Вил Дјурант, истакнат историчар и филозоф, вели дека цивилизацијата најпрво однатре се разградува, а потоа жетварите (оние што ја посакуваат пропаста на дадената држава или нација) само ги режат житните стебла. Не случајно во светски рамки, на Западот и Истокот, голем број институции од различен ранг се посветуваат на причините за пропаѓањето на државите, нациите или, пак, општествата или
цивилизациите. За оваа проблематика постојат повеќе спротивни тези, но може да се забележи и една општа согласност дека цивилизациите или општествата пропаѓаат затоа што ги губат виталните способности за самоодржување
Опаѓањето, сѐ до падот или распаѓањето на државите, нациите или, пак, општествата или цивилизациите, може да биде предизвикано од недостигот од виталност, нешто што е особено видливо, на пример, при негативната стапка на наталитетот на населението, високата корупција, невладеењето на правото или, пак, лошиот квалитет на институциите.
Досега, во повеќе наврати во нашиот весник сме ги анализирале причините за ерозија на државата и нацијата како што се негативниот наталитет, емиграциите, корупцијата, владеењето на правото… итн. Овој пат малку би коментирал и би се задржал на (не)квалитетот на институциите како фактор на ерозија, односно на вредноста и позитивното својство на институциите доколку тие квалитетно функционираат, во согласност со законите и во функција на граѓаните. Недостигот од квалитет на институциите по автоматизам води кон нефункционален здравствен систем, нефункционално образование, нефункционално судство и сѐ така до бесконечност, то ест до нефункционална држава. За искажаното постојат голем број примери, како што е примерот со Шри Ланка кога снабдувањето со електрична енергија беше прекинато низ целата земја поради системска грешка или кога околу 2,3 милиони Венецуелци ја напуштија земјата поради недостиг од прехранбени производи и лекови. Можеме бескрајно да ја претресуваме оваа проблематика, но факт е дека (не)функционирањето на институциите се одразува во сите сфери.
Каде е Македонија како општество и држава во оваа приказна? Неодамна македонскиот Уставен суд донесе одлука за замрзнување на т.н. балансер затоа што уставните судии оценија дека вработувањата според етничка припадност ги загрозуваат човековите права, слободното изразување на националната припадност и достапноста до работни места. Притоа Уставниот суд информираше дека ќе побара мислење од македонското собрание, македонската влада и надлежните министерства, како и дека конечната одлука треба да ја донесе во рок од три месеци.
Функционалноста на институциите зависи од квалитетот на кадарот, односно од способностите и образованието на личностите што работат во одредени институции.
Доколку внимателно се анализира, никаде во светот не се вработува врз основа на етничката припадност, големите и моќни корпорации како „Амазон“ или „Гугл“ не вработуваат некого во зависност од религиозната или етничката припадност, туку врз основа на способноста на одредена личност. Религиозната или етничката припадност не треба да бидат предност, но не треба да бидат ниту пречка за вработување, но ова се решава врз основа на меритократскиот систем, кога се земаат предвид компетентноста и способноста. Не случајно, Соединетите Американски Држави во далечната 1883 година донеле закон со кој било утврдено дека работните места во администрацијата се доделуваат врз основа на заслужените оценки од конкурентни испити наместо преку дотогашната американска пракса – вработување поради одредени врски со политичарите или политичката припадност.
Можеби некој нема да се согласи со одлуката на македонскиот Уставен суд, но замрзнување на т.н. балансер може да доведе до создавање општествен слој во политичкиот, економскиот, културниот живот што ќе може да ја преобрази Македонија во сите сегменти. Нам, како држава и нација, ни е потребен естаблишмент што ќе се одликува со стремеж за благосостојбата и развој на заедницата, стабилност на општествениот поредок, стремеж кон развојот на чувство за заедништво и лојалност кон државата, стремеж за соработката меѓу заедниците во полза на државни и општествени цели. Во оваа смила Аристотел велел дека луѓето ќе станат добри само преку создавањето и одржувањето на општествените институции, како и дека политиката треба да усвојува перспективата на давател на закони, гледајќи го доброто на цела заедница, а не на неколкумина во зависност од нивата етничка или религиозна припадност.