Па добро, зарем навистина не гледаме што ни се случува? Зарем не се доволно застрашувачки сликите од неколкуте општини што токму во изминатиов период се соочуваат со неквалитетна вода во локалните водоводи. Слика што може да се случи буквално во секое ќоше од земјава ако продолжиме со овој јавашлак. Наместо да се грижиме за секоја капка вода и да ги чуваме природните резервоари што Господ ни ги оставил, ние безмилосно ја растураме водата како да имаме цел океан во дворот, па ништо не нѐ загрижува. Цел свет е во грозничава трка по обезбедување пивка вода за идните генерации, а ние ја трошиме низ необновени и полураспаднати водоводни цевки, поради дефекти во системот за кои никој не се грижи, но и поради недомаќински расположени граѓани, кои ретко каде се совесни и пријавуваат дефекти, па гледаат сеир и го вперуваат прстот кон надлежните
Простете драги читатели за овој наслов, немам намера никого да навредам, туку да обрнам внимание на еден горлив проблем што во некои поранешни времиња ќе предизвикаше чувство на срам, повикано од чувството на одговорност, етичност, моралност… Токму чувството на срам (кога веќе „сме цапнале“ и правиме или сме направиле нешто што и самите знаеме дека излегува од рамките на правилното коректно однесување) е она чувство што е алармирано и повикано од човековата совест дека треба да го исправиме она што сме го погрешиле. Но сѐ поочигледно е дека низ годиниве некаде по пат сме ги загубиле и совеста и одговорноста, а и срамот…, а треба секако да ги пронајдеме, да си ги вратиме. Зашто ќе ни бидат потребни за натаму. Како коректив…
Не, нема да повикувам на колективна групна терапија, туку едноставно, за почеток сакам да укажам дека поради јавашлакот и негрижата на оние што се најповикани си ја загрозуваме својата иднина. А потоа и да укажам на остатокот од нас, дека и ние „другите смртници“ полека го прифаќаме тој терк на однесување. Затоа што сметаме дека тоа е ново правило, нова реалност, дека така треба…
Но, навистина, оние што суштински не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата, во која и самите с(м)е битни чинители, треба да им го отстапат местото на луѓе што би имале повеќе совест, свест и одговорност.
За што се работи? Станува збор за еден проблем што се провлекува со години, а сите што се одговорни за негово решавање се однесуваат како да не живеат овде, најчесто кревајќи раменици и наоѓајќи илјадници оправдувања и некакви „стручни“ толкувања.
Имено, токму деновиве бевме сведоци на еден телевизиски прилог на Канал 5 во кој станува збор за комунален проблем во Ѓорче Петров, кој на најдобар начин го илустрира она за што сакам да го свртам вниманието на јавноста. Во прилогот се зборува за загрижените жители на улицата Атанас Иљовски во Ѓорче Петров, кои откако неколкупати алармирале за проблемот до јавното претпријатие „Водовод и канализација“, самоиницијативно го смениле текот на водата, која постојано ја потопувала улицата. Водата од градскиот водовод сега тече во неврат, во шахта.
И можеби тие привремено го решиле проблемот, за да не шлапкаат низ вода додека се движат по својата улица. Но далеку од тоа дека проблемот навистина е решен.
Како што се потенцира во прилогот, граѓаните се вчудовидени што никој во јавното претпријатие не е загрижен дека неповратно се троши пивка вода, додека истовремено секојдневно сме сведоци дека низ државата се прават апели и кампањи за зачувување на водата за пиење.
Но не се само граѓаните збунети во неверица. И новинарите се обратиле до „Водовод и канализација“, па не успеале да добијат одговор кога ќе се стави крај на деноноќното трошење чиста вода.
Очигледно, тоа е вистинска слика на актуелните состојби во Скопје, вклучувајќи и со повеќето јавни претпријатија, кои одлично се вклопуваат во сликата на општиот хаос и неработа, почнувајќи од „градската мајка“, па надолу по вертикала. Грда слика на која полека се навикнуваме немоќни да преземеме нешто, бидејќи позитивните законски прописи се така поставени.
Но она што уште повеќе нѐ загрижува, се податоците што ги сподели Центарот за граѓански комуникации. Според нивното истражување, 245 милиони кубни метри вода е годишното производство на вода во земјава, а од неа се губат повеќе од половина, односно околу 60 отсто или 146 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба, односно во изгубени кубни метри, се губи во Скопје, дури 63 милиони кубни метри годишно. Ова е 43 отсто од целата загубена вода во земјава. Следуваат Гостивар, Тетово и Кичево.
Сето ова повторно нѐ враќа на почетокот на денешнава колумна. Па добро, зарем навистина не гледаме што ни се случува? Зарем не се доволно застрашувачки сликите од неколкуте општини што токму во изминатиов период се соочуваат со неквалитетна вода во локалните водоводи. Слика што може да се случи буквално во секое ќоше од земјава ако продолжиме со овој јавашлак. Наместо да се грижиме за секоја капка вода и да ги чуваме природните резервоари што Господ ни ги оставил, ние безмилосно ја растураме водата како да имаме цел океан во дворот, па ништо не нѐ загрижува.
Цел свет е во грозничава трка по обезбедување пивка вода за идните генерации, а ние ја трошиме низ необновени и полураспаднати водоводни цевки, поради дефекти во системот за кои никој не се грижи, но и поради недомаќински расположени граѓани, кои ретко каде се совесни и пријавуваат дефекти, па гледаат сеир и го вперуваат прстот кон надлежните.
Да не зборуваме за тоа како успешно ги загадуваме сите области каде што се наоѓаат главните резерви со вода. Попусти се сите укажувања на експертите, еколозите, здравствените работници. За загаденоста стануваме свесни дури кога ќе се случи некој инцидент, кој го решаваме половично.
Што да се каже повеќе? Освен дека е крајно време да се крене свеста на повисоко ниво, па колку и да изгледа тоа како излитена фраза. Ако треба нека се побара помош однадвор, нека се користат искуствата на другите што знаат како треба да се управуваат водите.
И да. Итно да се бараат странски фондови, грантови, донации, па дури и поволни кредити за итна обнова на водоводната мрежа. Да почнеме од тоа, насекаде каде што е неопходно тоа.
Па, белки за некој период, ќе се освестиме. Барем кога водата е во прашање.