Пред да нѐ пороси сланата, пред да започнат студени есенски дождови и пред да нѐ изненади снегот (впрочем тој постојано изненадува определени ресорни структури), природата има грејс период за користење на нејзините летни понуди, кои ќе овозможат брза подготовка за сето она што е неопходно во услови на дожд, ветришта, снег и студови. Во народот тие топли денови пред настапот на есента и најавата за скоро пристигање на зимата се познати како период на циганско лето или продолжено лето.
Ние, жителите на Њу Сетлмент – Дутлок му се радувавме безмерно бидејќи повторно заживуваше маалскиот живот. Не знам денес колку е значајно да се живеат циганското лето и маалскиот живот, бидејќи сѐ е испретурано. Дел по дел, парче по парче, исчезнува или се кине од традицијата, која би требала нешто да значи. Собиравме кибрити, „џвакавме“ мастики „колоис“ додека не ги исцедевме докрај, а во нив имаше сликички од филмскиот свет, лижевме јаболка потопени во поцрвенет испржен шеќер и пиевме „клакер“, лимонада што ја правеа содаџиите. Искрено, можеше комотно да им конкурира на денешниве освежителни пијалаци.
Тече Вардар бистар како солза. Да, така беше во 1960-тите години, а за денес доволно е ако погледнете во неговото корито. Тогаш човек да пие вода од него без да стравува за своето здравје, денес ниту пастрмка, клен, мрена или бојник, кој се мрестеше во горниот тек. Продолженото лето ни овозможуваше да се капеме во неговите студени води и покрај советите и прекорот од страна на родителите. Но кој можеше да нѐ надгледува кога сите беа на своите работни места. Во Гостивар во 1960-тите беа вработени над 6.000 граѓани односно речиси половината жители, а немаше ниту една детска градинка. Арно ама тука беа баба и деде и мачето што слатко си преде.
Населбата беше поделена на Долно, Средно и Горно Маало. Ривалство до немајкаде. Ние дечињата и младите од Горното Маало бевме најмногубројни и најинвентивни. Беше изработено сценарио од повозрасните (над 18 години). По тоа сценарио, помалите беа испраќани во нивите сопственост на луѓето од селото Г. Бањица, низ кои сега ќе минува раскошен автопат крстен Е-8 или не знам како. За младите жители – шанса за лудо возење. За постарите, „што ќе јадеме кога нема ниви“? Таму крадевме лубеници, краставици, тикви и домати, а потоа ги фрлавме во Вардар. Значи по Вардар често се тркалаа големи лубеници. Имаше и понекоја корупчава, но и слатка „стамболска“ тиква. Долу чекаа возрасните. Гозба, врв. Од пленот едвај ако останеше понекоја тенка кора. Од оваа временска дистанца, еден мој пријател нашите тогашни активности ги нарекува терористички – адекватно на денешните критериуми за законски прекршок (отвори процес – никој неказнет). Демократски, нели? Како за пример, со секое враќање од кино или од град, страдаа безмалку по неколку прозорци на гимназијата и економското училиште. Секако дека се срамам, но така беше тогаш.
Бидејќи учебната година штотуку стартуваше со својот замаец, имавме време да продолжиме и со нашите детски игри, да читаме стрипови и да одиме на кинопретстави. Навистина имавме богат спортско-рекреативен живот, но исто така и духовна надградба.
Недалеку од плоштадот, за нас величествениот прозорец кон светот, киното „Култура“. Колку и да е чудно за сегашново јаве, во тие 1960-ти доминираа францускиот и рускиот јазик. Англискиот се „раѓаше“ преку вестерн филмовите со Гари Купер и со Џон Вејн. Италијанскиот филм беше дури и позастапен од американскиот иако за последниов секогаш се бараше „карта повеќе“. Така, имавме шанса да ги гледаме „Сладок живот“ на Фелини со Марчело Мастројани, Роко и неговите браќа на Лукино Висконти со Ален Делон и Ренато Салваторе, „Пукај во пијанистот“ со шансониерот Шарл Азнавур, рускиот Иљја Муромец и Алекса Дундиќ во советско-југословенска копродукција. Не бевме задоволни од развлеченоста на италијанскиот неореализам бидејќи не го разбиравме. Иљја Муромец можеше да помине бидејќи беше бајка. Ако филмот немаше акција, велевме дека е досаден. Дури при подоцнежните репризи можевме да ги откриеме нивните вистински вредности. Киното не би било тоа што беше ако на програмата немаше вестерни и трилери. На големиот екран продефилираа Берт Ланкастер, Кирк Даглас, Гари Купер и Марија Шел со „Дрво за бесење“ и легендарниот „Психо“ на Хичкок. Југословенската кинопродукција беше застапена на завидно ниво, па друштво на сите овие филмови им правеа „Деветтиот круг“ со Шпела Розин, „Капетанот Леши“ со Гавриќ и Прличко, „Другарот претседател центарфор“ со Алексиќ и многу други. Статистиката е можеби дотерана вредност, но таа е и потсетување на нешто што никогаш не треба да се заборави. Нешто како основа за поплочување патека за иднината бидејќи утре и ова наше „денес“ ќе биде минато и статистика.
Читавме и книги. Особено авантуристички. Ги менувавме помеѓу себе бидејќи имаше голема побарувачка во библиотеките. Што е најинтересно, освен делата на Верн, Џ.Х. Џејс и Дојл, најчитани беа поемата на Николески за легендарното глувче Мице и „Силјан Штркот“ на Мисирков.
Горното Маало организираше и олимпијади. Само што кај нас се одржуваа секое лето и не беа гламурозни како онаа во Париз 2024. Малку шега. Еве и таа олимпијада е веќе минато, нели? Во двата парка беа застапени повеќе дисциплини. Скоковите во височина со врбов стап забележаа дури и рекорд од три метри. За нас беа отворени и портите на градскиот стадион. На одговорните им стана јасно дека подобро е да испушат „луле на мирот“ со маалото отколку да водат постојана борба со децата. Впрочем, на еден начин ние се грижевме за безбедноста на стадионот на кој никнаа голем број таленти во нашиот фудбал.
Музика? Ама секако! Моите врсници и јас се прикраднувавме до отвореното кошаркарско игралиште на кое се одржуваа игранки под светла обесени високо над теренот. Твистот и рокенролот беа најзастапени. Беше вистинско задоволство да се гледаат разиграните и расчепатени млади тела, кои танцуваа до лудило понесени од ведрината на Чаби Чекер, Пол Енка, Елвис Присли, Томи Стил, Клиф Ричард и другите мајстори на музичката сцена. Ритам и блуз, па дури и ча-ча-ча и боса нова. Весело, разиграно, невино наивно. Како зрели луѓе, ние имавме обичај да кажеме дека тоа беше период на романтична Америка. Европа настојуваше да го преслика тој свет иако во срцевината таа беше симбол на култура и уметност. Имам впечаток дека се негуваа многу духот и здравото тело. Порочните нешта беа периферни оти секогаш пријателот го советуваше пријателот дека не треба да застранува. Имаше колективен пристап во другарувањата, индивидуалноста се третираше како чаламење, а пријателствата беа искрени и траеја и траеја… чиниш се вечни.
Се разбира дека новото време си носи свои белези, насоки и потреби. Светот се движи напред, носи нови вредности, ама и пороци, кои засилено галопираат низ животот на луѓето. Ете, минува уште едно продолжено лето, а над нашите глави и понатаму виси Дамокловиот меч во раката на Ерес и ние можеме да се увериме дека човекот не помни многу од минатото. Во тој случај кога свесно или несвесно го подзабораваме, грешките се повторуваат со поголеми страдања и последици.
Дитер Вислицени бил Евреин, кој сведочел во Нирнберг против нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман. Злосторникот му рекол дека ќе скокне во гроб од смеа бидејќи чувството на својата душа да носи пет милиони еврејски животи, за него би претставувало извор на исклучително задоволство!
Ова како потсетување на годината 1960, во која израелските агенти го киднапираа Ајхман од Буенос Аирес, каде што нашол прибежиште…, а јас се обидов овој податок да го извадам од меморијата на човештвото за да потсетам на нешто што не смее да се повтори во ова наше бурно време… Но како да се повторува!
Љубомир Јованоски