Јазикот е нашата татковина

Изминатите години се покажа дека наместо офанзива во она што значи заштита на идентитетот, јазикот, историјата и културата, се случи обратното, масовна распродажба на националните интереси само за некои ветувања за кои никој не е сигурен дека ќе се исполнат. Во меѓувреме, кога се соочуваме со негација на јазикот од страна на некои од соседите, наместо да почне масовна афирмација така што ќе се отвораат лекторати, катедри по македонски јазик на сите европски и светски универзитети, се случува и тие што беа отворени да се затвораат. Сега државата се сведе на 11 активни лекторати, со што македонскиот јазик полека исчезнува од светската јазична мапа

Во време кога македонскиот јазик е цел на напади од сите страни, неговата одбрана е најсветата мисија што треба да ја има една држава. Јазикот е нашата татковина, ќе порача еден од најголемите македонски дејци Блаже Конески, со што ќе ја каже сета мудрост што значи еден јазик за еден народ, за неговиот идентитет, историја и култура. И сето тоа е убаво и длабоко кажано, но со плитки размислувања и никакви дејствувања од страна на оние што треба да го штитат јазикот, тогаш тој е оставен на оваа балканска ветрометина каде што секој сака да приграби нешто туѓо, некој територија, некој малцинство, некој историја, некој култура, а некој сето тоа заедно. И сите сакаат да приграбат од Македонија, откако постои светот и веков.
Кога сме свесни каде и со кого живееме наоколу, тогаш тоа е дополнителен мотив да се работи на заштита на јазикот, како единствено средство за кое не постојат граници и кое ги поврзува нашинците каде и да се наоѓаат поблиску со својата татковина.
Изминатите години се покажа дека наместо офанзива во она што значи заштита на идентитетот, јазикот, историјата и културата, се случи обратното, масовна распродажба на националните интереси само за некои ветувања за кои никој не е сигурен дека ќе се исполнат.
Во меѓувреме, кога се соочуваме со негација на јазикот од страна на некои од соседите, наместо да почне масовна афирмација така што ќе се отвораат лекторати, катедри по македонски јазик на сите европски и светски универзитети, се случува и тие што беа отворени да се затвораат. Сега државата се сведе од 25 на 11 активни лекторати, со што македонскиот јазик полека исчезнува од светската јазична мапа.
Вината за ваквите состојби треба да се бара кај поранешната влада, која наместо да води борба за македонскиот јазик, таа борбата ја сведе на флоскулата дека сме потпишале договор на македонски јазик со Фронтекс, небаре претходно договорите ги потпишувавме на клингонски.

Но нејсе, таа влада не покажа елементарен интерес за македонскиот јазик, туку многу повеќе форсираше двојазичност внатре во државата отколку да се заложи за одбрана на македонскиот јазик од туѓите напади. Ингеренциите беа под капата на МОН, на Министерството за надворешни работи и на Министерството за култура, но овие три министерства претходно не покажаа елементарна грижа за заштита на јазикот и наместо да одвојат сериозни средства за лекторатите во странство, тие еднаш во годината ќе испратеа понекој свој претставник на манифестација посветена на денот на македонскиот јазик, ќе прочитаа пар хвалоспеви за јазикот, ќе се сликаа пред медиумите и толку.
А кога нема пари, нема ни лекторати. Па наместо врвни професори од нашите универзитети, на предавањата во лекторатите одеа асистенти оти средствата беа доволни колку да им се исплати некаков минимален хонорар. Дополнително, тие луѓе надвор немаа ниту пристојно сместување, па добар дел од нив од свој џеб ги плаќаа и кириите, се хранеа по студентски мензи и сендвичарници, односно живееја втор студентски живот. Уште ајвар оддома да си понесеа, па сликата да беше комплетна.
Е, на тоа дереџе беа сведени луѓето што требаше да работат во лекторатите и да го афирмираат македонскиот јазик низ Европа и светот само затоа што државата наместо за наука, повеќе пари одвојуваше за фолклорни фестивали во соседни земји и за заштита на културата и традицијата на други земји.
И кога нема луѓе што ќе држат предавања, тогаш нормално и лекторатите полека ќе замрат со својата работа, оти за бадијала никој не работи. Колку и да ја сака својата земја, својот јазик, својот народ, сепак, од нешто треба да живее, да се прехрани, да плати сместување, сметки…
Целосно неразбирливо е некој толку да не води грижа за јазикот, особено во време кога тој е цел на постојани напади и негирања и кога во ЕУ стои јасна фуснота од страна на Бугарија дека за нив македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Значи тоа стои во ЕУ-документ. Толку од заценетираната позиција на јазикот, кој демек ни го одбраниле претходните власти. Ако го одбранеа, тогаш немаше да има никакви фусноти.

Во меѓувреме, додека нашите лекторати се намалуваат, другите земји драстично го зголемуваат бројот на лекторати, а Хрватска веќе надмина над 40 лекторати низ светот. Факт е дека јазиците на земјите што се членки на ЕУ се попримамливи за изучување, но никој не ја спречува Македонија како држава со една агресивна политика на овој план и со издвојување пристојни средства да го наметне и македонскиот јазик меѓу младите Европејци, да го побуди интересот за негово изучување преку историјата и културата што битисува на ова мало парче библиска земја. Доволно е да се издвојат доволно средства, да се ангажираат професори повремено да држат предавања на европските катедри и работата ќе живне. На зима нека се организираат вакви предавања во Охрид, при што државата ќе субвенционира млади студенти од Европа да доаѓаат тука и да го изучуваат македонскиот јазик. Јазикот мора да се афирмира постојано, бидејќи единствено на тој начин ќе се заштити.
Новата влада најави дека драстично ќе ја промени ситуацијата, така што останува да видиме дали ќе го исполнат она што го ветуваат. Во спротивно, негрижата за јазикот води кон негово изумирање. Кога ќе го снема јазикот, ќе го снема и народот, а токму тоа го посакуваат многумина.