(Повод: Написот „Босански ’Дејтон’ во македонско издание?!“ од С. Тоевски, објавен во „Нова Македонија“ на 1.11.2024 г.)
Навистина интересна суштинска анализа на авторот Стоевски за она што ѝ се случува на Македонија и каде се насочува од осамостојувањето па до денес, а особено по војната во 2001 година и по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот со Грција.
Особено се значајни укажувањата и објаснувањата на неколкуте странски професори од областа на политичките науки и други експерти и авторитети за политичките системи и уставното право што Стоевски ги наведува, а кои стручно и научно ги објаснуваат разликите меѓу социолошките поими и категории народ и нација, меѓу национално малцинство и етничка заедница и сл. Притоа, особено е значајно укажувањето на последиците кога овие поими и социолошки категории дилетантски и за дневнополитички потреби се внесуваат во политичките системи и кога стануваат уставни категории.
Значи, едно е кога во Уставот, и тоа во Преамбулата, одредени етникуми и етнички заедници ќе се внесат како конститутивен народ и елемент, а друго како национално малцинство во соодветната државна заедница, како што се внесени на пример во хрватскиот устав, во кој наброените припадници на другите народи, меѓу кои и Македонците, се стриктно именувани како национални малцинства, а не како конститутивен народ.
А токму тоа набројување во Уставот на Хрватска на малцинствата, од незнаење или свесно за дневнополитички потреби, дилетантски и несоодветно беше посочувано од многу наши политичари од претходната власт, како и од врвни наши интелектуалци поддржувачи на тогашната власт, но и од врвните луѓе од ЕК, западни амбасадори и други странски емисари при вршењето притисок врз Македонија за внесувањето на Бугарите во Уставот, како пример дека тоа не било ништо страшно, дека се работело само за една запирка по која ќе се стават Бугарите, како што тоа го објаснуваше тогашниот претседател Пендаровски, а кој, за жал, е доктор по општествени науки поради што би требало да ги знае тие разлики меѓу поимите народ и малцинство, односно дека малцинството не може да буде конститутивен елемент во Уставот на една унитарна држава.
Токму затоа овие укажувања во анализата на Стоевски, поткрепени и со објаснувањата на наведените експерти и професори по Политички системи и по Уставно право од странските универзитети, се многу значајни бидејќи укажуваат и предупредуваат за тоа каде ја водат Македонија нашите политичари со таквото не/познавање на овие социолошки и политиколошки поими и категории и поради тоа заслужуваат да бидат земени предвид при носењето на идните одлуки и уставни решенија при промената на Уставот.
За жал, Македонија од почетокот па до денес во најголем број ја водат политичари електроинженери, комерцијалисти, лекари, јазичари, а многу малку мислители од општествените науки, а неколкутемина што беа или сега се на власт, повеќето се експерти за римско право, а многу малку експерти за политичките системи и уставното право, а речиси воопшти ги нема од политичките науки, социологијата, филозофијата и сл.
Но, што се однесува до Дејтонскиот договор и политичкиот систем и државното устројство на Босна и Херцеговина и споредбата со нашата, исто така, уникатност од една страна формално унитарна, а од друга де факто етничко-јазична федерација, едно мало дополнување.
Имено, БиХ е специфична и уникатна држава во светот (како впрочем и Македонија), која иако нејзиното државно уредување е од републички карактер, таа не функционира и не се дефинира како република токму поради сложеноста на нејзиното политичко-административно и територијално устројство и поделба, па повеќе функционира со елементи на федерална и конфедерална држава.
Имено, според Уставот, кој е всушност точката 4 од Дејтонскиот договор потпишан во ноември 1955 г., БиХ се дефинира како држава БиХ (а не како Република), со два ентитета, но со три конститутивни народи – Бошњаци, Хрвати и Срби.
Едниот ентитет е Федерација Босна и Херцеговина, создадена со Вашингтонскиот договор потпишан во март 1994 г. меѓу Бошњаците и Хрватите, а другиот Република Српска, признаена со Дејтонскиот договор и Брчко дистрикт, како посебна административно-управна единка во Босна и Херцеговина надвор од двата ентитета востановен во март 2000 г. со одлука на Меѓународниот арбитражен суд.
Но, она што е значајно да се подвлече кога многу странски, а и наши политичари прават споредби или ги изедначуваа нашиот Охридски рамковен договор и Дејтонскиот, е двојниот аршин на т.н. меѓународна заедница во поглед на нивното толкување и спроведување.
Имено, додека т.н. меѓународна заедница Дејтонскиот договор го толкуваше и спроведуваше во правец на унитарност, односно кон јакнење на централната власт во БиХ со одземање многу надлежности доделени со Дејтонскиот договор на двата ентитета и нивно префрлање на централната власт на државата БиХ (така на пример со Дејтонскиот државата БиХ имаше само четири министерства, а сега 10), таа иста т.н. меѓународна заедница Охридскиот рамковен досега толку го растегна и прошири со што Македонија ја насочи кон дезиннтрегативни процеси и со тоа од уставно дефинирана како граѓанска и унитарна држава, де факто веќе ја претвори во етничко-јазична федерација.
Но, тоа е веќе тема за поширока и посебна споредбена анализа меѓу Дејтонскиот и Охридскиот рамковен, како еклатантен пример за двојните аршини и принципи на политиките на таа т.н. меѓународна заедница, кои најмалку се во согласност со меѓународното право, туку се водат од геостратегиските глобални интереси на „големите“ и главни играчи во меѓународните односи.
Стојан Руменовски
Авторот е поранешен дипломат