Празни флоскули за нови избори

Секоја влада, без разлика дали е предводена од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ и без разлика дали во неа учествува ДУИ или некоја друга партија што сака да ги претставува Албанците, треба да работи во полза на македонската нација, односно граѓани, преку остварување на предизборните ветувања и програми. Сега да се бараат нови избори е чист апсурд. Нацијата веќе здраво се изјасни. А временскиот интервал од година или две е премногу краток за да можат граѓаните да ги оценат политиките на новите власти. Истовремено ова е краток период за консолидирање на опозицијата и за осмислување нови политики од нејзина страна

Зборовите демократија и избори се синоними, а гласачката кутија е единствениот начин да се избере претставник. Не случајно, Универзалната декларација за човекови права од 1948 година вели: „Волјата на народот ќе биде основа на авторитетот на владата; оваа волја ќе се изрази на периодични и вистински избори кои ќе бидат со универзално и еднакво избирачко право и ќе се одржуваат со тајно гласање или со еквивалентни процедури за слободно гласање“.
Но татнежите за нови парламентарни избори покрај локалните избори во 2025 години немаат никаква основа. Во секоја современа демократска држава, изборите се одржуваат во временски интервал помеѓу четири или пет години. Овој временски распон не е случаен, се верува дека овој период е доволен за победничката или победничките партии да ги спроведат своите политики и да ги докажат својата оправданост и ветувања што ги дале пред граѓаните. Во политикологијата, особено оној дел што се занимава со изборите, е прифатено дека овој период ги балансира способноста на граѓаните да бараат одговорност од претходната влада и способноста на новата влада за спроведување на ветувањата, оттука периодот од четири до пет години е компромис помеѓу истакнатите научници и истражувачи што се занимаваат со оваа проблематика.
Од друга страна, перманентните избори негативно се одразуваат врз општеството. Научните истражувања покажуваат дека како што се приближуваат изборите, политичките тензии се интензивираат, а интензивирањето доведува до поделби во општеството. Оттука се верува дека перманентните избори, како оние во Република Бугарија, не доведуваат до стабилизација и решавање на проблемите, туку напротив, водат кон продлабочување на кризата.
Доколку внимателно ги проследиме изјавите што пристигнуваат од неколку политички табори, како онаа на Али Ахмети – граѓаните да го кажат својот збор и да утврдат по една и пол година од влада за кој пат се, немаат основа. Граѓаните на Република Македонија го кажаа својот збор на последните парламентарни избори што се одржаа на 8 мај 2024 година. Тогаш тие го дадоа гласот за онаа политичка опција за која сметаа дека ќе ги реши проблемите во македонското општество. Несериозно е од секој политичар да бара одржување нови политички избори кога граѓаните се соочуваат со висока инфлација или кога европските партнери посочуваат за нефункционалноста на правниот систем.

Секоја влада, без разлика дали е предводена од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ и без разлика дали во неа учествува ДУИ или некоја друга партија што ги претставува Албанците, треба да работи во полза на македонските граѓани, преку остварување на предизборните ветувања и програмите. Сега да се бараат нови избори е чист апсурд. Временскиот интервал од година или две е премногу краток за да можат граѓаните да ги оценат политиките на актуелната влада, а истовремено ова е краток период за консолидирање на опозицијата и за осмислување нови политики од нејзина страна.
Доколку внимателно се анализира, барањата за нови парламентарни избори се флоскули, во нашиот случај прикривање на политичкиот пораз. Разликата помеѓу перманентните и редовните избори е очигледна ако се споредат Република Србија и Република Бугарија. Бугарското општество последователно неколкупати излезе на избори, но изборите само ја усложнија политичката ситуација кај нашиот источен сосед. Но во Србија положбата е различна. Колку и да звучи чудно, политичката стабилност во српското општество потврди дека стабилноста води кон економски раст. Во случајот на Република Србија растот изнесува 4 отсто, односно Србија бележи еден од најголемите економски растежи во Европа, поголем и од економскиот гигант Германија.
На Македонија како општество, нација и држава не ѝ се потребни нови избори, туку политичка стабилност и спроведување политики што ќе доведат до зголемување на македонската економската активност. Ова е решението, а не празните флоскули за нови избори.