Европската Унија: назад во иднината

Проф. Звонимир Јанкулоски

„ЕУ се смени. Нема враќање назад. Ги изгаснавме светлата зад нас и нема назад“. Ова се зборови на данската политичарка и еврокомесарка Маргрете Вестагер, кои го одразуваат расположението меѓу бриселската елита, изненадена од нивната способност да ја отфрлат бирократската дремка, да ја бранат Украина, да го прифатат проширувањето и да се приближат до исполнувањето на амбицијата на Урсула фон дер Лајен ЕУ да стане „геополитичка сила“. Но дали е тоа така? Наивно е што многумина сакаат да веруваат дека војната во Украина го разбуди „заспаниот џин“, мислејќи на Европската Унија. Сакаат да веруваат зашто цената на неуспехот е застрашувачки висока. Сè е загрозено во оваа војна: секој од основните принципи на европската безбедност е нападнат. Поимите за територијален интегритет, суверенитет, неприфатливост на агресија, незаконитост на воени злосторства се тестираат токму сега. Се тестира идентитетот на Европејците. Резултатите се важни. А искрено, она што се гледа е дека Европската Унија се обидува да се справи со своите растечки внатрешни поделби, појавените бурни облаци на популизам, кои се хранат со економскиот пад и миграцијата, и полека отстапување на власта на националистичката десница поповолна за Путин?

Дали ЕУ навистина може да стане посуверена или геополитичка? Дали војната во Украина фундаментално ја промени Европа, раѓајќи поинаков европски поредок? Дали се случуваат структурни промени во начинот на кој Европа е водена и организирана, кои се протегаат многу подалеку од непосредниот императив да ѝ се помогне на Украина да се бори против војната? И, дали европската интеграција се продлабочува во некои области, како одбраната и безбедноста, а ЕУ се чини е подготвена да ги прошири своите географски граници за да прими нови членки? Желби рој далеку од реалноста. Зашто, досегашните промени беа ад хок и целисходни, без каква било јасна рамка за структурирање на нов повоен европски поредок. Тие сами по себе не претставуваат кохерентна или длабоко вкоренета визија за посилна и стратегиски умешна Европа. Сепак, владите и институциите на ЕУ остануваат во краткорочна криза. Налетот на промени во политиката на ЕУ допрва треба да се претвори во јасна сеопфатна стратегија за редизајн на европскиот поредок. Засега, идејата дека војната „промени сè“ во Европа изгледа како неоправдано претерување. Особено што како војната во Украина полека влегува во својата трета година Европа сѐ повеќе ги покажува своите мани. Европските држави успеаја да останат обединети во санкционирањето на Москва и поддршката на Киев на воено, хуманитарно, економско и политичко ниво. Сепак, оваа кохезивна акција може да биде сериозно тестирана доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа по претседателските избори во ноември, што би значело намалување на нивото на солидарност на САД. Со текот на месеците се отвора дискретен, но многу реален јаз: североисточниот дел на континентот е на воена основа, на првите линии против руската закана, додека понатаму на запад и на југ другите земји заземаат сѐ помалку егзистенцијален поглед на конфликтот.

Станува сѐ поочигледно дека војната во Украина за рускиот претседател Владимир Путин, повеќе не е за Украина, туку за воспоставување „нов светски поредок“ наспроти оној на Западот. Не гледам дека европските лидери наоѓаат соодветно решение за предизвикот што го поставува руското раководство за поредокот заснован на правила. Гледам како пролонгирањето на војната ги слабее темелите и основните принципи на европскиот поредок поставувајќи такви предизвици што ги принудува поединечните влади на одбранбени мерки, кои ги одразуваат нивните непосредни индивидуални интереси. Она што е очигледно: Европската Унија е заглавена во процепот помеѓу старата организациска форма и нужната потреба од нејзино менување. Некои теоретичари сѐ повеќе зборуваат за некаква нова геолиберална Европа по војната, која ќе ја одрази новата геополитичката реалност во светот, но и либералните и демократските вредности што треба да ја дефинираат Европа. Не знам кои други ја дефинираа Европа досега?

Во Украина е загрозена иднината на Европа. Иако сакам да бидам оптимист, не гледам позитивно сценарио за Европа, како и да заврши војната. Продолжена војна ќе доведе до раст на популизмот и корупцијата во ЕУ, растечки внатрешни поделби и други проблеми, како што е миграцијата од двете Украина и Русија. Процесот на проширување на ЕУ ќе забави, а како резултат на тоа, ЕУ би можела да се обиде да ги искористи своите средства за поддршка на Украина преку промовирање делумно пристапување во некои области на ЕУ, како што се структурните фондови, на пример, но не успевајќи да постигне целосно проширување. Продолжената војна ќе ја ограничи економската соработка на ЕУ со други источноевропски земји, а поради постојаниот геополитички притисок, економските разлики меѓу земјите членки на ЕУ може да се зголемат. Повторната ескалација на војната ќе доведе до проширено европско неединство, особено ако Доналд Трамп дојде на власт во САД: Западна Европа наспроти Источна Европа и северните земји наспроти јужните. ЕУ повеќе не би била унија на вредности, туку меѓувладина конфедерација. За проширувањето веќе не може да се зборува во ваква ситуација. Ескалацијата на војната и можноста за ограничени нуклеарни и хибридни операции сигурно е најнепосакуваното сценарио зашто тоа ќе значи реструктурирање на светот и сојузите какви што ги познаваме досега. Европа во тоа сценарио сигурно губи. Всушност сите сценарија се неповолни за Европа. Затоа надреално звучат повиците на „некои“ Европа да размислува и да дејствува како суперсила. И дека моментот е сега. За жал, моментот не е ниту сега ниту во иднина. Моментот е да ѝ посакам на Европа добредојде назад во иднината.