Новите македонски членови во историската комисија не треба да испорачаат успеси, односно да ги убедат Бугарите да прифатат дека Гоце Делчев е Македонец и дека немаме заедничка историја со Бугарија. Тоа нема никогаш да се случи, барем не во скорашно време. Нивната основна задача не е ниту одбрана на македонските национални интереси, впрочем тоа е должност на македонската влада. Покрај познавањето на историјата, македонските членови треба да имаат став за бруталноста што доаѓа од бугарска страна, односно да го бранат достоинството на македонскиот народ и да не ги забораваат зборовите на Крсте Петков Мисирков
Македонската влада на затворена седница, како прашање од висок приоритет, го смени македонскиот состав во фамозната комисија за историски и образовни прашања. Сосема очекувано, оваа информација беше негативно интерпретирана во бугарската јавност, а дури и некои македонски кругови искажаа одредени критики. Новите промени во историската комисија беа протолкувани како политизирање на нејзината работа, како и дека македонската влада со овој чекор дава предност на преговорите за историските теми, на штета на евроинтеграцијата на Македонија во Европската Унија. Во оваа конотација се и негативните критики дека македонските членови во историската комисија треба да работат врз научниот принцип, односно дека треба да го толкуваат минатото врз основа на сведоштвата и изворите, односно дека нивна работа не е да ги штитат македонските национални интереси. Каков апсурд!
Македонско-бугарските односи повеќе од еден век се комплексни, а сегашната бугарска позиција има своја предисторија. Одредени политичко-општествени кругови во Македонија без соодветна анализа и консултации со добро упатени во оваа проблематика го прифатија т.н. Договор за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, од каде што произлезе и фамозната историска комисија, надевајќи се дека на тој начин ќе се избегнат проблемите со официјална Софија, како и евентуалното вето. Доколку внимателно се анализира, неизбежен е заклучокот дека најголемата грешка од македонска страна е верувањето дека другата страна ќе биде прагматична и дека ќе може да се дојде до заеднички договор за одредени историски теми. Но т.н. Договор за пријателство беше добро подготвена мамка, која некој ја протолкува како добра волја на Софија.
Политиката е сложено нешто, а бугарските кругови многу добро ја разбираат, за разлика од некои македонски политичари и аналитичари. Договорот помеѓу Македонија и Бугарија од 1 август 2017 година, од бугарска страна беше прифатен за да се добие на време и да се проследат постапките на македонската страна. Како клучен настан за идните македонско-бугарски односи се покажа Преспанскиот договор, кога ние, како држава, општество и нација, дозволивме да се направат апсурдни отстапки, кои од Софија беа протолкувани дека Македонија ќе прифати сѐ само за да влезе во Европската Унија. Во тој момент, бугарската страна се радикализира и започнаа коментарите дека сме се откажале од името и од античкото минато, па сега ќе се откажеме од сѐ и ќе прифатиме дека македонскиот народ е политичка конструкција што егзистира неколку децении. Така резонираше Софија!
Во тој момент, односот на официјална Бугарија кон сѐ што е македонско стана брутален. Тоа се потврдува од изјавата Екатерина Захариева, поранешната бугарска министерска за надворешни работи, која кажа дека македонскиот јазик е „напишан во 1945 година, на основа на западнобугарскиот дијалект. Смениле единствено некои… малку граматика, малку додале зборови од еден друг соседен јазик“. Не треба да го заборавиме и искажувањето на Ангел Џамбаски – „Македонија без Бугари, оган да ја гори“ или заканите на некои бугарски политички субјекти дека западните покраини, вклучувајќи ја и Македонија, засекогаш се бугарски.
Од потпишувањето на Преспанскиот договор, па сѐ до денес, официјална Софија, директно или индиректно, на секој можен начин, не само што национално ги обезличува македонскиот народ и неговите особености туку и најдиректно ги дехуманизира. Оттука не можеме да говориме дека новите промени од македонска страна се политизирање на комисијата, напротив досегашните македонски членови не се изјаснуваа за бугарските бруталности.
Новите македонски членови во историската комисија не треба да испорачаат успеси, односно да ги убедат Бугарите да прифатат дека Гоце Делчев е Македонец и дека немаме заедничка историја со Бугарија. Тоа нема никогаш да се случи, барем не во скорашно време. Нивната основна задача не е ниту одбрана на македонските национални интереси, впрочем тоа е должност на македонската влада. Покрај познавањето на историјата, македонските членови треба да имаат став за бруталноста што доаѓа од бугарска страна, односно да го бранат достоинството на македонскиот народ и да не ги забораваат зборовите на Крсте Петков Мисирков, кој велеше „нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не’ прашаат за сите прашања што не’ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се’ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас“.