Еве поминаа првите сто дена на новата влада. Тоа е временската граница кога треба да почнат сериозно да се динамизираат најавените реформи, заради сериозно ресетирање на државниот апарат. Не за друго. Ако се дозволи новопоставените раководители да влезат во орото на армијата чиновници (како што редовно се случуваше досега со секоја промена на власта, без исклучок), тогаш не ѝ се пишува добро ниту на оваа владејачка коалиција на следните парламентарни избори. Ако сериозно не се проветрат државните јасли и не се стави каков-таков ред, сѐ ќе биде попусто. Тој филм го гледаме циклично и не носи ништо добро за народот
Мирно течат пензионерските денови. Арно ама, црвот работи, не дава мир, не може човек да гледа по цел ден во телевизискиот екран или да ги проверува вестите на компјутер на секои дваесетина минути, небаре светот ќе се преврти наопаку ако не се пресретне главната вест. Копа, ровари однатре, како да вели – седи, напиши нешто, не се прави дека „не си од тука“.
И, како што велат, подобро да се спречи, отколку да се лечи. Па така, да почнам со време, за да не дојдам во ситуација да не можам да се сетам од кај да почнам. Вака, би почнал со она што ми е најсвежо, актуелно, лично осведочено, значи потврдено – до тука бива. Тоа е она со што се судира секој што барем малку се нашол во ситуација да се пробива низ кордоните на државната администрација во чии ровови се цврсто вкопани ликови што уште живеат во раните осумдесетти на оној век, каде што безмалку „сѐ е исто, само Него го нема“, како што гласеше една песна. Просто да не може да поверува човек како луѓе далеку помлади, од кои некои веројатно не ни биле родени во тој период, толку срдечно и доследно ги практикуваат постапките, па дури и движењата на државните чиновници од она време.
Попусто се колнат нашите политичари дека се врши дигитализација, еден шалтер за сѐ, дека се спроведуваат обуки, а странците кукаат дека бесполезно истураат пари за опрема и инструктори, кога нашиот човек милува да си тера по свое, по старо. „Дојдете утре, вашиот предмет се обработува“ е главната девиза. Се разбира, веднаш до онаа: „Кого имаш да го побараме, да помогне“. Приближно тоа се двете девизи, при што шалтерот е затворен за обичниот смртник, а од друга страна или имаш врски или имаш вишок пари, па мора да подмачкаш негде. И што е најинтересно, само тука, во оваа област не функционира партиска поделеност, национална поделба, омраза, завист… Да се чуди човек каква сплотеност и каква разбирачка постои за да му се учини на свој близок или, пак, да се подели пленот за завршената работа на преостанатата раја. Работа што инаку е во описот и пописот на посочените ликови, ама ајде оди докажувај ако имаш кому.
Рововите се длабоки, а бариерите високи. Зад нив се пробива само на овие два начина, погореспоменати.
Токму затоа, еве поминаа првите сто дена на новата влада. Време е за сериозни реформи, за сериозно ресетирање на државниот апарат. Не за друго. Ако се дозволи новопоставените раководители да влезат во орото на армијата чиновници (како што редовно се случуваше досега со секоја промена на власта, без исклучок), тогаш не ѝ се пишува добро ниту на оваа владејачка коалиција на следните парламентарни избори. Ако сериозно не се проветрат државните јасли и не се стави каков-таков ред, сѐ ќе биде попусто. Тој филм го гледаме циклично и не носи ништо добро за народот.
Јас знам дека не открив топла вода. Впрочем за ова и досега сме пишувале и сме се обидувале да елаборираме. И не само ние. Но резултатите биле главно на ниво на некакви заклучоци, соопштенија, декларации, а на терен резултатот бил ист. Дупло голо. Махерите зад шалтерот си тераат по свое и само расте нивната бројка. Која расте обратнопропорционално со ефектот на тие исти државни службеници.
Доколку навистина дојде до некоја посериозна дигитализација, односно вистинско, а не само декларативно поврзување на министерствата, службите и сите инволвирани во апаратот, тогаш голема е веројатноста дека огромен процент од оние зад шалтерската бариера ќе треба да останат без работа. Поточно без плата, бидејќи и сега немаат никаква работа во превработените институции.
Впрочем, ако некој случајно помисли дека нешто измислувам, слободно би го поканил во моето соседство за да види како функционира дел од тој апарат. И ќе види една група млади луѓе како собрани на купче пред канцелариите од година на година секојдневно ги полни со догорчиња празните балончиња за вода од пет литри.
Тоа им е веројатно единствената обврска во текот на денот, бидејќи кога и да поминете крај нивните канцеларии ќе видите дека само еден или двајца „ентузијасти“ седат зад компјутерот и веројатно играат игрици или сурфаат по социјалните мрежи, а преостанатиот дел од вработените се досадува во сенката и ги полни балончињата, кои служат како замена за пепелници. Добро е што се барем еколошки освестени, па не прават отпад за околината.
А којзнае колку вакви „канцеларии“ егзистираат низ Скопјево и низ Македонија. Во кои се удобно сместени лепачите на плакати и најгласни викачи на партиските митинзи.
Ќе се најде ли некогаш некој Херкул што ќе ги „зачисти“ бирократските „штали“.
П.С. За оние со осетлив „нос“ да објаснам, да не ги погоди многу силно ова со „шталите“. Не се работи за никаква навреда, туку се повикувам на старогрчката митологија. Имено, таму се вели дека Херкул имал 12 задачи меѓу кои и да ги исчисти шталите на кралот Авгиј, кои не биле чистени 30 години. Задачата требало да ја заврши за еден ден. Тој ги свртел реките Алфеј и Пенеј кон шталите и ги исчистил за еден ден.