Едно име имаме и за него ќе тужиме!

Ако ОН ги прекршуваат сопствените конвенции, тогаш како договорна страна во тие меѓународни договори можат да бидат тужени од други страни, во случајот Македонија, затоа што ја дискриминирале нашата земја и дозволиле таа да не може да се зачлени под името што самата го одбрала. И зошто да не бидат тужени? Тие го прекршиле меѓународното право и ако како врвна светска организација не се подготвени да го почитуваат, тогаш зошто воопшто постојат

Неодамнешното обраќање на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на самитот на иднината во Обединетите нации во Њујорк беше вистински погодок во целта, во лице пред целата светска јавност да се каже дека Организацијата повеќе не функционира и дека е обичен параван зад кој се кријат големите светски сили да ги наметнуваат сопствените интереси.
Добро е што конечно некој проговори за она што нас нѐ тишти од ваквите преседани што ни ги направи ООН, наместо да зборува само за климатските промени и топењето на половина сантиметар мраз на Антарктикот, плашејќи се да спомене дека на земјава ѝ е направена неправда и дека помирувањето со таквата неправда не е решение, туку мора да се бара начин како да се исправи таа неправда.
Малку е веројатно дека Обединетите нации вакви какви што се ќе имаат капацитет за сопствена реформа, имајќи предвид дека на постојаните членки во Советот за безбедност на ОН такво нешто не им одговара бидејќи прават што сакаат, без некој да ги спречи во нивните намери. Истата таа ООН ги фрли на буниште меѓународното право, сопствената Повелба и голем број други конвенции што беа гарант и единствена алатка за одбрана на помалите држави од експанзионистичките цели на моќните држави.
За жал, Македонија врз своја кожа го почувствува тоа, кога спротивно на Повелбата на ОН не ѝ беше дозволено да се зачлени во Светската организација под државното име што самата го одбрала – Република Македонија, туку спротивно на меѓународното право, ѝ беше доделена меѓународна референца, нешто невидено во досегашната светска практика.
Да биде апсурдот уште поголем, истите тие ОН беа покровител на преговори за нешто што претставува суверено право на секоја земја, за нејзиното име, што повлекува и име на нацијата и јазикот. Уверувањата дека се работи само за името, а друго ништо нема да се смени, се обични приказни за мали деца бидејќи токму од името потекнува сѐ друго.
Токму затоа, колку и да изгледа неверојатно и невозможно, сепак, ако ОН решат да се вратат на постулатите врз кои се оформени, тогаш не само што има реална шанса туку треба да претставува императив за секоја генерација политичари во земјава да се борат за она што значи меѓународно право и негово беспоговорно почитување.
Ако ОН ги прекршуваат сопствените конвенции, тогаш како договорна страна во тие меѓународни договори можат да бидат тужени од други страни, во случајот Македонија, затоа што ја дискриминирале нашата земја и дозволиле таа да не може да се зачлени под името што самата го одбрала. И зошто да не бидат тужени? Тие го прекршиле меѓународното право и ако како врвна светска организација не се подготвени да го почитуваат, тогаш зошто воопшто постојат, за да се среќаваат двапати годишно во Њујорк и таму светските државници да држат говори на однапред зададени теми? Не гледам никаква логика во тоа. Додека светот е на работ на трета светска војна и нуклеарен армагедон, климатските промени се многу помало зло во однос на деструкцијата што ја нанесува воената машинерија низ светот. Милијардите долари што се трошат на оружје ќе беа многу пополезно искористени да се нахранат гладните и да се искорени сиромаштијата на целата планета.

Ако не тужба, Македонија има и друга опција, на пример да го искористи палестинскиот пример од неодамна. Нека поднесе барање до Генералното собрание на ОН да се гласа за нашата одлука да го продолжиме членството во ОН под името Република Македонија. Таму се гласа со просто мнозинство и таа битка реално може да се добие, но повторно, ако ОН држат до меѓународното право.
Името на една држава е нешто најсвето, од него потекнува сѐ и не може тукутака да се откажеме од борбата за вековното име само за членство во организации што денес ги има, утре можеби и не.
И додека има повисоки структури што одлучуваат за иднината на светот, па и за организации како ОН, единствена наша алатка е меѓународното право и држењето исклучиво до него. Има паметни глави што знаат како да ги постават нашите позиции, исто како што беше случајот во предметот за името пред Меѓународниот суд на правдата. Таму целосно го добивме случајот, но затаи имплементацијата. А сето тоа можеше да се направи така што и НАТО и ЕУ ќе ја земеа предвид пресудата нас и на тој начин грчкото вето немаше да биде валидно бидејќи се коси со меѓународното право. Исто требаше да постапат и ОН пред 30 години.

Да ја примат Македонија под името Република Македонија и да ја упатат Грција недоразбирањата да ги решава билатерално со македонската страна. Подобро ќе беше и ако ОН спречеа многу инвазии врз држави направени без согласност на Советот за безбедност, бидејќи на тој начин светската организација ќе го имаше сиот кредибилитет и многу повеќе луѓето ќе веруваа во неа како чувар на светскиот мир. Вака сега ОН повеќе личат само на параван на агресивните светски политики, кои никој не може да ги спречи.
Не знам дали ОН ќе соберат сили за сопствена реформа, но знам дека нашата борба за достоинството мора да продолжи. Ниту бараме од некого нешто ниту сме му зеле некому нешто, туку сакаме да си го чуваме нашето, името што ни останало аманет од нашите татковци, дедовци, прадедовци… Името Македонија е вредно за неуморна борба, дури и тогаш кога изгледа дека не може да се добие. Едно име имаме и нема никој да ни го земе!