Трамп или Камала, прашањето е сега!

Неодамна читав статија на славниот Фукујама (кој пред некоја година, нели, дури и го посети Правниот факултет во Скопје), во која накусо се осврнува на 2024 како „година на изборите“. Навистина, статистиката покажува дека оваа година во најголем број држави се одржале некакви избори. Прелистував, прелистував да видам некој збор за Македонија, но попусто. И тој, како и мнозинството други аналитичари и луѓе, го става фокусот на „хамлетовскиот избор“ во САД. Дали граѓаните ќе се одлучат за Доналд Трамп или за вицепретседателката Камала Харис, која би станала прва жена претседател – навидум е круцијалното прашање на сите американски, но и меѓународни дебати. Како да постои некое уверување дека судбината на светот зависи токму од личноста што ќе влезе во Белата куќа… Тоа чувство особено е засилено во момент на глобална криза, која се заканува со трагичен крај на целото човештво. Но иако е настан од висок интерес, не сите го сметаат за судбоносен. Остатокот од светот (глобалното мнозинство) веќе решило да не ја врзува својата судбина за налудничавоста и за политичкиот амок во САД. Интересен беше коментарот на професорот Џанг Веивеи од Шангај. Тој, токму во оваа американска драма (или американска трагедија во која главни улоги имаат оние два лика како божем единствена политичка понуда), ја гледа и слабоста на тој систем што се сведува на спектакли, поларизација, навреди, етикетирања на цели популации. Со право вели дека во Кина тоа би било невозможно, не поради тоа што се еднопартиска држава туку затоа што селекцијата што ја минува секој член на високото партиско водство е толку ригорозна што постои гаранција дека кој и да е на чело, тоа ќе биде личност докажана во работата на јавното добро. Интересен беше и коментарот на професорот Маранди од Техеран за анализата на „Њујорк тајмс“ дека Иран навивал, па дури и се мешал во американските избори. Тој вели дека Иранците никогаш не би фаворизирале ниту еден од тие „манијакални ликови“, кои еднакво поддржуваат геноцид.
Тешко е да им завидуваш на американските граѓани за избор меѓу „пепси“ и „кока-кола“, како што одамна ги дефинираше двете главни партии Ноам Чомски. Во своето обраќање на „Кембриџ“ пред неколку дена, Џефри Сакс го кажа истото тоа, па дури направи и чекор плус. Изјави дека иако му се поблиски демократите, сега веќе не може да им прости затоа што се директно одговорни за двете најголеми кризни жаришта што ги загрозуваат светскиот мир и безбедност: Украина и Палестина. Но повеќето – дури и во академската фела – од очај одлучуваат да го изберат помалото зло, а се чини кај учените Камала има предност. Сочувствувам со нив, ги разбирам, но на нерви ми оди потребата дури и да го разубават помалото зло (кое во суштина останува зло, а тие добро го знаат тоа). Искоментирав нешто во таа смисла на ФБ-профилот на колега од мировни студии од Калифорнија – и заработив бришење од листата на пријатели. Изгледа и јас веќе му стапнав на нерв, бидејќи моите коментари (со извинување што се мешам во избори на друга држава, ама таа држава мајка ни расплака нам овде на Балканот) почнаа да добиваат поддршка од тие што го следат. Нејсе, ова е неважна епизода во споредба со она што му претстои на американското општество.

Не е тешко да се заклучи дека исходот, каков и да биде, во веќе поларизирано општество ќе доведе до легитимациска криза и внатрешна нестабилност. Се сеќавам кога Џорџ Буш Помладиот го доби вториот мандат и покрај катастрофалната политика што ја водеше, мнозина од нас се тешеа дека тоа е добро: чекор до окончување на таа неодржлива политика и чекор поблизу до падот на Империјата. Но таквите процеси, како и оние на градење поинаков светски поредок, се долготрајни и никогаш со сигурност не може да се предвиди кога ќе се види нивниот завршеток. И со какви последици…, кои ќе имаат ефект на ширење како во концентрични кругови, од национален до глобален план.
Познавачите на американската политика (и тука пак ќе го споменам Џефри Сакс, како човек што со децении беше близок или имаше комуникација и углед кај политичкиот врв) знаат дека и покрај сиот спектакл, претседателот на САД не е фигура на моќта. Државата ја управуваат други, додека јавноста се занимава со личности и карактери. Таквата „држава на национална безбедност“ или воено-индустрискиот и медиумски-академски комплекс е и причината за отсуството на демократија. Иако општествената кохезија е во распад, заедно со општествениот договор околу клучните работи за социјалната благосостојба на една од најбогатите држави на светот, апаратот што раководи се грижи за својот опстанок и континуитет. Малку повнимателната анализа лесно би покажала во колку многу точки Бајденовата администрација претставуваше продолжение на онаа на Трамп во првиот мандат. Исто така, тешко е да се очекува дека доколку победи Трамп, сега ќе донесе некакви големи (позитивни) промени, особено во надворешната политика. Иако се свесни за фрактурите во системот и нужноста од неговата промена, демократите направија сè за да го одржат нефункционалниот систем, па дури се и во самоубиствена колективна хистерија со упорната милитаризација. (На неколку дена до изборите, тие праќаат силен воен контингент да го брани Израел. Војната им е адут во изборите, како што беа и обидите за атентат врз противкандидатот.) Познавам почитувани поддржувачи на демократите што се очајни од последните потези на Бајден и на Харис, па дури и се прашуваат: дали овие луѓе воопшто сакаат да победат?
Но помудрите аналитичари, како американскиот професор Владимир Голдштајн, наместо со прогнози и облози, се занимаваат со длабоките причини за она што се случува – односно зошто изборите се доживуваат речиси како безбедносна закана. Тој зборува за тајната на Трамповата привлечност за пониските социјални класи во општеството. Од неконтролираното мноштво работи што излегуваат од неговата уста (и некохерентен ум) секој го слуша она што сака да го чуе.

Најмногу од сè, до обичниот гласач допира апелот за безбедноста на нацијата од мигрантите и изолационистичкиот и себичен интерес, но и инфлацијата, неможноста да се дојде до домување, одлевање на буџетот за финансирање туѓи држави и војни итн. Голдштајн ја дефинира дилемата на обичниот разум: зошто војуваме таму, кога треба да се бориме овде, да станеме земја на благосостојба? Но патетичните и добро платени експерти и псевдоексперти постојано инсистираат дека должноста на САД е да се бори таму, а да избегнува борба за подобро утре дома. Секој што мисли поинаку одамна е прогласен за фашист, смет и за прост фанатик. (Ве потсетува ова на она „народот е стока“, „шутрачки народ“ и сл.?). Таа либерална, квазидемократска каста со својот елитизам и заслепеност е директно одговорна за реакцијата – во вид на Трамп или некој сличен нему. Да постоеше трошка разум во таа голема држава, некој ќе го чуеше гласот на гневните, напуштените, разочараните и сиромашните долу – и ќе размислеше за приоритетите на внатрешната и надворешната политика – пред да биде предоцна!
Американскиот систем е заробен и наликува на античката змија Уроборос, која водена од мирисот на пленот си ја јаде сопствената опашка, без оглед на самоуништувачкиот ефект. Страста по пленот (моќта) е толку силна што го заблудува и здравиот разум. Резултатот е, според едни толкувања, самоуништување, а според други – вечност и траење во непрекинат циклус на живот и смрт. Не знам што е полошо, но знам дека САД нема да станат подобро и попристојно место за живеење за своите граѓани, а ни поразумен глобален играч, по утрешните избори. Тие се само вовед во следната фаза на американската трагедија.