Многу земји долго се расправаат за потеклото и последното почивалиште на Кристофер Колумбо, важна личност што ги водеше експедициите финансирани од Шпанија од 1490-тите, па наваму, отворајќи го патот за европското освојување на Америка. Шпанските научници најавија дека наскоро ќе откријат детали за националноста на истражувачот од 15 век Кристофер Колумбо и со помош на ДНК-анализа ќе решат вековна мистерија.
Форензичарите од Универзитетот во Гранада се чини дека потврдиле дека посмртните останки закопани во катедралата во Севилја му припаѓаат на познатиот морепловец што ја открил Америка. Откритието го потврдува и шефот на форензичкиот тим, Антонио Лоренте, во документарен филм по повод Националниот ден на Шпанија.
„Денес тоа е можно да се потврди со нови технологии, така што претходната делумна теорија дека посмртните останки во Севилја му припаѓаат на Кристофер Колумбо е дефинитивно потврдена“.
Многу историчари ја доведуваа во прашање традиционалната теорија дека Колумбо потекнува од Џенова, Италија. Други теории инсинуираат дека Колумбо бил шпански Евреин или Грк, а според некои, тој бил и Баскиец или Португалец.
Истражувачите тестирале мали примероци од посмртните останки закопани во катедрала во Севилја, која локалните власти долго време ја прикажуваат како последното почивалиште на Колумбо, иако има многу тврдења и теории. Тие ги споредиле со ДНК на познати роднини и потомци, а нивните наоди се претставени пред публиката во документарен филм наречен „Колумбос ДНК: Вистинското потекло…“
„Истражувањето за националноста беше комплицирано од голем број фактори, вклучувајќи и многу податоци, но исходот е речиси апсолутно сигурен“, според форензичарите од Универзитетот во Гранада.
Во американската енциклопедија постои податок и доказ дека првиот Македонец што емигрирал бил Драган од Охрид. За неговата преселба во Шпанија постојат две приказни. Но без оглед која од нив е точна, факт е дека Драган од Охрид е првиот Македонец. Значи Ѓорѓи од Лихнидос, а не Драган како што милуваат да го нарекуваат (и присвојуваат) извесни креатори на историско-митолошки конструкти во соседството.
Откриени се три документи од 15 век, во кои е споменато дека во првата експедиција на Колумбо имало и наш сограѓанин охриѓанец. Документите се всушност преписка, приватни писма од француската грофица Мари – Мадлен Сан Жозеф де Поасан. Таа му била сопруга на чешкиот кастелан Витаслав Галас со кого периодот од 1491 до 1509 година престојувала на дворот на шпанските владетели Фердинанд и Изабела, кои финансиски ги покривале и ги овозможиле патувањата на Кристофер Колумбо за Америка. Во три свои писма упатени до својата братучетка во Париз, војвотката О’Конел пишува за некој морнар „Драхан од Лихнида“ што бил член на екипажот на Колумбовиот брод „Пинта“.
Подоцна во 19 и 20 век, 500.000 Македонци пристигнале и се населиле во САД уште пред да постои Македонија како држава.
Дипломатите и историографијата на милите ни соседи се збунети како Македонците пристигнале во Америка уште во 1880 година, иако македонската држава каква што ја знаеме денес не постоела. Или, кажано поинаку, имигрантите што пристигнале тогаш биле главно Бугари, ако се повикаме на историските факти за создавањето на Македонија, сега преименувана во Северна Македонија. „Македонец“ во тоа време е географска одредница, а не етничка…. Така? Е па, вака!
Значи, Ѓорѓи од Лихнидос или неосвестениот Болгарин капетан Драган? Кој?… Како?… Каде…? Зошто?
Ѓорѓи е првиот Македонец што стапнал на почвата на Америка во 1492 година заедно со Кристифор Колумбо, но тој податок нашата историја го држи настрана. Во неможност за некаква ДНК-анализа и вистина, еве дел од креативна историска фикција и интерпретација…
Млад докторанд на престижниот универзитет „Принстон“, по трагата на пештерски цртеж во Средна Америка, на кој е претставен долгокос маж што излегува од морето со топ што фрла пламен под рака, во рамките на своите истражувања, го открива идентитетот на ликот од цртежот, од преписката на шпанска принцеза со нејзината братучетка од австроунгарскиот двор.
Во едно од своите писма ѝ пишува како ѝ фатил око висок личен морнар со долга руса коса. Пред насобраниот народ во пристаништето во Севилја, тој е претставен како главен оружар на бродовите на Кристифор Колумбо. На испраќањето на бродовите присуствува и кралското семејство, меѓу нив и младата шпанска принцеза, која го бендисала топчијата и го запомнила како Ѓорги од Лихнидос.
Ѓорѓи од Лихнидос е првиот Македонец што стапнал на тлото на Америка во 1492 година заедно со Кристифор Колумбо, но тој податок нашата од скоро пишувана историја сѐ уште не го детектира и го држи настрана. Но во ерата на информатичката експанзија, многу приказни пловат низ етерот, се вкрстуваат и допираат на лабавите струни во нашите кревки информациски тела. Тоа ни овозможува да изромантизираме, истражуваме и да конституираме сопствен историско-митолошки дискурс А Охрид отсекогаш, фала богу и денес, е македонски и само македонски град.
Беше поднесен предлог до Сенатот претставен од републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Браун, со кој се бараше септември 2023 година да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство. Како аргумент се наведува дека Македонците пристигнале во Америка уште во 1880 година. Заклучоците доаѓаат со предлогот. „Македонците“ во САД се 500.000 и имаат огромен придонес за развојот на државата. Тие се освојувачи на олимписки медали, тие се истакнати лекари, наставници, политичари, имаат придонес во науката, уметноста и бизнисот. И еве уште еднаш предлог потсетување. Со вредниот македонски уметник, скулптор, виртуоз Владо Костов предлагаме проект за изградба на споменик на Ѓорѓи во родниот Охрид, за да не ризикуваме во Европа и од светот да биде окарактеризирано како проширување на антиквизацијата и посегнување по туѓи истории, а од домашната јавност како непродуктивно трошење средства за споменици. Крај брегот со топ под рака во Охридско Езеро, покрај светите Климент и Наум, нека никне и споменик на храбриот морепловец, на кого предците и потомците на македонските Американци и освестени Македонци би биле горди и што ќе означува мост меѓу старата и новата татковина. А ние овде на Балканот ќе се поклонуваме и ќе го водиме, славиме и претставуваме како човек на светот. Ѓорѓи /Драхан/ од Лихнидос го заслужува тоа.
Аљоша Симјановски