(Љупчо Коцарев: „Слова за македонскиот непокор“, Матица, Скопје 2024)
Љупчо Коцарев (1955 Скопје), доскорашен претседател на МАНУ, кој работел на универзитетите „Беркли“ и „Сан Диего“ во Калифорнија, врвен зналец во природно-математичките и техничко-технолошките науки, а потоа и на хуманистичките, еве го сега пред нас и како врвен есеист со втората негова книга „Слова за македонскиот непокор“, по првата „За македонските работи“ што нѐ води кон Мисирков и неговата македонска јанѕа. In medias res, воленс-ноленс, првата асоцијација што ни се наметнува нам со нив е онаа позната изјава на Монтескје дека е случајно роден како Француз, но е во суштина човек како универзална категорија на божјата промисла за космополитскиот карактер и хоризонт на неговото создание од оживеаната глина. Да. И ова е фина картезијанска логика, зачинета со мистицизам на човек роден во голема и моќна нација, но каква е онтолошката ситуација на жителот на една мала, ранета до смрт и понижена нација на едно „смачкано племе“ како што вели Конески, кој рика од болка што е негов поет.
Е, со тој проблем, затегнат како Гордиев јазол, како шифра, се зафатил да го толкува на планетарен план на нашата несреќна планета, а од Господ понудена како рајска слика, во својата есеистичка книга „Слова за македонскиот непокор“ академик (кому верувам, нека ми прости, колку што го познавам, ништо посебно не му значи оваа титула) Љупчо Коцарев. Тоа е човек што говори од срцето на родот во кој е роден според Господовата промисла, според теоријата на преегзистенцијата на Господовиот распоред на нештата уште пред создавањето на светот, со која најмногу мачат теолозите. Во таа теорија на предестинацијата се вклопува и македонското „смачкано племе“, некогаш големо и славно, чии светци, како илинденците и асномците, минале низ мартирско искуство за да станат тоа, за разлика од западните, кои се стилизирани. Тие во некоја смисла се априоризирани како херои. Нивниот космополитизам не е како тој на Рацин, кој од срцето на болката и понижението ги сонува во име на својот народ, но со универзална визија Белите мугри на сечовечката утопија на среќата во божјата правда, слично на Достоевски. Така, во таа перспектива тој и ја изнесе на виделина својата утопистичка архитектура на типично македонската „куќа цел свет“ во која братски се прегрнуваат сите народи на планетата Земја. Типично македонска утопија во која сепак само Македонците, најмногу од сите други, останаа давеник. Оти во денешниот западен суров корпоративен свет на капиталот, и со лажна демократија, сосема исчезна македонската утопија со божествен печат за еднаквост, слобода и братство на народите, идејата што ја позајми од нив Француската револуција на Бастилја. Но нејзиниот просветителски здив по отсекувањето на главата на Робеспјер и Лавоазје сепак не траеше долго. Републиката Наполеон бргу ја замени пак со монархија. А Макрон со Македонците, како нов француски Маркиз де Сад, ги покажа вистинските садистички заби на новата и лажна просветителска епоха на западната либералкапиталистичка цивилизација. Таа на која се фати (дали по нарачка) и Фукујама, па ја напиша својата славна книга „Крајот на историјата“. Крајот што ќе го донесе западната либерална демократија, која сега, како што гледаме, е оспорена од идентитетскиот геноцид над Македонците и од физичкиот над редица други угнетувани и понижени народи.
Тоа е божјата вистина, и тоа, понапред речено, не е спокоен куртоазен, туку in medias res директен, а не посреден влез, иако со неопходниот Бодлеров клуч на универзалната аналогија, во темата на „Слова за македонскиот непокор“ на Љупчо Коцарев. Да. И тука сега е важно да кажеме дека есеите на Коцарев во неговата книга, настрана од контемплативниот филозофски спокој карактеристичен за овој жанр, се емотивно импулсивни и вознемирувачки, и во голема мерка антиутопистички и депресивни во однос на катастрофичната слика на човештвото денес поклопено од корпоративните либералкапиталистички канибали што ја смукаат неговата невина крв. И во сето тоа, за да ја објасни ситуацијата на светот, Љупчо Коцарев во своите есеи тргнува од Македонија, од микроструктурата што ја осветлува сликата на целината, на цивилизацијата морално разјадена од лицемерната и сурова кон малите и незаштитените од идеологијата на либералкапитализмот во кој се вглобени Европа и нејзиниот корпоративен капитал. Пред сѐ.
Македонија во есеите на Коцарев е точката на математичкиот духовен пресек како топос на локалното одразено во сликата на универзалното. Во искушение сме тука да повлечеме аналошка линија на тој план со метафизички акцент со Свети Августин и неговата филозофија на центарот сопоставен со периферијата кога вели: „Не постои периферија, сѐ е центар, бидејќи во сѐ е Бог и сѐ е во Бог“. Ќе ни прости за компарацијата тука Бог, кој толку многу ја засакал Македонија, та го испратил во неа и својот најревносен апостол Павле од тука да ја пренесе кон Европа радосната вест на љубов и братство меѓу народите. Така и тој ја виде неа како центар. Така ја гледа неа и Љупчо Коцарев во своите есеи: Македонија во сѐ и сѐ во Македонија, како што ја гледаше всушност и Рацин чија културолошка фиданка е тој. Секако, пак, тоа не е националромантичарски нарцизам, туку антропологија на болката од која се обликува историската и метафизичката слика на македонското проколнатништво како судбина. Конечно во таа смисла во фасцинантниот есеј „За планетата Земја, пандемијата на ковид-19 и Македонија“, Коцарев е со целиот ум и душа сосредоточен на сликата направена од неверојатно огромна далечина од вселенската сонда Патник, на која блеска под сноповите расфрлани сончеви зраци Земјата како „бледа сина точка“. Така ја опишува неа Карл Сеган, по чија иницијатива е направена возбудливата, но и драматична снимка, а Коцарев импресиониран од неговиот експресивен космолошки, но и антрополошки запис вели: „Таму еден мал дел од таа точка е Македонија, тоа е нашиот дом“, или, би додале, нашиот вселенски центар. Во Рацинова варијација тоа е уште нашата широко отворена „куќа цел свет“, македонската космополитска душа со безброј судбински рани и без штит. Тие рани во поново време по Блаже Конески и Анте Попоски никој кај нас повеќе не ги фиксира и извиде од Љупчо Коцарев. И, имено, тие рани како што ги согледува тој во длабински контекст треба да ја извлечат оваа сурова цивилизација од која се добиени, по аналогија слично на раните на Исус кои, као што вели Исаија, тој ги добил за ние да бидеме излекувани. Во есеите на Коцарев провејува моќно крикот на Конески за тоа колку е болно да си роден во „смачкано племе“, ранувано од надвор, од околните, но и од подалечните варвари и домашните изроди од кои, како што вели тој, „еден од нив продаде сѐ, дури и своите предци, своите поколенија, внуци и правнуци“.
Оттука, по примерот на цивилизацискиот крик на Зола j`accuse во истоимениот есеј, тој ќе крикне: „Обвинувам за помор на македонскиот род, за сѐ што е македонско“. Крик упатен кон бриселска Европа, која повтела идентитетски да ги сотре Македонците, продавајќи му ја на друг целокупната нивна културно-цивилизациска меморија.
Есеите на Коцарев во неговата книга се par excellence дијагностички по однос на Вавилонската Блудница во Брисел засолнета божем под хуманистичка маска ЕУ. Во нив тој ја дијагностицира целокупната нејзина морална и етичка атрофија. Европа, пак да го парафразираме Исаија, од 1913-та наваму како и Исус од Ирод ги избра Македонците како јагне за клање за да се заситат нејзините балкански предатори. Но, се разбира, тој не застанува на елементарната дијагноза на нејзината болест видена со длабока рендгенска снимка. Тој неа ја анализира хируршки без анестезија со остриот скалпел на својот неподмитлив дух, нудејќи притоа горчлив лек за болеста на ариевската цивилизација, а тоа е првенствено откажување од нејзиното хуманистичко лицемерие и колонијалистичка страст за грабеж на туѓи блага. Да ја обнови формулата на Француската револуција, слобода, братство, единство, инспирирана од Античките Македонци и да ја тргне завесата на „светската ноќ“ (Хајдегер). Тоа што го вестеа пророчки, дај боже, и утопистичките Бели мугри на Рацин и неговата космополитска „куќа цел свет“. Белите мугри се римуваат со Убавината на Достоевски која ќе го спаси светот. Убавината за која се, како првохристијани во Европа, Македонците задолжени за да му ја понудат на суровиот свет, допрени за таа нивна мисија од божјиот прст и по заповед на Бог лично (во есејот „Прстот на Микеланџело“). Коцарев остро ја критикува западната фаустовска цивилизација, како што ја вика Шпенглер, за нејзиниот мефистофелски карактер, оти му ја продала душата на ѓаволот. Во таа смисла, а имајќи го предвид геноцидниот Преспански договор, средишна de profundis тема на неговите есеи, тој и го цитира евангелистот Марко: „Каква ќе биде ползата на човекот ако и сиот свет го добие, а ја загуби својата душа“.
Во контекст со геноцидната европска судбина на Македонија и ариевското лицемерие на лажно демократската западна либералкапиталистичка цивилизација, Коцарев го цитира и Адам Смит, кој пророкувајќи ја таа западна хипокризија уште во 1776 г. пишува: „Трговците и производителите ниту се, ниту треба да бидат владетели“. А потоа тој служејќи се со клучот на Бодлеровата универзална аналогија во контекст на лажниот демократски морал на Западот ја цитира и Американската декларација за независност од 1776 г.: „Ние ги сметаме за очигледни овие вистини: дека сите луѓе се создадени еднакви, дека се обдарени од нивниот Творец и стремат кон среќа“. Така, ама денес евроамериканската цивилизација на корпоративниот капитал таа декларативна утопија ја первертира во дистопија, бидејќи го укина хоризонтот на божјото и природното право на среќа на човекот, дури и на работничкиот слој во богатите колонијалистички нации, а камоли на сиромашните и ограбени од западниот колонијализам мали и понижени народи.
Од нивната глава таа сурова цивилизација, имено, ги скрши плочите на божјите закони што му ги даде Бог на Мојсеј на Синај. Тие плочи на божјата правда и вистина со геноцидниот Преспански и Бугарски договор, Европа, која изгради велелепни катедрали ама Бог не влегува во нив, ги скрши сега и од главата на Македонците. Македонците сега сигурно вглобени во Откровението на Јован во Армагедон, светската и космичка битка на борбата на Доброто, на чија страна стојат тие, и Злото оличено во ариевскиот морално и етички атрофиран лик на Западот. Армагедон кој не случајно се римува со Армакедон, нешто што ја потврдува фасцинантно хипотезата на Јакобсон од Прашката лингвистичка школа дека зборовите со слична звучност еманираат и слично семантичко значење. De profundis, nocturno, memento mori..
Словата на Љупчо Коцарев во неговата книга „Слова за македонскиот непокор“, објавувани во „Нова Македонија“ од 2021 до 2023 година, се слова за македонската историска и метафизичка судбина, надоврзани генерички на размислите-јанѕа за неа на Мисирков, Чуповски, Рацин и Конески, столбови на нашиот идентитет од поновата историја. И кај него е распнувачко прашањето што го постави Мисирков што да се прави во таквата ситуација и кај да се бара чарето за излез надвор од мртовечкиот ковчег во кој расипаната цивилизација ги ставила Македонците. Во таа мисирковска смисла е и насловот на еден од есеите на Коцарев, „Што понатаму“. Прашањето како да се излезе на осветлена висорамнина од „заробената држава“, а следствено на тоа и од, како што би рекол Чеслав Милош, „заробениот ум“ на идиотизираната и корумпирана политичка елита. Конечно и како да се победи таканаречениот стокхолмски синдром залегнат, по долгите експериментирања и западни тортури, во македонската колективна психа, а тоа е љубовта на жртвата кон џелатот, во македонскиот случај кон Брисел и Вашингтон.
Според Коцарев, на македонското судбинско прашање што понатаму е „будењето на колективниот ум“ и „активирање на умните и мудрите луѓе на кои можеме да се потпреме…“ А тоа всушност значи будење на, за жал, наслабнатиот нагон за постоење доведен до трауматична апатија на недејственост. Значи довикување на Рациновите Бели мугри, кои со космополитски македонски елан-витал треба да ги огреат не само Македонија и Македонците туку и Рациновата македонска космополитска „куќа цел свет“ на сите народи на планетата. Македонија која е слична на малиот полски цвет на Вилијам Блејк во кој се огледуваат небото, целиот свет и универзумот. Таква е љупчокоцаревската утопија. Во неговите есеи има пласт болка, пласт радост што го зрачи името Македонија крвнички грабнато од Брисел и Вашингтон и предадено на нашите јужни монархофашисти. Иста е само перверзно цивилизациски, божем софистицирана, ситуацијата и со бомбардирањето до конечна смрт на Македонците во Егејска Македонија во 1948 година, кога по Хитлер беше обновен европскиот фашизам. Сликата на Македонија и на светот во есеите на Коцарев е утописка и дистописка истовремено: на исто место Лајбниц и Шопенхауер.
Љупчо Коцарев е брилијантен есеист. Неговиот есеистички стил според беспрекорната мисловна кристализација на синтаксата е, би рекле, картезијански до окамовска прецизност, нешто што е дури на моменти поблиску до англискиот емпиристички, отколку до францускиот контемплативен есеј на Монтењ и Паскал, а всушност е комбинација на двата, но со емотивна импулсивност на болката и радоста од постоењето во едно „смачкано“, но во минатото славно племе што му подари бесценети културно-цивилизациски дарови на човештвото. Во секој случај, пак, кога зборуваме за есеистот Коцарев, ние него не го дефинираме ни како научник, ни како политичар, ни како филозоф, туку како мислител со богат интелект, кој локалната со леснотија умее да ја преведе и вглоби во универзалната слика на нештата, македонската да ја вклопи во светската судбина како архетип во deus ex machina – та на корпоративната и лакома либералкапиталистичка цивилизација. Опфатот на неговата мисла, која располага брилијантно со Бодлеровиот клуч на универзалната аналогија, е необично широк и се движи од Библијата, Кант, Смит, Маркс, Фоербах, Бодријар итн. на рационалистичкиот Запад до Бахавад Гита, Рамајана, индуистичките веди и упанишади и до Буда, Лао Це и Конфуциј на метафизичка Азија. И тоа е фасцинантно, сјајната аналитичка перцепција обликувана мајсторски како синтеза во големата слика на планетарното човештво видено како сина точка од едвај замисливата далечина на бескрајната вселена, која, како што забележаа и Ајнштајн и Хокинг, неуморно работливиот Бог ја шири со сѐ нови и нови галаксии. Е, таа сина точка во есеите, душата и визиите на Коцарев е Македонија вглобена во сликата на Рациновата „куќа цел свет“. Тој ја допева Рациновата визија на Белите мугри и „силно светнатиот ден“ на неговите „Копачи“, истата што ја имаа во срцето пред него и Мисирков и Чуповски, Конески и Анте Попоски, кој повте и ѕвездите да ги учи да зборуваат македонски. Љупчо Коцарев, силен глас на македонскиот идентитет, индивидуа со колективна архетипска душа на родот, е македонскиот Зола. Тој е лекција на македонските академски и универзитетски конформистички интелектуалци, кои, освен да ги изброиш на прстите од раката, зариени во своите глувчешки егзистенцијални дупки, не пуштија ни глас ни крик за македонската идентитетска трагедија на малата Македонија, планетарна точка, која го има и практично и теориски ефектот на пеперутката во теоријата на хаосот.