Културните и креативните индустрии предизвик за туризмот, културата, културното наследство и економијата

м-р Александар Јорданоски

За да го лоцирам спојот на креативните индустрии и културното наследство ќе посочам не на законската дефиниција за културното наследство, туку на есенцијата на неговото значењето. Па така, заштитата на културното наследство во самата негова суштина е заштита на креацијата на живеењето, на уметноста на живеењето, на имагинацијата на осмислувањето на животот на секој народ, на секоја заедница во светот – и во материјална и во нематеријална смисла.

Глобалистичкиот пристап кон животот, кој речиси целосно е поврзан со урбаното живеење и нуди унифициран начин на живеење и поглед кон светот, не овозможува природен начин на пренесување на знаењата, умеењата, вештините и навиките од животниот циклус, од една генерација на друга, со што се загрозува богатството на светскиот културолошки диверзитет. Таа нишка на природно пренесување на колективната меморија, која е исклучително загрозена, УНЕСКО ја препознава и продуцира начини (преку своите конвенции и препораки) за да не згасне автохтоното генерирање на културната посебност на секој народ, односно заедница во светот.

За да бидам конкретен во предлогот, доаѓаме до нематеријалното културно наследство, занаетите (во смисла на креативни индустрии) и Музејот на Македонија.
Музејот на Македонија, покрај основната задача да се грижи за движното културно наследство, од 2008 година е и овластен субјект за заштита на нематеријалното културното наследство. Оваа институција се наоѓа во срцето на старата скопска чаршија, местото на занаетчискиот еснаф. Искористувајќи ги законските надлежности за движното и нематеријалното културно наследство, се отвора можност за заштита на сите стари, ретки и занаети во исчезнување како културно наследство – и на нивните продукти (во материјална смисла) и на вештините, знаењата и умеењата за нивна изработка (во нематеријална смисла).

Оваа комбинирана заштита на занаетите понатаму може да се остварува и со даночни олеснувања и економски стимулации што произлегуваат од законски предвидените мерки за заштита на нематеријалното културно наследство, кои се направени во 2013 година со измена и дополнување на Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, од кои ќе ги издвојам: a) поттикнување на пренесување и негување на добрата во изворните и други средини; б) обезбедување одржливост на добрата по пат на формално и неформално образование и ревитализација на напуштените сегменти на доброто; в) поттикнување учество на заедницата и групата што го практикуваат доброто во изведување и пренесување на доброто; и г) едуцирање кадар за пренесување на знаењето и вештините по пат на работилници или неформално образование.

Креативните индустрии побаруваат краен иновативен производ или, во случајов, ревитализација на вештини, знаења и умеења што нудат краен производ што е во исчезнување од колективната меморија или има намалена продукција. Министерството за култура и туризам го има својот редовен механизам за економска стимулација на веќе заштитени добра преку Годишната програма за остварување национален интерес во културата, но тука треба да се вклучат и други надлежни органи на државата, како Министерството за економија или локалната самоуправа, во даночни олеснувања и класифицирање на заштитените занаетски дејности како загрозени и предвидување олеснителни мерки за нивно опстојување и одржување.

Ова значи повеќедимензионален пристап на заштитените занаетски дејности, бидејќи токму нивните производи се врзивното ткиво што ги привлекува туристите. Производите од креативните индустрии засновани на сите горенаведени мерки сами ќе си го најдат патот за развој и економска оправданост, а тука не е исклучена ниту иновативната надградба. Ако се земе предвид, пак, и амбиенталниот простор каде што се создаваат тие продукти, старата скопска чаршија на пример, која самата претставува заштитена целина, тука започнува културно-туристичката приказна, која понатаму продава сѐ.

Потребно е да излеземе од клишеата на класичната заштита, да го следиме времето на промени за да биде оваа дејност општествено продуктивна и економски исплатлива, а сепак во основата да си ја задржи заштитната улога.

Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство