кинеско гратче или поголемо село. Ни прости за онаа глупост со Тајван, а по американски налог со цел да се понижи Кина, на југокомунистот Тупурковски. Ни прости, ама ние амерополтрони не го поместуваме погледот од империјалното Кале натаму. Ние дејствуваме под најглупавиот слоган за човекот „нема друга алтернатива“ и дури се клониме и да го изговориме зборот Кина. Така, а камоли да го доведеме Си Џинпинг во Македонија, како што го доведе него во Србија Вучиќ. Србија има друга алтернатива, некој циник би рекол, и благодарение на бомбардирањето од НАТО, па морално доблесна не се врза за него и Америка. А ние? Па, и ние претрпевме штета од таа воена алијанса која застана на страната на албанскиот тероризам 2001, ама немавме храброст ни да го кажеме тоа, туку бргу-бргу се пикнавме под опашката на западната кобила на апокалипсата. Нашите еднодимензионални политичари, слични на оној консумеристички човек на Маркузе, се безалтернативни, без да знаат дека дури и мртвите имаат алтернатива: воскресението.
Тоа, драг читателу. А има една мудра кинеска поговорка, која на Кинезите како порака им ја реактуализира Денг Сјапинг, наследникот на Мао Ѕедунг. Таа гласи: „Скриј се и чекај“. А Кина отсекогаш била трпелива и чекала. И во ова модерно и пеколно забрзано време, во чиј центар се златното теле на капиталот и грабежот на сиромашните од страна на богатите. Затоа, имено, и не е чуден куриозитетот дека Кина стана членка на Обединетите нации (формирани во 1945-та) дури во 1971 година. И тоа најмногу благодарение на африканските земји што гласаа за неа. Нивните гласови беа пресудни. Гледав на една оригинална снимка на Historу како нивните претставници скокаат од радост на денот на приемот. А зошто? Цивилизациски феномен! Затоа што тие гледаа во неа спас од сè уште силно актуелниот западен колонијaлизам. Па, нели видовме на екранот како се веат кинески, а и руски знамиња во Нигер кога тој ги бркаше од неговата земја француските „демократски“ колонијалисти во п.м., таму од кај што дошле. А големата Кина со голема душа возврати, со денес нејзиниот „Појас и пат“ што нуди светски мир и економски и културен развој, кој ја освојува експлоатираната до уништување од западот Африка, кому таа и денес (тоа се чува како тајна) му плаќа енормни суми колонијален данок.
Крај. Финито, драг читателу, оти е близначка на бескрајот приказната за Кина и неа нема да успее да ја раскаже не во 1.001, туку во многу илјадници ноќи ни Шехерезада. Туку, еве, јас на крајот, со мало задоцнување, во кинеската вечност да ѝ го честитам на НР Кина 75-годишниот јубилеј. Притоа, јас не сум политичар туку поет, кој за разлика од политичарите владее со полето на слободата и слободната мисла, па можам да кажам дека има алтернатива за нас Македонците надвор од Брисел и Вашингтон, кои ни ја подготвија идентитетската смрт во Преспа 2018. Тоа е, се разбира, Кина со нејзиниот космополитски, културолошки, економски и мировен древен „Пат на свилата“, заедно и со неговиот нов цивилизациски близнак „Појас и пат“. Тие два кинески правци на ориентација и спасение на светот застанат на работ на апокалипсата ги усвои и новиот мирољубив планетарен сојуз БРИКС како рамнотежа на агресивниот НАТО и евроамерикански сојуз, кој сè уште не се откажал и нема намера да се откаже од притисокот на послабите и сиромашните и, следствено на тоа, од својот колонијалистички (читај: канибалистички) нагон за своја доминација под капата небесна. Дури и моќната голема Турција со децении беше понижувана од Западот, од религиозно расистичката ЕУ, па Ердоган како вистински лидер за да му стави крај на тоа понижување, еве, со забрзани чекори ита кон „Патот на свилата“ и „Појас и пат“, кон БРИКС. А ние? Ние, драг читателу, сме шампиони во таканаречениот „стокхолмски синдром“, во патологијата во која жртвата (самата од себе доведена во позиција на идиот и психопат) е до смрт заљубена во својот џелат. За да бидам појасен, тој што нам ни ја довлечка западната „демократска“ гилотина од Бастилја и Брисел во Преспа да ни ја пресече идентитетската глава без око да му трепне. а камоли солза да пушти. И тој настан, за да биде иронијата поголема, тој злосторнички настан Евроамерика го прослави како врвен цивилизациски изум.
Крај. Nocturno, de profundis, memento mori.

Кина нè одведе кон многу дигресии, поттикнати од нејзината Лаоцеова филозофија на Тао (Патот). „Уште само да кажам, драг читателу, дека Кина е и моја поетска фасцинација, па зачестено користам кинески мотиви во моите песни. Имено, со една моја кинеска песна и сакам да ја завршам оваа колумна и како моја есенцијална честитка за 75-от јубилеј на НР Кина. Со песната „Гробницата на малечката кинеска принцеза“. Еве: „Од жад, каменот на бесмртноста, / е гробницата на малечката / кинеска принцеза од династијата Минг. / Столетија во неа спие таа, / и тие што ја посетуваат, / осветлени од молњата на праматеријата / што дреме во нивната свест, / знаат дека е тоа ќерката сончева / на Големата карпа жад, / Светата планина што се крева / првата венчална ноќ / во срцето на кинеските љубовници“.