Отсекогаш ми било необично, да не речам по малку и смешно, кога пошироката јавност ќе се загрижи за тоа што ниту еден македонски (вклучувајќи го и најстариот и најдобар – УКИМ) не се наоѓа ниту меѓу првите 2.000 рангирани универзитети на т.н. Шангајска листа. Прво, ова сигурно не е тема типична за граѓанин што мака мачи да врзе крај со крај и да се справи со корупцијата и со лагите на политичарите. Но бранувањата за лошите и неспособни професори обично почнуваат од политичките кругови, секогаш кога сакаат да ги стават во дефанзива универзитетските кругови (кои и онака молчат како риби).
Како по диригентска палка почнува „дебата“ (под наводници, бидејќи квалитетот на високото образование никогаш не сме го дебатирале на наставнички совет или во кругот на универзитетите каде што треба да се погледнеме в очи и во сопственото огледало). Дебатата завршува со заклучок дека проблемот е во Законот за високо образование, кој треба или да се заостри или да се приспособи на нечии барања. И сега, кога сум на чекор до пензија, повторно се зборува на истата тема. Зад себе имам оставено толку колумни (најчесто остри и самокритички за универзитетот) што можам и збирка да објавам, ама знам дека нема фајде. Фајде нема ни од оваа колумна, ама ајде да си кажам на конкретен пример зошто нема никогаш да станеме високорангиран универзитет… (Да нема забуна, она што сум го оставила во научна смисла е максимум што може професор да направи во меѓународни кругови за својот универзитет.)
Но, не знам од каде да почнам: што е на прво место, јајцето или кокошката? Еве, ќе констатирам дека првиот проблем е селекцијата на кадрите што се вработуваат (како асистенти, соработници или доценти). Тука можеме да зборуваме за партиски влијанија, непотизам, клиентелизам, но и ниски критериуми. Слабиот професор е посклон кон негативна селекција, т.е. одбирање „наследник“ што нема да ја надмине неговата (наводна) величина. Одбира некој како во народната „крушка под крушка паѓа“. Така се клонираат, со ретки исклучоци. Ми побелеа косите, а и натаму среќавам клонови на некои ликови за кои сум мислела дека кога ќе заминат во пензија барем веќе нема да прават штета. Но, штетата е тука. Нивното наследство се „чеда“ донесени да ги заменат, а не придонесуваат ни за милиметар во напредокот на научната дејност. Си имаат идол, модел, кого сакаат да го достигнат и следат. Толку им е амбицијата – бидејќи никогаш и не виделе подобро, поинспиративни и поумни професори од своите ментори. Е, тука доаѓаме до кокошката (или јајцето беше?). Ако помладите кадри се испилени на ваков начин, тогаш чија е одговорноста? На оние што им издале дипломи и ги промовирале во повисоки звања. Кругот е затворен.
Што ќе сееш, тоа ќе жнееш. Еве, да претпоставиме дека има брилијантни луѓе што не стекнале дипломи во медиокритетска средина, но сакаат да се посветат на науката. Она што им се нуди (ако воопшто се отвори конкурс за работно место) е толку скромно во финансиска и друга смисла, што си наоѓаат позиции на странски универзитети каде што ќе ги дочекаат со раширени раце. И така ги бркаме сите оние што за само неколку години работа би можеле да докажат дека се може и повеќе и подобро, ама пречка се оние што не сакаат нивниот подмладок да докаже дека тие чмаеле и останале „први во селото“.
Министерката за образование е во право кога вели дека сега платите на професорите се на високо ниво. Но дали е само до платата? Дали повисоката (би рекла, подостоинствена општествена позиција) е гаранција за раст на универзитетот? Не е! Неработниците и натаму нема да работат, и веднаш по добивањето позиција на редовен професор размислуваат за активно „пензионирање“. Така, како што вели повозрасна колешка, нема диференцијација на придонесот – земаат и оние што уживкаат и кои ништо не сработиле и оние што од џеб плаќале за да бидат дел на светските текови. Тоа за првите значи: држам настава колку што морам, ги извршувам другите задолженија (комисии, седници, менторирања) – ама не создавам наука. Си останувам во селото – или евентуално до Табановце. Си го земам правото да го кажам ова затоа што на 65 години се однесувам како доцент што допрва треба да се докажува, вложувам енергија како да сум 25 години помлада и немам намера да се пензионирам и тогаш кога ќе ме пратат во пензија. (Всушност, сега сум на милост и немилост на колегите во наставничкиот совет, а еден бивш декан веќе ми се закани јавно дека ако не сум послушна, може и да не ми го продолжат работниот век; па нека е.)
Не ја следам активно расправата за новиот закон за високото образование, кој ќе ги заострувал критериумите за избор во звање на универзитетите. Некои од студентските активисти се силно ангажирани затоа што веќе почнуваат да губат верба дека можат да научат нешто повеќе од професори што објавуваат во третокласни списанија, без рецензии, кои не знаат ни еден странски јазик, па така ниту учат од други, ниту комуницираат со други. Во принцип, во право се. Но не се во право ако се погледне пошироката слика на тие корпорации (како Кларивајт, Скопус и слични издавачи со импакт-фактор), кои живеат од експлоатација на неплатениот труд на истражувачите и рецензентите. Академскиот капитализам сакаме да го увеземе на сиромашна почва. Многу делови на светот ги отфрлија тие комерцијални форми на докажување, што не значи дека немаат високи критериуми за селекција на кадри. Ми кажува млад истражувач од Кина дека му е полесно да објави на Запад отколку во неговата земја (имајте во вид каква конкуренција е тоа! Во земја што ја измислила меритократијата пред илјада години).
Додека ја организирав меѓународната конференција на највисоко ниво (за која пишуваат во трети земји, ама не и во Македонија), комуницирав со колеги од разни универзитети околу условите што ги имаат за наука и особено за учества на меѓународни конференции. На колегите од Шангај универзитетот целосно им покрива трошоци за три светски конференции годишно (патување, сместување, котизација, дневници итн.). Каде сакаат во светот! Колеги од други (западни) универзитети имаат или целосна покриеност на две конференции или одреден износ (неколку илјади евра годишно) како фонд за такви настани. Секако, ги користат подалеку од Банско или Табановце… Дури и на некои македонски универзитети има пракса на одредување некаков поскромен износ што му „припаѓа“ на секој професор за оваа важна дејност. Важна е зошто ако си останеш во „селото“, ниту ќе чуеш нешто ново, ниту ќе научиш, ниту запознаеш колеги за идна соработка… Кинескиот Фукујама, како што го нарекуваат проф. Џанг Веивеи од Фудан, стигна по полноќ на денот кога имаше презентација по патување подолго од 26 часа. Не само што направи извонредна презентација, туку остана буквално од почетокот до крајот, комуницирајќи со сите и фаќајќи белешки од говорите на колегите. Ми пријде да ми каже дека многу научил и запознал одлични луѓе, кои досега не ги знаел лично. Од Скопје замина за Женева.
За тоа време јас уште имам мака со администрацијата на мојот факултет за претходната конференција. Како што напишав, бев во Кина на светски собир посветен на светскиот мир и безбедност, а трошоците за патување и сместување ми ги покри организаторот. За 42 години работен стаж, јас УКИМ не сум го чинела ни 2.000 евра вкупно – затоа што секогаш сум одела таму каде што ме канеле и покривале трошоци (или затоа што сум доаѓала од сиромашна земја или затоа што ме ценеле и сакале да ме имаат за учесник). Дневници сум побарала еднаш-двапати, сум сметала дека е доволно што имам одобрено отсуство. Е сега, како стојат работите на мојот факултет со конференции (и на УКИМ, претпоставувам)? Секој од нас има (хипотетички) „цели“ 500 евра годишно за учество на една конференција во странство.
Тоа значи евентуално можете да стигнете до Виена или Прага, ама немате пари за сместување, котизација и други трошоци. Така, почнувате со математиката, која ќе ве одведе евентуално до Банско, Софија, Тирана или Белград (ако штедите). Еднаш годишно. За светски конгрес не станува ни збор. Апсурдот е што дури и ако организаторот ви ги покрил поголемите трошоци, а вие на име на дневници сте добиле од факултетот (на пример) надоместок од 100-200 евра, остатокот до 500 евра едноставно исчезнува. Нема можност да ја префрлите неискористената сума за идната конференција или година. Накратко, ние сме осудени на Табановце. Или на милоста на нашите странски домаќини. УКИМ го рекламираме free of charge, носиме афирмација, публикации, проекти, ама нема ни благодарам, па ни нешто од оние бедни 500 евра. Велат дека за подмладокот (доцентите) новиот закон ќе барал шестмесечен престој на странски универзитет. Одлична вест! Така треба. Барем ќе научат странски јазик подобро од нивните шефови и декани. Ама се прашувам кој ќе им го плати тоа. Со нивните плати ли ќе се издржуваат или очекуваме други од милостина да ги прибираат под свое?
Сега ве поздравувам одново, од нова светска конференција, на која повторно организаторот ми ги покрива трошоците. Она другото ќе си го покријам од високата професорска плата. Барем за кафе, вода и кроасан на аеродромите имам повеќе од доволно. Рекламата за УКИМ е бесплатна, како и во изминатите четириесетина години. Искрено, едвај чекам да одам во пензија. Кога бев млада и градев кариера (а овде владееја војни и распад), се молев пред разни меѓународни комисии за доделување грантови; сега стара веќе ми е срам да се молам пред бившите ми студенти што одлучуваат за делче од бедните 500 евра. Фала, не треба. Ако сум можела 40 години, а тоа останало без ефект, тогаш не треба ни сега.