Се предупредува дека дошло до ниво на алармантност незнаењето на македонскиот јазик од Албанците, од младите Албанци. Како дојдовме до тука, до овој јазичен тунел од кој можеби излезот води во амбис? Иронијата да биде поголема, младите Македонци и Албанци (особено генерацијата алфа) го забораваат мајчиниот јазик и си комуницираат на англиски
Пред неколку дена прочитав статус на мој фејсбук-пријател и жалам што тој мој сограѓанин, скопјанец не сум го сретнал некаде на кафе, чај, пивце… Но голема е чаршијата и луѓето во неа, ќе бидне и тоа. Агим Јонуз објави дека станува алармантно дека сѐ повеќе и повеќе Албанци не го говорат ниту го разбираат македонскиот јазик. Се согласувам со Агим, алармот одамна е вклучен. Среќа што уште има голема бројка на тие што ги знаат и македонскиот и албанскиот јазик доволно добро за да се разберат, да направат пазар или за да се договорат за нешто. Тие што предупредуваа дека ќе дојдеме на оваа линија на опасно раздвојување, раслојување и неразбирање, беа игнорирани, нарекувани со погрдни имиња и етикетирани. Ама дојдовме до тоа што тие тогаш го тврдеа, дека ако немаме јазична спојка преку македонскиот јазик ќе се соочиме со сериозни проблеми. Ние сме некаде близу таа точка каде што Икар летал, ама сончевите зраци го стопиле восокот на неговите крилја. Падот е неизбежен, а тој пад е забрзан од 2018 година. Во однос на јазикот.
Дали Уставниот суд го препознава овој мит сега вплетен во драмата со македонскиот јазик и надуставниот Закон за употреба на јазиците навистина не знам, но би требало тој добро да биде упатен во проблемот, а верувам дека е поткован со солидна аргументација за да утврди насоки како понатаму. Можеме да се потсетиме и на предупредувањето од Макс ван дер Штул (од неговите ОБСЕ-предлози произлезе и Штуловиот универзитет на Југоисточна Европа). Тој кажа дека децата Албанци премногу доцна во образовниот систем се среќаваат со македонскиот јазик. Првата средба е речиси на факултативно ниво. Но иако тој тогаш вклучи црвено светло, умните политичари, веројатно од некој синдром на чувство на вина кон Албанците, вклучија зелено. И возот отиде во јазичен тунел, а оттаму може да излезе во амбис. Можеби тоа ни била лоша судбина – едната пруга да ни оди во амбис, другата во карпа?!
Зошто Албанците не го разбираат македонскиот јазик? Особено младите. Како младо момче што некогаш растело и шетало по Тетоо кај своите роднини знаем дека смо се разбирале свите на корзо. Немало јазичен проблем меѓу Македонци, Албанци (во тоа време ги викавме официјално Шиптари), Турци, Роми. Роден тетовски Албанец ќе го познаеш по говорот, локален тетовски, по културните навики, педантеријата, занаетите, по скарата, прочуената тетовска боза со сладолед. Тој еснаф го снема многу брзо, па и не можеше да се подготви Македонија за новото што доаѓаше, дојде и се обидува да ја престигне. Но вистинскиот културен шок дојде од зад Шар Планина и политиката на издавање инстант државјанства за илјадниците новодојдени од Косово. Некои велат дека биле 150.000, некои дури оперираат со цифра од 200.000. Не зборуваме за косовскиот насилен егзодус, кога режимот на Милошевиќ ги праќаше бегалците во блиндирани возови до нашата граница. Зборуваме за период во раните 90-ти во времето на апсолутната власт на СДСМ. Тие новодојденци не го знаеја македонскиот јазик, ниту локалните обичаи, односи, врски, но тие се наметнаа. Успеаја да ги поклопат македонските Албанци, да се наметнат во бизнисите, шверцот, па и во политиката. Како политичката база да им беше во Косово (Призрен, Приштина), а оперативната зона на дејствување во Македонија. И не се разбираме ниту јазично ниту поинаку. И во тие денови на пресврти, кога само што падна Берлинскиот ѕид, македонските високи политичари наместо да креираат интегративни политики со давање шанса за македонските Албанци, тие решија да практикуваат пендрек-демократија. Затоа го наведов тоа чувство на вина кон Албанците.
Значи, не се разбираме. Некои не сакаат да зборуваат јавно на македонски, како господин Али Ахмети. Некои сакаат, но доцна почнуваат со тој процес. Законите ни се премногу комотни, па така, можеш да се вработиш „со познавање на македонскиот јазик“. Во јавна администрација таква еластичност не се дозволува. Ме чуди што државата не организира курсеви, па нововработените Албанци или другите побрзо да ги совладаат јазичните проблеми.
Во суштина, на долги патеки и Македонците и Албанците имаат сериозни проблеми. На пример, генерацијата зи или генерацијата алфа, кои се нови, родени по 1995 година, имаат сѐ повеќе и повеќе проблеми со мајчиниот јазик. Сериозни проблеми. Основци сега не зборуваат меѓусебно на својот мајчин македонски јазик, туку само на англиски. Дури и јазично се сегрегираат, па тие што не знаат англиски се во аут, другите се ин. Тешко читаат, малку разбираат, а јазикот на пример на Видое Подгорец или на Цепенков речиси воопшто не го разбираат. Тие млади генерации меѓу себе се разбираат на англиски јазик и не знам дали некој сега е моќен да го врати тркалото на историјата? Добро е да се разбираат, но уште подобро би било да ги зачуваат мајчините јазици и да не се чувствува каква било инфериорност кон македонскиот јазик. Тој треба да биде сплавот што треба да нѐ води низ неизвесните води на она кон што ќе се движиме. Никако омразата!