„Нова Македонија“ и Македонија се едно!

На денешен ден се навршуваат точно 80 години откако од печатницата во живописното Горно Врановци, сместено длабоко во пазувите на Јакупица, излезе од печат првиот број на весникот „Нова Македонија“.
Одлуката да се прави весник паднала уште на третата седница на Президиумот на AСНОМ, која била одржана од 2 до 5 септември 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, а веднаш потоа било задолжено Агитациско-пропагандното одделение при ЦК на Комунистичката партија на Македонија и Главниот штаб да формира и специјална комисија, која ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник. За името на весникот уште веднаш паднале три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Најприфатливо било името Нова Македонија, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење.
Многу генерации новинари, уредници, како и други работници поврзани со функционирањето на весникот продефилираа низ „Нова Македонија“ сите овие години, оставајќи личен печат, но и понесувајќи дел од историското наследство на весникот со себе и чувствувајќи се гордо што се или биле дел од она што значи еден од столбовите на македонската државност.
Оние што пред 80 години одлучувале кое име да одберат за весникот, одлучиле дека треба да биде името што означува нова преродба, нови принципи и нови начела на владеење, па затоа се решиле за „Нова Македонија“.
И се покажа дека не погрешиле, бидејќи и по осум децении „Нова Македонија“ се залага за истите постулати, со истиот жар се бори за одбрана на македонските национални интереси и стои на браникот на државноста и унитарноста. Тоа е истата „Нова Македонија“ вткаена во АСНОМ и во она што значи македонската идеја.
Новите турбулентни времиња покажаа дека Македонија како држава одново е соочена со истите историски предизвици, напади врз идентитетот, јазикот, историјата и културата на македонскиот народ, со намера да се реализира истата идеја од времето на Втората светска војна, Македонија да ја нема како држава, а македонскиот народ да биде избришан од мапата на народите.
И тоа е така, колку некој и да не се согласува. Како поинаку да се објаснат чекорите на две соседни земји, едната што наметна промена на името Република Македонија, а втората што притиска на промена на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, без оглед што веќе живееме во 21 век и што поминаа повеќе од осум децении од војната.

Затоа „Нова Македонија“ продолжува да ги разобличува сите вакви подмолни обиди, но и испраќа јасна порака и до македонските граѓани, но и до Европа, дека весникот што се родил заедно со современата македонска држава нема да дозволи таа да биде предмет на нечии уцени и асимилаторски политики.
Истовремено, весникот е потсетник и за сите оние што управуваат со државата дека првенствено мора да тргнат од постулатите на АСНОМ и да се водат во согласност со националните интереси, а сѐ друго да усогласуваат со меѓународните партнери.
Тоа значи дека треба да се водат од асномските начела врз кои е именуван весникот.
Прво, нова преродба. Таа нова преродба треба да значи целосно реструктурирање на државата, односно воспоставување на вистинско владеење на правото, бескомпромисна борба со корупцијата и криминалот, професионална администрација, функционални и департизирани институции. Ако која било власт, заедно со опозицијата, спроведе такво нешто, тоа ќе значи целосна преродба на државата, која сега, ваква каква што е, е најмалку посакувано место за живеење на младите, кои бегаат при секоја можност што ќе им се укаже.
Второто начело врз кое е именувана „Нова Македонија“ е нова современа држава со нови и поинакви принципи. Тоа значи дека треба да се гради модерна Македонија врз принципи на еднаквост, заемно почитување и соработка. Тие нови принципи мора да бидат дел од сите политики, како на внатрешен така и на надворешен план. Ако наша стратегиска цел е ЕУ, тогаш да се држиме до принципите што ги има Европа, како почитување на Копенхашките критериуми. Да се држиме и до принципите на добрососедство, што значи како што ги гарантираме правата на сите малцинства во земјава, така и соседите да се грижат за правата на македонското малцинство на нивна територија. Постојано да иницираме соработка во делот на економијата, инфраструктурата, образованието, здравството, екологијата, културата, па и политиката, како начин да си помагаме меѓусебно на меѓународната политичка сцена.
Нови принципи треба да воспоставиме и дома, а тоа значи дека за сите важни работи за иднината на државата треба да се решава низ широк и транспарентен процес, заеднички, оти повеќе глави подобро размислуваат. На тој начин ќе се обезбеди и кохезија во македонското општество, бришење на етничката и секоја друга поделеност и промовирање висок степен на заедништво и почит кон сопствената држава и сите нејзини атрибути.

Тоа всушност е и третото начело врз кое е именувана „Нова Македонија“, едно поинакво и поодговорно владеење. Тоа значи дека политичарите треба да работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на сопствената партија. Кога се работи домаќински и одговорно, граѓаните ќе го препознаат тоа и ќе го наградат, но, што е поважно, тоа носи и просперитет и напредок на државата, а со тоа и подобар живот за сите што живеат во неа.
Несомнено, нашата „Нова Македонија“ уште пред 80 години ја имала визијата за модерна и современа македонска држава, која уште со тогашните начела за кои се залагала била далеку пред времето и на некој начин била и пред начелата што многу подоцна ќе ги промовира ЕУ, дури пет децении по АСНОМ, а кои се на истата линија со она што претставуваше и претставува „Нова Македонија“.
Затоа, аманетот на асномците запишан во првите страници на 29 октомври 1944 година во „Нова Македонија“ останува, да се чува и брани Македонија оти без неа, ќе нѐ нема и нас. Нека е за многу години роденденот на „Нова Македонија“!