Ова е само куса репортажа за мојата втора посета на Кина. Сè уште уморна од долгото патување, се адаптирам на нашата временска зона и се обидувам да се фокусирам на обврските што веќе ме чекаат. Но напливот на впечатоци не ми дава мир, особено поради западната пропаганда, која ме беше навела да мислам дека одам во некој брутален и заостанат кош во Кина – и сето она што ме маѓепса на самото место. Ова е сепак само површно споделување на импресиите, без тврдење дека сум станала експерт и познавач. Во главниот град на автономната ујгурска провинција Шинџијанг, Урумчи, се одржа Светскиот медиумски самит. Во миг поканата малку ме изненади (зошто јас?), но набргу се сетив: не само поради сето колумнистичко искуство од четврт век и често медиумско присуство, туку и затоа што сум професор по политички науки и мировни истражувања со стаж подолг од 40 години. Се шегував со себе дека ова ќе ми биде рекорд: никогаш порано не сум била опкружена со толку многу новинари, уредници, професионални фоторепортери и други медиумски работници (околу 500 на број од над стотина земји).
Најинтригантен беше фактот дека ќе ја посетам „најозлогласената“ област во Кина. Тоа е онаа провинција за која сè уште Кина ја обвинуваат не само за масовно кршење на човекови права туку дури и за геноцид, особено врз Ујгурите. Синофобијата има различни извори, поводи и причини, а приказната за оваа провинција зазема значајно место. Од едната страна е Тајван, а од другата е приказната за наводен геноцид што треба да ја оцрни оваа фантастична земја. Најапсурдно е да ја осудувате тезата за геноцид во Шинџијанг, а да имате очи ширум затворени пред вистинскиот тековен геноцид во Палестина. Фактчекерите и вистиномерите имаат јасна пропагандистичка задача, а и западни грантови што треба да ги оправдаат. Иако оваа колумна има друга цел, можеби е добро за волја на вистината да се каже дека навистина овде имало геноцид за време на некоја од династиите пред осум века (кога биле убиени околу 800.000 луѓе, главно Ујгури, додека се ширела династијата Ќан). Впрочем, како што и при ширењето на САД бил извршен геноцид врз 10 милиони домородни индијански племиња. За минатото на Британија, Германија, Шпанија итн. и да не зборуваме. Прашањето е: како е сега?
Самитот беше посветен на модификацијата на медиумите под влијание на вештачката интелигенција. Се зборуваше многу за неверојатните позитивни ефекти. Но и за негативните аспекти и злонамерна употреба на вештачката интелигенција во насока на фабрикување „стварност“ зависно од геополитичките интереси. Токму затоа, честитки за агенцијата „Синхуа“ (домаќинот на собирот), која обезбеди присуството на терен на толкав број новинари, кои дури беа и поканети сами да истражуваат и да пишуваат за оваа покраина со површина колку Франција. Во меѓусебните неформални разговори, претставниците на медиумите се сложија околу една работа: граѓаните не им веруваат на медиумите, ТВ-каналите се сè помалку гледани, класичните весници изумираат. Но доминираат социјалните мрежи, а и тие во некоја „инстант куса и површна верзија“ (за брза консумација, без задлабочување и со огромни можности за манипулација). Шинџијанг е вистинското место за секој што не сака некој фактчекер, или енџиоаш да му ја толкува земјата во која никогаш не бил. Впрочем, оваа провинција има фантастичен туристички рекорд: во првите девет месеци од 2024 година ја посетиле дури 250 милиони туристи!
Се надевам нема да бидам сфатена погрешно, како арогантна личност од (божем) развиената Европа (да не речам, Запад), кога на почетокот и самата бев плен на западната претстава. Помислив дека ќе видам некое зафрлено место, во некоја пустелија, или што вели нашиот народ „на Господ зад грб“. Признавам, тоа не беше резултат на игноранција (незнаење). Всушност, уште при мојата прва средба со Кина минатиот месец, со сета нејзина мистика, различност и длабочина, сфатив дека и еден цел човечки живот нема да биде доволен да се осознаат сето нејзино богатство и специфики. Уште тогаш, кога на моите први кинески домаќини ќе им спомнев дека мојата следна станица е Урумчи, спонтаната реакција беше: „Ах, тоа е толку различен крај, очекувајте да видите различни нешта“! Така и беше! Небаре Марко Поло или Синбад Морепловецот (кој патуваше со авион во 21 век) со возбуда очекував да го видам тоа „различното“. Но јас повторно видов продолжение на онаа иста Кина – единствено изненадување беше што овде ги сретнав мирисите, боите и звуците на мојата Македонија. Необична и неочекувана комбинација!
Уште при влезот во авионот за Урумчи сфатив дека има ист број патници како и оној од Франкфурт до Пекинг. Ах, си реков, па Кина е ова, земја со 1,5 милијарда жители! Кога слетавме на аеродромот во Урумчи занемев кога го споредив со скопскиот! Модерен, голем, функционален – и жив, со терминал за домашни и за меѓународни летови! Повторно транспортот со автобус до хотелот беше среде ноќ, па можев да го видам осветлениот град со огромни булевари со по четири-шест ленти во секоја насока, високи облакодери, осветлени крстосници и значајни објекти! Накусо, Скопје е како турска касаба од пред два-три века во споредба со овој град. Следниот впечаток е дека се гради, гради, гради – крај нема! Градот расте. Економскиот бум го видовме подоцна, особено при посетата на Кинеската група за енергетика (со еден мал нејзин капацитет го решаваме проблемот на енергетиката во Македонија!) или најпознатата фабрика за електрични автомобили (се насмеав горчливо кога се сетив на циркусот со камел-темелникот во Тетово).
Во слободното време, по желба, сами го разгледуваме градот (приказната за феноменалниот музеј на Урумчи ќе ја оставам за другпат; толку е богата, возбудлива, па дури и ме потсети на балканската историја како точка на вкрстување цивилизации, култури, етницитети и јазици – а преполна со убавина). Само ќе повторам: додека ЕУ има слоган за „единство во различностите“, Кина негува филозофија за „хармонија на различностите“. И успеала да направи нежен и мек амалгам без супрематија и доминација, туку со вклопување на сите во феноменалниот мозаик на кинеската нација (демос). Немам простор да раскажам колку на моменти се чувствував како дома: од везовите, мострите на теписите и ракотворбите, до традиционалната музика и храната. Шинџијанг, погледнат низ природните убавини, е тешко да се опише поради грандиозната комбинација на природата, која ги дарила огромните планински венци, реки, езера и пустини. Ти го одземаат здивот, ама сепак негде ќе ти се причини дека ги препознаваш Радика, Охридско Езеро (тие имаат Рајско Езеро – Тианчи), врвовите на Кораб и Шара, коњите на Маврово. Ова е место што низ вековите имало среќа и несреќа да биде место на спојување (со војни или најчесто трговија) и размена меѓу различните народи и култури. Овде е централната точка на древниот Пат на свилата (неговиот почеток беше во Џинан, градот што го запознав при првата посета, на другиот крај на Кина).
И модерниот проект на Појас и пат врви токму по истите патеки, ама низ супермодерни средства за поврзување. И некако ти доаѓа мило да се осетиш дека од овде до нас дошле многу влијанија, па и музички инструменти и носии, сфаќаш колку е светот и голем и мал, а дека ние сме сепак дел од него.
За време на војните во СФРЈ имаше еден босански виц што се подбиваше со површните странски „истражувачи“. Мујо сретнал странец во локалната крчма, кој вредно запишувал нешто. По поздравот, Мујо го прашал колку време ќе остане и што пишува. Странецот (од Западот, да нема забуна) одговорил дека дошол вчера и заминува утредента, со цел да напише книга со наслов „БиХ: вчера, денес и утре“. Не, јас не сум познавач на Кина и на сите нејзини комплексности, ниту книга ќе напишам за неа. Но Кина во мене доби еден скромен и љубопитен истражувач што ќе се обиде да дознае што повеќе за неа, ама и за нејзината и нашата поврзаност во она што се вика човечка цивилизација, соработка и можност за заеднички напредок во еден мирољубив свет. Овде нè убедуваат дека сме на „различни страни“, дури и не баш пријателски. Таква приказна шират од оваа наша питома земја престорена во воена база и Натостан. Моето чувство е дека бев меѓу топли и гостољубиви пријатели, се чувствував почестено и безбедно. И некако источњачки блиско по многу нешта. Треба да ги тргнеме стереотипите, да ги разгледаме сите можности за поблиска соработка во повеќе полиња. Од овие луѓе можеме да научиме многу, и за нив и за нас, како човештво.
Можеби пак ќе се навраќам на Кина. Сакам да пишувам за Големиот базар во Урумчи, за прекрасниот наратив во музејот и како тој ми помогна да ја сфатам и балканската комплексност како точка во која се вкрстувале и се вкрстуваат влијанија, кои потоа влијаат на животите на нашите предци, современици и идни генерации. Има што да се каже и за фасцинантниот Исламски институт (универзитет, кој е помодерен од многу наши, секуларни). Вистина е дека Кина има и внатрешни проблеми, ама не сите произлегуваат од етничкиот и верскиот колорит, туку од многу посложени историски и надворешни влијанија – нешта што ние толку добро ги знаеме на сопствена кожа. Но таму ги решаваат со инвестиции, компромиси, такт, мекост и развој, развој, развој… Во мене лежат уште неколку приказни како резултат на толкава доза културно богатство и интелектуални провокации за само неколку дена. Вредеа и уморот и напорот. А тие што мрчат, нека продолжат да мрчат. Штом ми се отвори можност, сега кога животот се ближи кон крајот, со голема радост ќе појдам да ги видам „најозлогласените“ места со свои очи и ум. Без друг да ми толкува кои ми се пријатели, а кои не ми се. Кина е, засега, топло место, мириса на дома, заедно со познатиот леб од Големиот базар во Урумчи.