Размената на информации секогаш е корисна во новинарството во обид да се дојде до интересна приказна, а особено при среќавање со колеги од странство, па така беше своевремено и при средбата со белгиски спортски новинар во пресрет на фудбалскиот натпревар помеѓу Белгија и Македонија во Брисел, во рамките на квалификациите за Светското првенство во 2014 година. Тој ми постави очекувани прашања, за тоа во каква формација се очекува да игра Македонија и дали има повредени фудбалери, а потоа се изненади кога јас го прашав за односите помеѓу Фламанците и Валонците и политичката криза во Белгија, која беше без влада вкупно 541 ден, што тогаш претставуваше светски рекорд. Вчудовидено ме праша „Зошто побогу те интересира тоа, па ти си спортски новинар“!? Се разбира дека и јас имав прашања поврзани со фудбалот, но тие, на некој начин, беа споредни, бидејќи имав намера да ги поврзам спортот и политиката во текст што би бил поинаков од очекуваната содржина, односно од тоа што сметав дека ќе го објават преостанатите македонски медиуми.
Таквиот за многумина неконвенционален пристап се должи на желбата да се пишува од „поинаков агол“, односно да се пренесе нешто ново и невообичаено, што јавноста нема да го забележи при гледање на преносот од фудбалскиот меч. Да се пишува за нешто што не се забележува на прв поглед, туку за нешто што го осмислил, видел и дознал само новинарот. Така се трудев да пишувам и за домашни и за странски случувања и при теми и при пренесување кратки вести… Има многу слични примери, како случајот кога шведски колеги ни спомнаа на шега оти се среќни затоа што Кирил Лазаров нема сестра, пред ракометен натпревар помеѓу нивната женска селекција и Македонија, па од тоа излезе интересен текст. Или кога ќе „ископате“ некој податок и ќе се потрудите да смислите паметно прашање, па познатиот ракометен тренер Лино Червар низ разговор ќе ви каже: „Навистина ме замисли, никој досега не ми поставил слично прашање“, со што знаете дека сте на вистинскиот пат. Своевремено, пред десетина години, се потрудив да стигнам до тогаш не толку познатиот, но талентиран дански фудбалер Кристијан Ериксен, при гостување на неговата селекција во Скопје, претчвуствувајќи дека Данецот што тогаш го носеше дресот на холандски Ајакс ќе стане голема фудбалска ѕвезда. Успеав да му поставам неколку прашања, при што мислам дека и тој самиот не очекуваше некој да изрази желба за интервју со него. Ериксен потоа направи импресивна кариера, станувајќи еден од најдобрите европски плејмејкери низ настапите за силни клубови како Тотенхем, Интер и Манчестер јунајтед… А јас се присетив на нашиот разговор и го реобјавив, по една немила случка, кога Ериксен се најде во центарот на светското внимание откако колабира на теренот поради срцеви проблеми, за време на Европското првенство во 2020 година, што, за среќа, тој го преживеа и продолжи да игра фудбал со успех.
Се разбира дека овој начин на работа бара повеќе труд, размислување и вложено време, но наградата доаѓа во квалитетна и интересна содржина. Тука ќе откријам и една тајна, дека уште на почетоците во новинарството, кога бев во спортската редакција на „Нова Македонија“, при следењето натпревари, честопати знаев да го напишам текстот и пред одигрувањето на мечот, бидејќи имав идеја, подготвена приказна, што требаше само да се приспособи во зависност од крајниот резултат, без да биде целосно зависна од случувањата на теренот.
Во Македонија, за жал, новинарското следење на одреден настан, без разлика дали станува збор за прес-конференција, промоција, спортски натпревар, отворање изложба, политички митинг… вообичаено се сведува на пренесување на основните информации, колку да се истурка работата со половичен труд и да се пополни страницата во весник или да се заврши смената, со чест на ретки исклучоци. А резултатот на двете различни гледишта за работата е лесно воочлив. На пример, при групирање на вестите на одредена тема од агрегаторот „Тајм.мк“ може да се забележи како еден ист наслов, најчесто ископиран од информативните агенции, се повторува во недоглед меѓу речиси сите медиуми. Но, понекогаш на врвот знае да избие нешто сосема поинакво и лесно да се издвои. Нескромно можам да се пофалам дека токму таа содржина често е на „Нова Македонија“. Затоа ние сакаме да кажеме дека правиме неделник на страниците на дневен весник. Со анализи, проблемски теми, интервјуа, компилациски текстови со информации од повеќе извори и соговорници и сѐ што опфаќа пишувањето од „поинаков агол“.
Не знам како изгледа кога отстрана се чита за ваквиот начин на работа, дали се чини едноставен, бидејќи јас не откривам ништо револуционерно (што треба да претставува стандард, а не исклучок), но всушност е тешко да се научи доколку не го почувствувате како потреба. Тоа го забележав кога се обидував да им го пренесам на колеги што поминуваа низ „Нова Македонија“ во текот на годините, без разлика на нивното искуство. Кај некои идејата „кликна“ веднаш и почнаа да го применуваат ваквиот пристап, без потреба од многу објаснување, а други не можеа никако да го усвојат и остануваа фрустрирани, како од нив да се бара нешто невозможно.
Би сакал да истакнам и дека јас, за среќа, уште од моите први денови во „Нова Македонија“ имав можност да се запознаам со овој начин на работа и од кого да учам, што на многумина не им се пружа при влегување во новинарската професија. Затоа се гордеам кога ќе успеам да го пренесам овој стил, кога некој колега е задоволен поради свој текст напишан според овој рецепт и кога ќе видам дека „Нова Македонија“ се издвојува со квалитетна содржина. Да, тоа е потешкиот пат, но многу позадоволителен. „Нова Македонија“, во годината во која одбележува голем јубилеј по повод осум децении постоење на весникот, и натаму настојува да се придржува до највисоките стандарди за објавената содржина. Токму затоа ќе продолжиме да пишуваме од „поинаков агол“.