Многу држави во Европа и во светот, денес се соочуваат со еден современ културолошки феномен наречен метрополизација на културата. Ова подразбира концентрација на културните установи во метрополата, односно главниот град на државата, што значи побогат и подинамичен културен живот во престолнината во однос на помалите градови. Овој општествен феномен не ја одминува ниту нашата држава. Најмногу културни институции и установи во Македонија се концентрирани во главниот град Скопје, а со тоа и застапеноста на културните настани во него. Овој феномен е синоним за скопјеизација на културата. Меѓутоа, во летниот период, повеќебројни се културните настани во помалите градови отколку во главниот град.
Медиумите, особено печатените медиуми отсекогаш покажувале интерес кон темите, проблемите и настаните од културата. Тие со голем интерес ги регистрираат културните настани во државата. На оваа проблематика често се осврнуваа и електронските медиуми (радио и телевизија).
Во поголемите градови во Македонија се одржуваат традиционалните културни манифестации под називот „културни лета“. Исто така, во летниот период Министерството за култура ја имплементира акцијата „Топол културен бран“, кое од буџетот на Република Македонија финансира одржување културни настани во помалите градови во државата, со што одредени културни настани се доближуваат и до граѓаните од помалите населени места.
Од 2022 година, Министерството за култура одредува град на културата со цел да се создадат услови за рамномерен културен развој и да се овозможи достапност на културните настани за граѓаните, како и да се поттикне заживувањето на културата на локално ниво. Прв град во Македонија што ја доби титулата град на културата беше Штип, а во наредните две години се одредени Крива Паланка и Крушево.
Метрополизација и деметрополизација на културата
Метрополизацијата е индустриски феномен и таа е тесно поврзана со процесот на развојот на индустриското и потрошувачкото општество. Метрополизацијата ја дефиниравме како процес на концентрација на институциите и установите во главниот град (метрополата) на една држава. Деметрополизацијата можеме да ја детерминираме како обратен процес од метрополизацијата, односно преселување на институциите и установите од главниот град (метрополата) во други помали населени места (општини). Најрелевантната научна институција во нашата држава, МАНУ, го детектира овој предизвик и поради тоа на чинителите во културата им предложи да го менуваат курсот на културната политика во државата.
Македонија, како и многу други држави во светот, се соочува со проблемот на метрополизација на општествениот живот, вклучувајќи ја и културата. Скопје како главен град на Република Македонија има најголема концентрација на културни установи и институции, па затоа во него се одржуваат најголем број културни настани.
Пред околу една деценија претседателот на МАНУ, д-р Владо Камбовски, воочувајќи го овој проблем изјави дека: „Неопходно е сите сегменти од општественото живеење да се развиваат и во другите делови на државата, а не да се централизираат во најголем дел во Скопје“… бидејќи одделни региони се соочуваат со пад на наталитетот и иселување. На овој план, во Србија, министерот за култура најавувајќи ја новата стратегија за развој на културата во државата, изјави дека е неопходна „деметрополизација на театрите во Србија и дека тоа ќе биде можност и луѓето во малите места да гледаат убави театарски претстави“.
Градот Охрид како културна метропола
За да утврдиме со факти кој е главен и најважен град на културата во Македонија во летниот период направивме анализа на медиумските известувања, особено на традиционалните медиуми, поточно во дневниот печат. Од анализата на содржината на текстовите во печатените медиуми најмногу текстови се напишани за културните настани во Охрид („Охридско културно лето“, фестивали), за кои се напишани вкупно 75 текста, потоа следува Битола („Битфест“, фестивалот „Шекспир“) за што се напишани вкупно 50 текста, на трето место се културните настани во Скопје со 43, на четврто место се културните настани во Велес со 31, на петто место се културните настани во Струга со 25, на шесто место е Галичник со 16, Прилеп со 13, Штип со 11, Струмица со седум текста итн.
Недвосмислено податоците покажуваат дека во летниот период главниот град Скопје не е културна метропола во Република С. Македонија, бидејќи две третини од културните настани се одржувале надвор од метрополата. Овој епитет во летниот период го добива градот Охрид, пред сѐ поради најголемиот број културни настани (фестивали, манифестации, театарски претстави, ликовни изложби, концерти). Секако, најзначајна манифестација е меѓународната културна манифестација „Охридско културно лето“. Сите дневни печатени медиуми пишуваат за културните настани што се во рамките на овој реномиран меѓународен фестивал. Секое лето Охрид е културна метропола во Македонија, бидејќи градот и неговите културни институции пулсираат со многу културни настани. Освен „Охридското културно лето“, во градот се случуваат и многу други културни настани од национален и меѓународен карактер. Речиси секоја улица во Охрид е културно катче каде што се одвива некој културен настан. Прекрасните културни настани се магнет за туристите, кои бараа место повеќе да ги проследат настаните.
Деметрополизација на културата во Европската Унија
Феноменот метрополизација на културата е присутен и во развиените држави во Европа. Со цел да се минимизира ваквата негативна тенденција во сферата на културата беше воведена манифестацијата „Европски главен град на културата“. Како започна? Во 1985 година, поранешната актерка Мелина Меркури, тогашна министерка за култура на Грција, и нејзиниот француски колега Жак Ланг дојдоа до идеја секоја година да се одредува (избира) град на културата во Европа, со цел истакнување на културната разноликост и културното богатство на европскиот континент и афирмација на националната култура и националниот идентитет на сите држави членки на ЕУ. Една студија од 2004 покажала дека изборот на европската престолнина на културата служи како катализатор за развој на културата, урбаната и инфраструктурна трансформација на градот. Европска престолнина на културата е град назначен од ЕУ за период од една календарска година, во која се организираат многу културни настани со значајна европска димензија. Оваа манифестација претставува своевидна деметрополизација на културата во Европа, бидејќи поголем број од градовите престолнини на културата не се главни градови на соодветната држава. Во почетокот беше одредуван само еден град, а подоцна повеќе градови од различни држави од Европа. Прв главен град на културата во Европа беше Атина. Напоменуваме дека за европски главен град на културата во 2028 година е одреден и нашиот главен град – Скопје.
Што можеме да заклучиме?
Феноменот на метрополизација на културата е присутен во сите држави во светот, па и во Република Македонија. Девет месеци од годината над 50 отсто од сите културни настани во државата се одржуваат во главниот град Скопје. Во летниот период во Република Македонија се појавува феноменот на деметрополизација на културата во облик на културни лета и летен културен бран. Ова подразбира дека две третини од културните настани се случуваат во другите градови од државата, особено во Охрид, Битола, Штип, Куманово, Прилеп и др., со што главниот град Скопје во летниот период го губи приматот на културна престолнина. Неофицијален главен град на културата во државата станува Охрид.
Во летниот период (90 дена) во печатените дневни весници се објавени околу 300 текста за културата и културните настани. Во просек дневно биле објавувани повеќе од три текста.
Печатените медиуми во Република Македонија преку свои текстови одвојуваа простор и соодветно внимание на прашањето на културата и културните настани во однос на значењето за афирмацијата на културата и културните настани и вредности. Најголем дел од текстовите имаат неутрална вредносна ориентација, а значаен дел од текстовите се со позитивна вредносна ориентација. Внимание на ова прашање посветија речиси сите дневни печатени медиуми во државата, најмногу „Нова Македонија“, потоа „Вечер“ и на трето место е „Слободен печат“. Евидентно е дека преовладуваат кратките текстови со (44 отсто) застапеност, потоа следуваат текстовите со средна големина (25,6 отсто), а на трето место се големите текстови (14,1 отсто). Само 5,5 отсто од текстовите од културата биле опфатени на цела страна.
Од наведените податоци можеме да заклучиме дека печатените медиуми во наведениот период посветувале соодветно внимание на прашањето за културата и културните настани во Македонија.
Исто така, евидентно е дека меѓу жанровите што медиумски го обработуваат прашањето на културата и културните настани апсолутно доминираат веста и извештајот. Културните настани и проблеми многу малку се коментираат. Во однос на рубриката на застапеност на текстовите евидентна е голема хетерогеност на рубриките. Најзастапени се текстовите во рубриката „Култура“, „Актуелно“.
проф. д-р Андон Мајхошев