Во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија е отворена изложбата „Мотиви од полошкото поднебје“ на ликовните уметници Илирјан Беќири и Агрон Абдули. Двајцата уметници од Тетово изложуваат околу дваесет дела од нивниот најнов сликарски опус. На изложбата можат да се видат сликите на Илирјан Беќири, изработени во техниката маслени бои на платно, и сликите на Агрон Абдули, изработени во техниката акрилни бои на платно. На отворањето на изложбата во КИЦ во Софија присуствуваа двајцата ликовни уметници педагози, кои ја запознаа публиката со нивната уметност, творештво и дејност.
Илирјан Беќири е роден во 1968 година во Тетово. Дипломирал во 1998 година на Универзитетот во Тетово, отсек сликарство, во класата на проф. Тахир Емра, каде што завршил и постдипломски студии. Самостојни изложби: во 2019 година во „Прима центар“ во Берлин, во 2017 година во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, во 2009 година во „МЦ галерија“ во Њујорк, во 2008 година во Националната галерија на Македонија, „Чифте амам“ и др. Изложувал на многу групни изложби во земјава (Тетово, Скопје, Куманово, Гостивар др.) и во странство (Тирана, Приштина, Париз, Берат, Призрен, Истанбул). Од 2007 година е член и активен учесник на изложбите на ДЛУМ. Во 2008 година имал студиски престој во Париз. Од 2019 година е претседател на ЗЛУТ – Тетово.
Агрон Абдули е роден во 1971 година во Џепчиште, Тетово. Основното образование го завршил во Џепчиште, средното во 1993 година во гимназијата во Тетово. Дипломирал сликарство во 1999 година на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот во Тетово, во класата на познатиот педагог проф. Тахир Емра. Постдипломските студии по сликарство ги завршил во 2002 година кај истиот професор на Факултетот за уметност во Приштина. Работи како професор на Факултетот на уметности во Тетово.