На почетокот на учебната година
Друштвото на писателите на Македонија и јапонската амбасада во нашата земја формираа Здружение на хаику-автори и вљубеници. Хаику е куса, јапонска поетска форма со строго определени норми. Има само три стиха и 17 слога, распоредени според шемата: 5/7/ 5. Во македонското јазично подрачје влезе преку преводот на „Антологија на јапонската хаику-поезија“ во 1961 година, подготвувана преку превод од руски јазик од Томе Арсовски, писател и преведувач. Во неа се претставени и четирите најпознати хаику-автори: Башо (1644- 1694), Буса (1716-1783), Иса (1763-1821) и Шики (1864-1902).
По тој повод во денешниот број на „Колибри“ објавуваме во хаику-поетика циклус од А до Ш, чиј автор е познатата писателка Бистрица Миркуловска.
А Азбуката ни
е низа алтанчиња –
алтан азбука.
Б „Биљана платно
белеше…„
Но Лихнида платно не бели.
В Вруток и Вардар –
видливи водотеци
восхитуваат!
Г Гугутката од
густа грмушка
„Гу-гу“ – гласно гукала.
В Дали е можно
две добри другарки да
станат душманки?
Ѓ Ѓурѓовден – цвета
ѓул трендафил мириса,
и ѓурѓовденче.
Е Елегии се
испеани за Орфеј
и Евридика.
Ж Жештина… Жетва…
Жетварки и жетвари
жито жнееле.
З Златна зорица
зазорила, земјава
ја позлатила…
Ѕ Ѕунат ѕвончиња…
по дождот – сонцето и
светна ѕуница….
И Изгрев Илинден,
името илинденско
е вековито!
Ј Јана, Јованка,
Јаглика и Јулија
јадат јаготки.
К Калина на коњ
качена кинисала
кај комитите.
Л „Лист по лист реди
лист по лист во монопол
калапи…“ Ленка.
Љ Љуба, Љубица,
Љерка, Људмила љубат
бели љиљани.
М Македонијо,
мила мајчице мене
си ми најмила!
Н Нишан ти пратив.
Надежно чекав.
Зошто ме нејќеш?
Њ Њискаат коњи
преку полиња њиска
коњаницата.
О Од Галичица
Охридско Езеро
е огледало.
П Пуста печалба!
Птица не прелетува…
Песна папсала…
Р Радица, в росно
утро преминала преку
река Радика.
С Света слобода,
сонце и синевина
посакуваме!
Т Танцуваат низ
тревки и трепетлики
тивки светулки…
Ќ Ќулавката ми
остари, ќе си купам
нова ќулавка.
У Украси куќа,
училиште, улица…
Не уништувај!
Ф Филџани кафе
испив со филолози
и филозофи.
Х Хероите се
живи во алејата
на хероите.
Ц Цветна градина –
цвеќе цвета, мириса,
спокој царува.
Ч Чаршиите без
чираци. Чардаците
без чучулиги.
Џ Џивџанчиња си
џивкаат и џарат
во џунџулиња.
Ш Шумат шумите…
шумарите ги штитат
од штетниците.
За авторката
Нашата истакната писателка и професорка Бистрица Миркуловска е родена на 14 март 1930 година во Скопје. Завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и постдипломски студии од областа на македонистиката. Била професорка на Филолошкиот факултет во Скопје и лекторка по македонски јазик и литература на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка.
Членка е на Друштвото на писателите на Македонија од 1971 година. Во претседателството на ДПМ била членка од 2000 до 2002 година, а била и претседателка на Комисијата за активности на писателите за деца. Авторка е на голем број книги поезија, раскази, романи, хаику, поезија, романи и раскази за деца.
Од творештвото за деца на оваа мошне плодна авторка ќе ги споменеме книгите: „Цвеќенца“, „Градинче“, „Првачиња“, „Празнични виделини“, „Виножито“, „Сите деца мили“, „Ѕвездена“, „Виделина“, „Клучарчиња“, „Тополите на крајот од дедовата ливада“, „Лице и опачина“, „Цвеќе на мирот“ и „Далечни проблесоци“.
Бистрица Миркуловска е плодна и како преведувачка од македонски на словенечки и од словенечки на македонски јазик, а за преведувачката дејност со опус од дваесет и две книги е повеќепати наградена.Добитничка е и на повеќе награди за поезија доделени од Друштвото на писателите на Македонија и од Здружението на просветни работници литературни творци на Македонија, кое ѝ додели и награда за животно дело. Последниве неколку години е фокусирана на поезијата за возрасни и објавува книги од тој жанр. За поетската збирка „Фатаморгана“, ДПМ во 2017-та на Миркуловска ѝ ја додели наградата „Даница Ручигај“.
Бистрица Миркуловска со самофинансирање објави седум хаику-збирки.