Со децении црвеното знаме со црн двоглав орел, односно албанското државно знаме, сосила се турка да стане симбол на великоалбанство, шовинизам, нетрпеливост, хегемонија… Тие што го туркаат тоа несвесно (или токму свесно) влегуваат во шемата на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Зошто токму во овој период повторно се повампирува великоалбанската симболика? Така, албанска радикална симболика ја надвладува традиционалната етнографија (на симболите како што се знаме, грб и сл. се додаваат и карти на голема Албанија и слични мегалодржавни манифестации(!?), се предимензионираат симболите или се истакнуваат на несоодветни места…) и сето тоа во пакет наметливо се манифестира во македонското општество, како обид за мобилизирање радикализам во албанските средини. Зошто?
Поради одредени интереси во изминатиов период, македонското општество е сведок на албанскиот радикален националистички изблик, особено видливо при поставувањето на огромното државно знаме на Република Албанија на верски објект во Куманово. Овој чин има неколку апсурдности. Најпрво е спротивно од Законот за употреба на знамиња во Република Македонија, а од друга страна се поставува државно знаме на туѓа држава на верски објект, конкретно на џамија. Исламот не познава етничка вероисповед, еден муслиман може да има македонско или турско потекло, оттука поставување државно знаме е навреда за оние муслимани што не се идентификуваат со албанската држава, но и богохулење на Куранот и пророкот Мухамед, нека е мир со него.
Истовремено, многумина во Македонија забораваат дека црвеното знаме со црн двоглав орел во центарот е државно знаме на Република Албанија, а не етничко знаме на албанскиот народ, всушност етничкото албанско знаме е црно-црвено без двоглав орел. Со децении, во ваков контекст, црвеното знаме со црн двоглав орев, односно албанското државно знаме, станува симбол на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Оттука јасна е пораката што се испраќа од Куманово, но останува нејасно зошто токму во овој период повторно се повампирува великоалбанската симболика. Доколку внимателно се анализира, може да се заклучи дека во последните месеци дојде до одредена промена во политичкото битисување во Македонија, промена од која некој се плаши. Затоа албанската радикална симболика повторно се манифестира во македонското општество, како обид за мобилизирање на радикалните албански средини.
Во Македонија живее македонскиот народ, но и припадниците на други етнички заедници, како што се Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи и сѐ така до бесконечност. Во голема мера, македонските граѓани, без разлика на нивната етничка или религиозна припадност, ја чувствуваат Македонија како своја татковина, а преку своето суштествување потврдуваат дека се лојални граѓани.
Меѓутоа одредени албански политички структури во недостиг од резултати и решенија во полза на албанската заедница во Македонија, како што е недостигот од водовод во Арачиново, се обидуваат да ги изманипулираат македонските граѓани од албанско потекло.
Поради овие тенденции ќе мора да припомниме што велеше Крсте Петков Мисирков: „Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси… Долгот кон народот е тесно поврзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно поврзан со поимот татковина. Долгот кон народот и татковината зависи од историските состојби што ги преживуваат еден народ и една земја.
Тој се применува според состојбите. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек… Искажувањето на своето разбирање на народните идеали и критиката на таквите не е празна работа, зашто идеалите се душата на општата народна работа и од здравоста на таа душа зависат и здравоста и плодовитоста на самата општонародна работа. Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот“.
Со други зборови, Мисирков вели дека нацијата е едно големо другарство, дека нацијата е поврзана со татковината и секој свесен човек треба да се стреми кон остварување на општите интереси. Сите граѓани на Република Македонија, без разлика на етничката или религиозна припадност, имаат заеднички интереси, како што се повисоки плати и пензии, борба против корупцијата и евроинтеграции, а не богохулење на верските објекти. Оттука, македонските граѓани со албанско потекло треба да разберат дека лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот.