ЕУ не ја сака Македонија

Еден добар дел сегашни или бивши политичари, аналитичари, коментатори, стари и млади новинари, професионалци и аматери, телевизиски зависници и фејсбук-активисти, често пишуваат и зборуваат дека Македонија триесет години ги испушта шансите за членство во Европската Унија. Притоа вината за неуспехот ѝ се префрлува на Македонија без да се зема предвид дека таа ги исполни сите услови што ги наметнуваше и сѐ уште ги наметнува бриселската администрација, вклучувајќи ја и промената на името на државата, единствен пример во светот. Од тие и од други причини заживеа тезата дека, наводно, Македонија не го сака тоа членство и затоа самата си прави смислени сопки на тој пат.
Дека не е така и дека не се во право домашните проевропејци може да се согледа и докаже низ една мала хронологија на тие триесет години. По речиси исто толку поминати ветрови и протечени води, сменети македонски влади и собранија, сменети комесари за проширување и една цела серија лицемерни епизоди, вратите останаа затворени. Триесет години гледаме европска политика на понижување на државата и македонските граѓани, политика што повеќе личи на црн хумор со комични последици.
Намерата на Република Македонија да стане членка на Унијата е родена уште при првиот чекор на младата држава, како неискусен кавалер да ѝ се придружи на старата дама, што беше направено непосредно по прогласувањето на независноста, во јануари 1991. Првото повеќепартиско Собрание во кое мнозинството го имаше новоформираната партија ВМРО-ДПМНЕ, препознатлива по брадестите водачи, а следена од политички голобрадите СКМ-комунисти, го истакна членството во Европската Унија како еден од стратегиските државни интереси. Во таа смисла во јануари 1991 беше донесена проевропска декларација што денес лежи под прашината на собраниската архива. Бугарија, Албанија, Романија, Србија, Црна Гора беа далеку, далеку назад зад светлите перспективи на Македонија, надежната глава што треба да биде пример за новата стратегиска структура на застарениот Балкан. Таа декларација беше еден од ретките документи што ги донесоа заеднички двете најголеми македонски партии со поддршка на тогаш единствената албанска партија ПДП.
Се разбира дека декларацијата имаше многу повеќе романтичен занес одошто практична цел, но јасно ја сведочеше ориентацијата на Република Македонија кон европскиот свет како избор на пат без алтернатива.
Реалноста стигна многу брзо, побрзо од ветрот. На македонските власти им беше доставено до знаење, повеќе потајно, отколку јавно, дека од тие желби ќе нема ништо ако државата не направи крупни промени во Уставот и не се согласи да го смени името. Почетната тајност многу брзо стана реална трајност. Таквите околности придонесоа прашањето за Европа да биде ставено во мирување за некои подобри времиња.
Кон парламентарната егзалтација со умерен скептицизам гледаше тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров. Неговото мислење беше да не се откажуваме, но дека е прерано да се радуваме на такви цели зашто патот до Европа не е пат на македонски желби, туку на надворешни околности што не беа поволни за Македонија. Глигоров беше упатен човек во политиката, примаше информации од сите страни, внимателно го опипуваше пулсот на своите високи гости и на домашната јавност. Меѓу поблиските соработници изнесуваше приватен став дека Македонија на дневен ред за ЕУ може да дојде најрано до 2014, преговорите да ги почне во 2021, а за прием да чека до 2030 или нешто подоцна ако се сложат сите слики во државата, а уште повеќе во самата Унија. Неговиот став беше дека повеќе од неа, а помалку од нас, зависи можноста за членство.
Првиот вистински сигнал од европската администрација на адреса на македонските власти стигна дури во 2004 година. Ревносните проследувачи сигурно се сеќаваат на оној 22 март таа година, кога во Даблин, Република Ирска, Владата преку претседателот Бранко Црвенковски поднесе официјално барање за членство во ЕУ. Ирска во тој период претседаваше со Унијата.
Првобитно настанот беше планиран да се случи на 26 февруари, точно на денот кога претседателот на државата Борис Трајковски летна кон Бога во авионската несреќа близу Мостар во Босна. Борис замина, неговиот потпис на барањето остана. Борис потпиша, Банко го предаде тоа што Борис го имаше потпишано. И тогаш се кажа дека Македонија нема друга алтернатива за својата иднина, освен приклучувањето кон сојузот на европските држави. Значи, тргна на пат без алтернатива, како што тогаш беше речено, само еден беше изборот.
Одговорот стигна по една година, безмалку. На Самитот во Брисел на 17 декември 2005 година, Европскиот совет реши Република Македонија да се стекне со статус земја кандидат за членство во ЕУ. Оттогаш до денес Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Република Македонија. Главно позитивни по стил, но негативни по ефект. Оттогаш, еве врват, дваесет години.
Наводно, сѐ ќе беше океј ако не беше името Македонија. Името, древно, митско, колку свето толку клето, тврдо поставувано како еден и единствен услов за прием. Тоа што веднаш го побара Грција, го прифатија сите земји, без исклучок. Како заклучок произлезе ултиматумот: нема ЕУ ако нема ново име! Нема иднина, нема перспектива, нема пари, ако нема ново име, говореа студените лица на западноевропските политичари, учејќи нѐ како да го навиваме часовникот за да не го испуштиме европскиот воз.
Името беше долги години споменувано како единствениот услов, што се покажа неточно, дури и лажно. Вистината вели дека по секој услов никнеше нов европски услов. Лисабонска декларација, Копенхашки критериуми, мадридски критериуми, разни други неброени критериуми, правда, судство, криминал, корупција, еден закон, друг закон, речиси сѐ што се случуваше во државата стануваше некаков услов. Реформи, реформи на реформите, посебни услови за демократија, медиуми, човекови права и слободи, како во оваа земја никогаш да не живееле или да не живеат нормални луѓе. Понижувањето на Македонија беше една од поглавните европски политички дисциплини.
Колку што им е познато на одреден круг луѓе, Македонија во два наврата била блиску до решение за името, но без никакви гаранции за почнување преговори со европските бриселски фактори. Само празни ветувања. Првиот пат било по потпишувањето на Привремената спогодба со Грција кога, наводно, од двете страни бил прифатен предлогот за името Република Македонија – (цртичка) Скопје. Се појавија вести дека случајот е решен, но нешто се случи прекуноќ и предлогот замина во архивите. Вториот пат беше на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година каде што, исто така, во последен момент, на Македонија ѝ е откажано ветувањето за прием. Причините за неочекуваниот пресврт и во едниот и во другиот случај останаа завиени во маглата на претпоставките, вистината не ја соопштија ниту странските ниту домашните актери.
Во Букурешт, како утеха за нас, беше заклучено дека Македонија по промената на името веднаш ќе биде примена во НАТО и ќе почне преговори за прием во ЕУ. Само дел од тоа ветување се покажа вистинито. Македонија подоцна стана членка на НАТО, но до денес залудно чука на вратите на ЕУ. По проблемите со Грција се појавија проблемите со Бугарија, кои се само тешка последица на долгото бриселско одложување и прифаќање на Македонија како сериозен потенцијален член на Унијата.
Во оваа кратка хронологија секако треба да се вброи лажната пропаганда што ја водеше владата на Зоран Заев (Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска) дека Македонија ги почнала преговорите, за што говореше карикатуралната слика на тројцата во владиниот авион со поздравот – среќно, нѐ примија во Унијата.
Бугарија е само последица на долгото одолжување. 
Што може да се заклучи? Не е Македонија таа што ги крши правилата. ЕУ бесрамно си ги крши сопствените принципи и правила. Какви исти аршини, какви лаги. Тоа што важи за богатиот не важи и за сиромашниот. Тоа што важи за здравиот не важи за болниот. Тоа што важи за Европеецот, не важи за Македонецот. Не е државата Македонија, најмалку денешната власт, виновна за тоа што сме надвор од одаите на европската куќа.
Не дека Македонија не сака да биде членка на ЕУ, туку ЕУ сѐ уште не е подготвена да ја види Република Македонија (сега Северна) во својот двор. И затоа, да не ја обвинуваме државата, да не се обвинуваме себеси за тоа што ни го прават дрско и непримерно другите. Не е баш препорачливо туѓиот камен да го користиме за удирање по сопствената глава. Да сакаше ќе најдеше начин прескокнувајќи го консензусот како што прави за други прашања и во други ситуации. Изгледа дека стратегиската намера на Унијата е да ја држи Македонија пред отворена јама додека не се решат другите балкански прашања.
pande.k@novamakedonija. com.mk