Според степенот и карактерот на општествено-политичкиот и економскиот развиток, честите историски и политички премрежиња и турбуленции, и она што ни се случува денес во политиката, на улиците, со институциите, нашата единствена татковина и света земја Македонија можеме да ја подведеме како држава во перманентна револуција од балкански тип, во која нејзините најдобри синови предводници и носители на историски едночинки набрзина „израснуваат“ во транзициски револуционери, првоборци, следбеници на традициите.
Во тој конституционален метеж, паралелно со создавањето и зреењето на македонската државна творба, се одвива процес на создавање политички кадар како репрезент и двигател на севкупните општествено историски тежненија, детектиран, промовиран и верифициран на непосредни демократски избори како избор и израз на слободната волја на активното гласачко тело.
Но, во тој зовриен демократски котел, во услови на транзицискиот галиматијас, многу од протагонистите ја сфатија политиката како легализирано средство за хистеричен грабеж на материјални добра од транзицискиот колач, кои подоцна со силата на матно дефинирана и неразјаснета теоретско-политичка аргументација и релативизација си ги приопштија како трајно сопствено добро. Така е конституирана т.н. првобитна транзициска елита, која општествените богатства ги трансформира во сопствени велелепни имоти и банковни конта најчесто надвор од земјата, подалеку од очите на јавноста и од сѐ поголемото незадоволство на армијата економски деградирано мнозинство.
Во таквиот невротичен амбиент, во кој историјата се одвива молскавично, без малку елиптично, се одвива процес на создавање лажни и набедени авторитети, кои во нашата плурална пракса се најчесто изникнати и градени врз нереална подлога и претставуваат тотална импровизација и инцестуозна политичка бламажа. Реалните последици што настапуваат лесно се видливи и препознатливи и го откриваат грдото лице на политиката, како и маршрутата и шорткатот до богатства и привилегии, како израз и материјализација на политичката моќ. Политичката борба, натпреварот на визии, идеи, македонскиот (просечен) политичар ја напушта брзо по освојувањето на власта и се впушта во потрага по плен, кој најчесто е резултат од матни транзициски трансакции. Во спротивно ризикува да излезе наивен и смешен во очите на сѐ порамнодушната јавност, која одамна ја апсолвирала политиката како масовно средство за богатење, а политичките транзициски профитери како првоборци, ветерани, сега уживаат во привилегиите и нечесно стекнатите богатства и навлекувајќи на лицата маски на уморни лажни револуционери сѐ повеќе се дистанцираат од политичката арена и се повлекуваат внимателно во дипломатијата или во некое безбедно место во белиот свет (заедно со богатиот транзициски плен), претворајќи се притоа несвесно во највисокиот степен на развиток на сопствените фрустрации. Во тоа своевидно „бегство во комфор и привилегии“ македонскиот просечен политичар станува потпросечна жртва на сопствената револуција.
Македонскиот (просечен) политичар не остава зад себе конзистентен целовит резултат или политички печат како последица на своето владеење, туку лавиринт од матни неразјаснети околности во кои се вовлекла неговата нечесна совест и во која (привидно) е засолнета неговата проблематична етика.
И како многупати во историскиот развиток, сведоци сме на „истата стара приказна“ за отапена револуционерна острица, за револуција што наместо да ги изеде сопствените, шарени, леви и десни, вистински или лажни револуционери, им го јаде лебот на сопствените деца. И за крај од овој обид – скица портрет, да споменеме и можеби една од клучните причини за неуспехот на безброј револуции, од кои една се случуваше и во нашиот сокак. Неуспехот, морално етичкиот дебакл на голем број револуции и протагонисти во тој своевиден театар на апсурдот се комфорот и безмалку религиозниот однос кон викендот и празнувањата, кои се несоодветни за дејства и се пречка за непречено одвивање на незадоволства и гневот во современите револуции. Примирја и недејствување во услови на дожд и невреме, за викенд и празници. Според статистиките во историскиот преглед… топлата бања уништила повеќе револуционери и револуции отколку сите контрареволуции во светот заедно.
Аљоша Симјановски