Маклуан згреши: Светот не стана село, туку глобална паланка

Политики на паланката (1)

Првиот медиолог, Маршал Маклуан, пред точно шеесет години, веруваше дека поради развитокот на медиумите, светот ќе стане „глобално село“. Нема кој не ја користи таа негова мисла. За Маклуан, медиумите беа продолжетоци (extensions) на човековите сетила и органи: телефонот беше продолжеток на увото, телевизијата (и особено нејзината фантастична можност за директен пренос) – продолжеток на окото, облеката (модата) стана продолжеток на кожата, а тркалото на локомотивата и автомобилот – продолжеток на ногата. Воодушевен од развитокот на медиумите, и особено од нивната моќ да го скратат просторот (директниот ТВ-пренос од Јапонија го гледам од САД) и да го скратат времето (воз спореден со коњска кочија), Маклуан предвидуваше дека информациите на ниво на планетата ќе се разменуваат побрзо отколку во едно мало село, во кое се дознава сè за неколку минути, дури и без мобилни телефони, со најстариот начин на пренесување информации: од уста на уста. Се разбира, Маклуан и не помислуваше дека современите медиуми ќе ја деформираат (ќе ја хиперболизираат) информацијата, како што тоа се случува по паланките, каде што секој следен преносник на информацијата, во духот на фолклорната „креативност“, додава по нешто: во паланката, ако на периферијата мажот ѝ врзал шлаканица на жената, во центарот ќе стигне информација дека ја убил.
Маклуан (иако живееше до 1980 година), во 1964 година, кога ја објавува првата медиолошка расправа, не можел да знае дека неговите „современи уреди“ ќе напредуваат уште повеќе и дека, сепак, и покрај нивната сè повисока софистицираност и прецизност при пренесувањето информации – ние денес ќе живееме во такво „село“ во кое информациите при пренос од точката А до точката Б ќе претрпат целосна деформација. И тоа не поради грешки на чиповите, туку поради намерата на оние што управуваат со нив. Тие намери се идеолошки: информациите се прекршуваат низ идеолошка леќа и затоа изгледаат сосема различно во точката А и во точката Б. Доволно е да се погледне како јавуваат светските медиуми за двете актуелни жаришта во светот, за Блискиот Исток или за Русија-Украина: едно е јавено во точката А, друго е слушнато (и јавено) во точката Б.

Во овој серијал сакам да покажам дека Маклуан згрешил: наместо село, светот стана најобична паланка. Селото и паланката се две сосема различни менталитетни структури, иако по однос на преносот на информации функционираат еднакво „хиперболично“. Но „хиперболизацијата“ на информацијата во селото не е од идеолошки побуди и не се потпира на некаква филозофија: селската деформација на информацијата е субјективна, дури и пристрасна. Напротив, паланката си има своја објективна филозофија, што значи има своја колективна НАМЕРА да постигне нешто: да го уништи индивидуумот, неделивото персонално.
Серијалот е замислен како навраќање на познатата книга на филозофот Радомир Константиновиќ, „Филозофија на паланката“, објавена во далечната 1969 година (само пет години по Маклуан). Ќе ја парафразирам, но и ќе ја надградувам, зашто имаме веќе доволно и локален и глобален политички материјал, за таа да биде „апдејтирана“, што би рекле младите. Сакам да покажам дека паланечките обрасци на размислување веќе одамна длабоко се навлезени во сета македонска политика, во начинот на размислување дури и на одредени интелектуалци. За жал, тие паланечки обрасци се длабоко навлезени и во светскиот политички дискурс, дури и во политиките на најмоќните геополитички фактори денес. Има јасни сигнали дека и целата цивилизација се движи кон еден „конзервиран“ паланечки менталитет, кој веќе се сфаќа како „нова нормалност“, односно како најприродно нешто, така што веќе воопшто и не му посветуваме внимание: камери што ве снимаат веќе и во коцкарниците, а вам ви е забрането да снимате во истата таа коцкарница?!
Јас не правам разлика меѓу филозофијата на паланката и филозофијата на тоталитаризмот. За мене партиите се еманации на паланечкиот менталитет, зашто паланката жестоко се залага за укинување на посебноста и поединецот, а го поддржува општиот дух на паланката. Нема ништо пототалитарно од паланката. Затоа и паланечкиот дух е јадрото на секоја партија и на секоја идеологија, дури таа и да проповеда „космополитизам“. Константиновиќ, иако говори за тоталитарниот дух на паланката, никаде не повлекува директна паралела меѓу паланката и партиите, што е разбирливо, со оглед на времето во кое таа книга е пишувана (еднопартиски социјализам). Време е таа книга да се дополни.

Затоа, овде само „таксативно“ ќе наведам кои се основните особини на „филозофијата“ на паланката на кои ќе им посветам внимание, користејќи ги моите исписи од книгата на Константиновиќ. Прво, паланката, и по простор и по менталитет, не е ни село ни град. Сум пишувал за тие „брзозачевлени“ политичари, кои се господари на нашите судбини, и ќе пишувам пак. Второ, паланката не е место, туку состојба на духот – паланечкиот дух може да владее и со мегалополиси, и со политиките на најсовремените и најразвиени сили – САД, ЕУ и слично. Трето – за паланката, не постои свет надвор од неа (кажете ми, се вработил ли некој ако не е член на партија, небаре нема ни свет ни живот надвор од неа)? Четврто, сè што не се вклопува во „колективниот дух“ и „колективниот стил“ на паланката е опасност: ако е нешто морално, треба за сите да е морално; ако нешто е убаво, треба за сите да е убаво. На оваа точка тоталитаризмот на паланката и на идеологиите најжестоко се судира со персонализмот на еден Николај Берѓаев. Петто (а произлегува од претходното), за паланката, како и за партијата/идеологијата, не постои приватен, туку колективен живот (колективен стил), кој е образец во кој треба буквално да се вгради сопствениот живот. Од ова, пак, произлегува уште една паланечка премиса: начелото на јавност. За паланката нема приватност, паланчаните гледаат преку својот плот во туѓиот двор за да дознаат сè, баш како што ЕУ и САД ѕиркаат во многу држави и ги управуваат, само што кај нив паланечкиот менталитет се вика културно мониторинг и медијација. Тоа е „тиранија на увид во сè, тиранија на апсолутна јавност на сè“, како што вели Константиновиќ. На оваа точка, размислувајте за прислушувањата на приватните разговори кај нас. И, можеби најважното, седмо: паланката не ја бара вистината, таа ја поседува однапред, и затоа животот се претвора во служење на таа вистина. Тоа убедување дека по вистината не се трага, туку паланката ја поседува однапред, Константиновиќ го именува како „памфлетизам“ и под тоа подразбира избегнување на соочувањето со самиот себеси, како и догма дека секогаш „другите се виновни“ (има ли потреба да правам аналогија со партиите од нашето политичко милје, или пресметката меѓу НАТО и Истокот?). Тука е и стравот на паланката од хуморот („неконтролиран говор“), затоа што паланката се плаши од индивидуална беседа. Таа го доживува индивидуалниот стил како изневерување на речникот, па се држи само до речникот, зошто во речникот зборовите се прецизно дефинирани, додека во личниот говор зборовите можат да се „излизгаат“ и да станат метафори, а метафорите можат да бидат и „боцкави“. И интересно: паланката не сака хумор кај поединецот, а самата колективно го применува: саркастична е, безмилосна во исмејувањето поединци што не ѝ припаѓаат (оттука и склоноста кон прекари по паланките, а прекарот ја исмејува карактеристиката според која поединецот отскокнува од другите). Дел од нашиот печат, според оваа особина, е исто така паланечки: штом прочитате дека некој политичар е именуван со прекар, знајте дека е паланечки дух во прашање.
Толку за опфатот на темите. Почнувам од следната седмица, едно по едно.