Енергијата е заразна, особено смеењето. Кога некој во собата ќе почне да се смее, често е само прашање на време кога ќе се приклучат сите други, дури и без очигледна причина. Смеата не е само пријатен момент – таа има длабоки биолошки, психолошки и социјални корени. Оваа „заразност“ на смеата толку многу ги фасцинираше истражувачите што тие поминаа децении проучувајќи зошто се пренесува смеата, зошто не можеме ја спречиме и како таа влијае врз социјалната поврзаност и здравјето.
Биолошки корени
Нашиот мозок содржи специфични неврони, таканаречени „огледални неврони“, кои ни овозможуваат да ги имитираме емоциите и постапките на другите. Кога гледаме некого како се насмевнува, нашиот мозок рефлексно ја „огледа“ таа емоција и реагира како ние самите да сме во таа емотивна состојба. Ова е еволутивна особина што им помага на луѓето да се поврзат и да ги препознаат емоциите на другите, пишува „Сајколоџи тудеј“.
Кога некој ќе почне да се смее, нашиот мозок веднаш реагира за да ја почувствува истата емоција, што ни олеснува да се поврземе со луѓето и полесно да ги разбереме нивните реакции. Покрај тоа, за време на смеењето се лачат хормони на среќа, допамин, ендорфин и окситоцин. Допаминот и ендорфинот придонесуваат за чувство на задоволство и релаксација, додека окситоцинот промовира поврзување меѓу луѓето, поради што често се чувствуваме поблиски со луѓето со кои се смееме. Секрецијата на овие хормони создава „позитивна повратна спрега“ – колку повеќе смеа, толку повеќе хормони и колку повеќе хормони, толку е поголема веројатноста да се смееме.
Ширење енергија
Смеата е многу повеќе од едноставен израз на забава или радост. Овој феномен дејствува како социјален „лепак“, кој нѐ поврзува со луѓето околу нас, дури и со целосни странци.
Истражувањата покажаа дека луѓето чувствуваат поголемо емоционално задоволство кога се смеат заедно отколку кога се смеат сами. Социолозите и психолозите веруваат дека овој механизам е создаден како начин за одржување на групната кохезија и заедничката социјална динамика.
Оваа „заразна енергија“ станува евидентна во групи, кога некој ќе почне да се смее или да покажува среќа. Другите, иако можеби не се целосно свесни за причината за смеата, чувствуваат потреба да се приклучат.
Дури и студиите покажаа дека е доволно да се слушне самиот звук на смеа, за да предизвика насмевка, па дури и вистинска смеа кај оние што се само набљудувачи. Овој ефект е толку силен што постои и кај децата – бебињата имаат тенденција да се смеат кога гледаат како други бебиња или возрасни се смеат, што е доказ дека смеењето е делумно вродена реакција.
Пример за „заразноста“ на смеата гледаме, на пример, во кино, кога често повеќе се смееме додека гледаме комедија отколку кога ја гледаме истата комедија дома. Групата има огромно влијание врз нашите емоционални реакции, затоа што имаме тенденција да се приспособуваме на енергијата на другите луѓе. Овој феномен е користен и во продукцијата на телевизиски емисии, каде што смеата на публиката е претходно снимена и додадена како „заднина“, што автоматски ги поттикнува гледачите да се смеат заедно со снимената смеа.
Терапија со смеа
Смеењето има голем потенцијал да го подобри здравјето. Поради ендорфините и другите „хормони на среќата“ што се ослободуваат за време на смеењето, смеата придонесува за намалување на стресот, ја подобрува циркулацијата и го зајакнува имунолошкиот систем.
Постои дури и терапија со смеа, каде што смеењето се користи како терапевтско средство во борбата против депресијата, анксиозноста и стресот. Групните сесии за смеење, познати како „клубови за смеење“, им помагаат на луѓето да доживеат колективна радост и да ги намалат чувствата на изолација, што може значително да придонесе за емоционално закрепнување и за менталното здравје.
Кога смеењето започнува во група, може да стане незапирливо. Нашата вродена склоност да ги имитираме другите, како и пријатните чувства што произлегуваат од смеата, можат да нѐ обземат. Дури и кога свесно се обидуваме да се воздржиме, обично не успеваме, бидејќи нашиот мозок автоматски ја препознава смеата како позитивна реакција што доаѓа од природен дел од нас. Истражувачите откриле дека смеата понекогаш може да стане толку заразна што предизвикува напади на смеење кај поединци.
Смеата, како најизразен пример за позитивна енергија дејствува како „емоционална врска“ меѓу луѓето, дури и меѓу оние што не се познаваат.
Следниот пат кога ќе се најдете во друштво каде што атмосферата е напната или нервозна, обидете се со мала насмевка или насмејте се – често ќе биде доволно да се ослободи енергија и да започне верижна реакција што ќе влијае позитивно на сите присутни.
Драгана Шубаревиќ